ГОРИ КАЈ ВИЗБЕГОВО, ЧАДОТ СЕ ШИРИ КОН СКОПЈЕ Повторно пожар кај хотелот „Њу Стар“

ЦУК информира дека до 14:00 часот во државата се евидентирани вкупно пет пожари на отворен простор, од кои четири се активни.

1,746

Втор голем пожар за само неколку дена ја зафати депонијата во скопската населба Визбегово, оставајќи зад себе густ црн чад што се издига над Скопје и шири загрижувачка миризба низ целиот град. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот е повторно активиран поради природата на отпадот, кој овозможува повторно палење дури и по изгаснување.

– Се работи за т.н. жариште кое поради длабоко складираниот отпад и високите температури лесно се реактивира. Пожарот овојпат се прошири и кон социјалните бараки кај хотелот „Њу Стар“, со што ситуацијата стана сериозна – изјавија од ЦУК за медиумите.






Противпожарната служба на Град Скопје интервенира на терен, но борбата со огнот е отежната поради интензитетот на чадот и тешко достапната локација.

Граѓаните повторно алармираат за неподнослива миризба, гушење и ризик по здравјето, особено во северните и западните населби.

Во исто време, ЦУК информира дека до 14:00 часот во државата се евидентирани вкупно пет пожари на отворен простор, од кои четири се активни.

Во Прилеп, пожар кај село Бешиште ја зафати мешаната шума, додека кракот кон село Градешница е под контрола. Во Валандово, огнот беснее меѓу селата Грчиште и Марвинци, како и кон Богданци. Во Црешнево, повторно се реактивираше пожарот кај локацијата Церо Поле, каде интервенираат шумари од ЈП „Сандански“.

Од пријавените пожари, два се успешно изгаснати – едниот во дебарското село Баниште, каде гореше ниска вегетација и стрниште, а другиот во кичевската населба Бачинци каде гореше ѓубре.

Поврзани содржини