ОДЕТЕ СИ, БРУКА СТЕ, РАСПАЛИ СУДИЈАТА САВЕСКИ ПО СУДСКИОТ СОВЕТ Таквите навреди се непочит кон колегите, опомена адвокатот Страшевски

Начинот на кој Судскиот совет ја избра судијката Даниела Димовска за в.д. претседател на Кривичниот суд како 11-то рангирана на листата, предизвика низа реакции, но и навреди, а полемика имаше и на самата седница меѓу членовите.

9,191

„Одете си од таму веќе! Доста е од вас! Брука сте! Срам сте за судиите кои гласале за вас!“ реагираше остро судијата од Кривичниот суд Ненад Савески на одлуката на Судскиот совет судијката Даниела Димовска да биде избрана за в.д. претседател на Кривичниот суд, како 11-то рангирана на листата. На реакцијата на судијата Савески, пак, реагираше адвокатот Јовица Страшевски кој напиша е таа е „Брука, срам и непочит кон колегите!“

Начинот на кој Судскиот совет избра в.д. претседател на Кривичниот суд предизвика низа реакции, а полемика имаше и на самата седница меѓу членовите.






Членот на Советот, судијката Данка Ристова, која е координаторка за овој скопски суд ја предложи Димовска за в.д. претседател. Таа објасни дека Законот за судови пропишува дека за вршител се поставува судијата кој во последната година има највисока оцена, но, во последната година судиите од Кривичниот суд не биле оценети, затоа што Законот за Судскиот совет предвидува дека редовното оценување се врши на 4 години. Поради ова оценката не е критериум да ја предложи Димовска за вршител на должноста.

– Сметам дека нејзиното досие и биографија укажуваат дека ќе одговори на предизвикот со нејзината способност за комуникација и со менаџерските способности – рече Ристова, додавајќи дека така мисли и од личните контакти на семинари со неа,

На ова во дискусијата се надоврза членот Антоанета Димовска. Таа ја пофали предложената кандидатка и ја презентираше нејзината биографија. Додаде и дека ѝ била ментор.

– Ако нешто речете за вас дека е невозможно, таа ќе направи да биде возможно. Практично размислува, брзо мисли, организирана е многу. Ова го кажувам зошто лично ја познавам“, рече Антоанета Димовска, членка на Судски совет.

За разлика од двете членки, кои доаѓаат од редовите на судиите, членката Тања Чачарова Илиевска рече дека не се согласува дека постои колизија на Законот за судовите со Законот за Судскиот совет. Чачарова Илиевска смета дека последната оценка важи 4 години и праша зошто се постапува спротивно на Законот за судовите и досегашната пракса.

– Тоа што сте ѝ биле ментор, ви е вас критериум за да прескокнеме 10 судии во тој суд со повеќе бодови од предложениот кандидат. Ајде да се раководиме од препораките на Оценската мисија на ЕУ и да дадеме образложение зошто ги прескокнувате тие судии пред неа – рече Тања Чачарова Илиевска, која е членка на Советот, избрана од Собранието од редот на истакнатите правници.

Димовска беше избрана со 10 гласа „за“ и 2 „против“.

По денешната расправа судијата Савески распали по Судскиот совет, особено по Антоанета Димовска.

„Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на член 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот Судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите, нè претставувате нас судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си оттаму веднаш и престанете да им штетите на судиите. Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“, напиша судијата Ненад Савески на социјалните мрежи.

На ова реагираше адвокатот Јовица Страшевски.

„Честитки за изборот на Даниела Димовска за в.д претседател на Основниот Кривичен суд Скопје. Искрено како сограѓанин и како колега го почитувам Ненад Савески, но мислам дека со вака изразен револт на ваков начин не доликува на почитуван судија, не со ваков тон и речник.

Истото го говорев јавно и пред два дена и за градоначалникот на Струмица. Секој има право на свое мислење, но не и да јавно навредува, да повикува и ж споменува семејства на социјалните мрежи, особено не интелектуалци. Има правни процедури кои треба да ги искористат доколку има незадоволство и пропусти во постапката, но не и вака јавно да се навредува“, напиша адвокатот Страшевски.

Даниела Димоска лично не ја познавам, додава тој, ја знам како судија во неколку мои предмети, каде имала коректен однос, како кон обвинетите, така и кон адвокатите.

„Ја видов нејзината импозантна биографија, од демонстратор на Правниот факултет Скопје, добитник на неколку престижни награди, преку НДИ е ангажирана во Собранието на Македонија, член на Комисија за заштита од дискриминација, Има правосуден и нотарски испит, магистер е и докторанд на Правниот факултет Скопје, а од 2016 година е избрана за судија во Основниот кривичен суд. Таму од самите почетоци суди доста значајни предмети. Да бидеме искрени, ретко кој има ваква биографија од колегите. Искрено жалам за начинот на кој беше јавно искажан овој револт и нејасно е дали тоа е кон Судскиот совет и членот Антонета Димовска и нејзиното семејство или кон колешката судија Даниела. Како и да е не доликува на ваков начин да се изразува револт кон колеги“, објави адвокатот Страшевски.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ реагираа дека Судскиот совет не го почитувал Законот за судовите, но и препораките на Оценската мисија на ЕУ.

„Коалицијата со особена загриженост истакнува дека праксата на Судскиот совет во поглед на непочитување на законските одредби од Законот за судовите, како и непочитување на одредбите за давање на јасни аргументи и образложенија на одлуките. Продолжува да биде применувана од страна на Советот. Иако во дискусијата беше истакнато дека пред избраниот кандидат се наоѓаат 10 судии како подобро оценети, воопшто не беше наведено кои судии од овој суд имаат најголем број бодови од последното оценување, ниту колку изнесуваат бодовите на кандидатите. Не беше даден ниту аргумент за отстапувањето од законското правило за избор на судија со најголем број на бодови.“, се вели во е ставот на Коалиција „Сите за правично судење“.

Димовска има завршено Академија за судии и јавни обвинители и е судијка од 2016 година. Таа ќе го раководи Кривичниот суд до изборот на нов претседател за што денеска беше распишан оглас, откако досегашниот претседател Иван Џолев даде свечена изјава на новата позиција, судија во Апелацискиот суд.

Поврзани содржини