КОСТАДИНОВ ЕМ ГРАДОНАЧАЛНИК, ЕМ НЕ ФЕРМА НИ ТУЖБА, НИ СУД – АМА ЌЕ БИДЕ ТУЖЕН Правниците бараат поостри мерки против заканувачите и повикувачите на линч
Изнесените ставови на новинарот Латас градоначалникот Костадинов можел да ги реши на многу културен начин, со тужба за клевета и навреда, а по утврдување на клеветата и навредата би можел да бара и надомест за нанесена штета, а сега може да одговара за делото Загрозување на сигурноста, вели адвокатот Јовица Страшевски за Плусинфо.
Потребни се законски измени со кои ќе се заострат мерките кон лицата кои изнесуваат јавни закани преку социјалните мрежи, коментира адвокатот Јовица Страшевски, по скандалот што го предизвика струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кој преку Фејсбук упати тешка закана кон новинарот Драган Павловиќ Латас.
– За жал, сè почести се заканите и навредите на социјалните мрежи. Затоа, мислам дека МВР треба да дејствува преку својот Сектор за компјутерски криминал и за дигитална форензика, како и да се направат итни законски измени, со цел да биде казнив секој ваков обид. Секој има право на свое мислење, но не и да се заканува или да навредува – вели Страшевски за Плусинфо.
Во конкретниов случај би искоментирал дека како интелектуалец, градоначалникот на Струмица покажа едно ниско ниво на комуникација, додава Страшевски.
– Изнесените ставови на новинарот Латас можел да ги реши на многу културен начин, со тужба за клевета и навреда, а по утврдување на клеветата и навредата би можел да бара и надомест за нанесена штета – вели адвокатот.
Тој вели дека Костадинов го направи кривичното дело Загрозување на сигурноста.
– Вака, со недоличното однесување и со јавното изразување на закани тој прави кривично дело Загрозување на сигурноста, по член 144 став 1, 2 и 3. Но, сето ова за да се оствари треба пријава од новинарот Латас до МВР. Потоа, во зависност од квалификацијата на делото Основното јавно обвинителство би постапило по член 144 став 2 и 3. Доколку ОЈО и МВР решат да не постапуваат, тогаш се оди по приватна тужба по член 144 став 1 – вели адвокатот Јовица Страшевски.
Кривичниот законик за делото Загрозување на сигурноста предвидува од парична казна, до казна затвор од 5 години, во зависност од квалификацијата.
Завчера Костадинов во објава на Фејсбук ја повика целата фамилија да му се одмаздат на новинарот Латас „според нивните закони“ затоа што се осмелил да го спомене неговиот татко, односно, рекол дека „ја искоцкал куќата“.
„Ти ветувам: Ова ќе го носиш на врат цел живот. И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности. Од Малешевијата до Струмица – кај нас кога ќе ја чепнеш честа на мртов, правдата не се моли. Се зема“, жестоко се закани струмичкиот градоначалник.
Од МВР вчера за Плусинфо изјавија дека струмичката полиција се консултирала со јавен обвинител во врска со заканите кон новинарот Драган Павловиќ Латас. Обвинителот им дал насоки дека за да постојат елементи на кривичното дело Загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ, по кое би постапувала полицијата, потребно е да има поднесена писмена пријава од лицето дека истото се чувствува загрозено. И од Јавното обвинителство изјавија дека за да постапуваат е потребна кривична пријава од оштетен или известување од органите кои се надлежни за откривање и за документирање на сомненијата за кривични дела сторени на интернет.
Новинарот Латас вчера најави дека ќе поднесе кривична пријава.
„Малиот градоначалник на Струмица К.К. викан Кока повика на убиство, мое, заради кажан збор. Илустрирано со крв, и мотивација и повик и до други да го сторат тоа. Тоа во неговиот пост е неспорно, и секако дека ќе поднесам кривична пријава за наведеното“, напиша Латас на Фејсбук.
По ова Костадинов почна да се правда дека во неговата објава немало повик за насилство врз Латас.
„Во мојата објава немаше ниту збор за насилство, ниту повик за убиство. Тоа можел да го види само човек што во себе го носи тој мрачен нагон. Јас пишував за одбрана на честа, за семејството, за вистината. И ќе го правам тоа секогаш – гласно, исправено и достоинствено.
Моите зборови не беа упатени кон новинарот Латас, туку кон „човекот“ Д.П. Латас!“ објави градоначалникот на Струмица на Фејсбук.
Потоа, во друга објава, илустрирана со фотографија од Костадинов како мал, заедно со неговиот татко, тој напипа дека заради него никогаш нема да се предаде.
„Од него го научив најважното: името на фамилијата не смее да се чепне, ниту да се осквернави. Сè што сум – сум благодарение на него. Ќе се борам, тато. до крај. За тебе. За семејството. За честа“, напиша Костадинов.
Заканите од Костадинов предизвикаа силни реакции и осуди во јавноста кон струмичкиот градоначалник.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осуди заканите упатени кон Латас, со порака дека политичарите и носителите на јавни функции мора да бидат пример за достоинствена комуникација и да се воздржат од изјави што можат да поттикнат омраза во јавниот дискурс и да доведат до дела мотивирани од омраза. АВМУ апелираше да се почитува слободата на медиумите и на новинарите, а доколку политичарите и носителите на јавни функции имаат забелешки на медиумските содржини да ги користат институционалните механизми за реакција.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска посочија дека зад заканите по животот на новинарот стојат Венко Филипче и Зоран Заев и затоа СДСМ не ги осудува и не се оградува од нив.
– Не сме изненадени што Венко Филипче молчи. Тоа што Костадинов зема сила и се заканува со убиство на новинар е директно мотивирано од Венко Филипче, кој шири атмосфера на паника и хаос, а со цел дестабилизација. Венко Филипче и СДСМ стојат зад заканите на Костадинов, а тоа што досега не се оградија, ниту го осудија, говори дека со таквиот однос сакаат да мотивираат и други да го направат истото – рече пратеникот Бране Петрушевски.
Тој го повика Јавното обвинителство да отвори постапка против Костадинов, а Филипче јасно да каже што точно застапува и која му е целта.