Скопје има микро клима – пекол лето, блага зима
Нормално е во вакви пеколни горештини да се користат клима уреди. Но морам да кажам дека за овие уреди постои голема неупатеност кај граѓаните од повеќе аспекти. Тоа не се обични апарати за домаќинство како пегли, миксери, фенови и слично што се продаваат во продавници за широка потрошувачка. За нив треба да се обратат кај специјализирани фирми за клима уреди каде што можат да добијат совети од стручни лица и каде што имаат обучен персонал за монтажа, одржување и сервисирање, како и резервни делови.
Во Јужна Европа и нешто погоре на континентот деновиве дојдоа топлински бранови со многу високи температури, некаде и до 46 степени Целзиусови. Главна причина за тоа се климатските промени за што сум пишувал многу пати и ќе пишувам уште повеќе бидејќи овој проблем ќе има последици и за следните поколенија.
Очекувано, жешки бранови пристигнаа и во Македонија, а за деновите на викендот се очекуваат температури до 42 степени, но заради густата изграденост во Скопје со бетон и асфалт, се создава ефект на топлински остров така што во некои делови во градот температурата ќе биде околу 45 степени.
До пред 30-35 години во Македонија на клима уредите се гледаше како на луксуз бидејќи беа релативно скапи во тоа време. Некои поимотни граѓани (тазе бизнисмени, месари, пиљари и сл.) ги монтираа клима уредите на чело на фасадата на куќата за да се види нивниот имотен статус. Но денес клима уредите не се луксуз, туку голема потреба на граѓаните бидејќи во лето тешко се работи и надвор и во затворени неклиматизирани простории, а кај многу луѓе со чувствително здравје има фатални последици.
Да потсетам на песната на групата „Леб и сол“ со наслов „Скопје има микро клима – изгор лето, кочан зима“, текстот е на Горан Стефановски. Јас предлагам да се направи препев со изменет наслов: „Скопје има микро клима – пекол лето, блага зима“.
Нормално е во вакви пеколни горештини да се користат клима уреди. Но морам да кажам дека за овие уреди постои голема неупатеност кај граѓаните од повеќе аспекти. Тоа не се обични апарати за домаќинство како пегли, миксери, фенови и слично што се продаваат во продавници за широка потрошувачка. За нив треба да се обратат кај специјализирани фирми за клима уреди каде што можат да добијат совети од стручни лица и каде што имаат обучен персонал за монтажа, одржување и сервисирање, како и резервни делови.
Но деновиве гледам на телевизија реклами за евтини апарати за ладење со вода. Тие се состојат само од еден дел со многу помали димензии во споредба со клима уредите, а внатре има само еден мал вентилатор кој распрскува вода во просторијата.
Значи, ладењето се остварува со распрскување на вода (во вид на магла), односно со овлажување на воздухот. На тој начин, температурата на воздхот се намалува, но влажноста на воздухот се зголемува. Препорачлива вредност на релативната влажност на воздухот во просториите е 50% (40 до 60%). Но ако овој апарат работи повеќе часови, влажноста на воздухот станува многу голема и условите не се комфорни за луѓето, а ќе се јави и тешкотија при дишењето.
Фактички, тука нема ладење, нема одведување на топлина од просторијата. Затоа, ова се нарекува и адијабатско ладење. Значи, температурата се намалува, но влажноста се зголемува. По неколку часа воздухот ќе се засити со влага и тогаш престанува намалувањето на температурата, а високата влажност на воздухот е тешко поднослива во тие услови. Бидејќи има постојано прскање на водата, таа се троши и треба често дотурање свежа вода во апаратот.
Но трговците што ги продаваат овие апарати ги наведуват само позитивните страни од нивната употреба (а има и некоректни наводи):
– Удобен ладилник што освежува.
– Ефикасно ја намалува температурата во просторијата.
– Совршен за канцеларија, дневна, детска или спална соба.
– Тивка работа – идеален за спиење или при работа.
– Овозможува прилагодување на протокот на воздух (три брзини на вентилаторот).
– Лесен е и може лесно да се преместува според потребите.
– Лесен за ракување.
– Енергетски е поефикасен од традиционалните клима уреди. (???)
Факт е дека овој апарат троши малку енергија, и тоа само за вентилатор кој е многу мал. Но неговата функција не може да се спореди со конвенционален клима уред.
Во некои ресторани и кафе-барови на отворено (на тераси) има распрскувачи на вода во вид на пареа (магла) и тие го користат истиот принцип на адијабатско ладење (со влажење). Но бидејќи се на отворен простор, влагата во воздухот се губи во околината, тоа значи дека таквиот систем ќе лади континуирано. Сепак, се постигнува ладење само за неколку степени пониска температура и ќе се чувствува зголемена влажност на воздухот.
Во некои земји релативната влажност на воздухот е многу ниска, како на пример во Ирак, Кувајт, Катар и други кои имаат пустини. Во такви услови ладењето со влажење е со поголем ефект. Спротивно, во земји со тропска клима со голема влажност, ладењето со влажнење е речиси неприменливо.
Да резимирам, апаратите за ладење со влажење (распрскување на вода) не можат да ја имаат улогата на конвенционалните клима уреди. Тие имаат мал капацитет на ладење, ја намалуваат температурата за неколку степени Целзиусови, за кратко време доаѓа до презаситување на воздухот со влага во просторијата што може да предизвикува тешкотии при дишењето.