Батали гравчето, драга Марта, ќе ни го крадат ли виното, како што тоа го правеа Словенците со децении?
Македонија може да ги внесе Бугарите во Уставот, но само ако Европската Унија се согласи истовремено да прекинат сите дискусии на политичко ниво за историјата и за т.н. идентитетски прашања на кои инсистира Софија. Кога тоа ќе се случи, со Марта Кос ќе расправаме за гравчето, за полнетите пиперки, ама и за виното.
Ајде малку сериозно за тврдењето на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека никој не можел да ни ги земе гравчето, ајварот, полнетите пиперките и сличните традиционални специјалитети, кои, според неа, биле обележја на македонскиот идентитет.
Освен што е непристојна и понижувачка оваа изјава на Марта Кос – како израз на нејзиното разбирање на тоа што е тоа македонска традиција и идентитет – таа и не е точна.
Од две причини.
Првата е фактот дека дел од специјалитетите од кои се воодушевила Словенката реално не се идентитетска сопственост на македонската кујна. Тие се не се ничија сопственост, туку се дел од традицијата на поширокиот регион, поврзана главно со ориенталната кујна. Тие специјалитети, во разни варијанти, се усвоени од балканските народи.
Балканските народи, на пример, полемизираат меѓу себе чиј е ајварот. Има тврдења дека е турски специјалитет, Бугарите тврдат дека е нивен, на интернет доминира информацијата дека е српски, а ние Македонците сакаме да мислиме дека е наш. Она што е неспорно и општо потврден факт е дека нашиот македонски ајвар сепак е највкусен.
Втората причина поради која инфантилната теза на Марта Кос и не е така бенигна како што изгледа, е фактот што балканските народи, како и многу други народи во светот, водат многу сериозни полемики и спорови за брендирањето на одредени традиционални производи.
Дали, на пример, Марта Кос би рекла дека покрај ајварот, полнетите пиперки и гравчето, никој не може да ни го украде и нашето македонско вино?
Хм, не ќе да е баш така…
Да потсетам дека по усвојувањето на Преспанскиот договор, Македонија и Грција поведоа жесток спор за тоа кој има право да го „брендира“ своето вино како македонско. Не знам дали таа полемика заврши и ако тоа се случило, каков е исходот.
А Марта Кос и луѓето овде во Македонија кои нејзината изјава ја доживеаја како симпатична, ќе ги потсетам дека во периодот на социјализмот, Словенците со децении виното увезено од Македонија во цистерни го флашираа и го „ребрендираа“ како словенечко, често сурово криејќи го неговото географско потекло. Тоа се вика – крадење.
Затоа, тезите на Словенката треба да се отфрлат и да и се каже отворено, јасно и гласно – Македонија може да ги внесе Бугарите во Уставот, но само ако Европската Унија се согласи истовремено да прекинат сите дискусии на политичко ниво за историјата и за т.н. идентитетски прашања на кои инсистира Софија.
Тоа е еден чесен компромис, што би можел да се прослави со традиционални специјалитети и да се „залее“ со чаша македонско вино.