ОТВОРЕН Е „ОТВОРЕНИОТ КАБИНЕТ“ ЗА ДИРЕКТНИ СРЕДБИ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО Голем интерес за иницијативата на Алиу, првите 15 средби се веќе закажани
Министерот за здравство Азир Алиу, посочи дека реку алатката „Отворен кабинет“, секој граѓанин ќе може директно да закаже средба со министерот, секој петок, без административни бариери и без бирократија.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска ја претстави новата алатка „Отворен кабинет“, која, според него, претставува прв чекор кон изградба на здравствен систем што комуницира директно со граѓаните, работи со интегритет и се води од доверба.
– Вистинската реформа почнува тогаш кога институцијата престанува да зборува сама со себе и почнува да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена – изјави министерот Алиу, нагласувајќи дека не станува збор само за нова веб-страница, туку за трансформација на односот помеѓу граѓанинот и институцијата.
Преку алатката „Отворен кабинет“, секој граѓанин ќе може директно да закаже средба со министерот, секој петок, без административни бариери и без бирократија.
– Лице в лице, човечки разговор – со почит, одговорност и со подготвеност за конкретни решенија – порача Алиу.
Интересот за иницијативата е голем – првите 15 термини веќе се резервирани.
– Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат, и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам – рече министерот.
Тој потенцираше дека оваа иницијатива не е само услуга, туку став.
– Став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, систем што вклучува и реагира навреме – посочи тој.
„Здравство што комуницира, вклучува и реагира“ за Алиу не е само слоган, туку јавна обврска.
– Обврска што јас како министер ја прифаќам со целосна одговорност и секојдневно ќе ја исполнувам со работа, отчетност и со лично присуство – рече Алиу.
Министерот ја претстави и својата визија за иднината на македонското здравство.
– Да изградиме здравствен систем што зборува со граѓанинот, делува со интегритет и се води од доверба. Систем што не се води од впечаток, страв или од политички притисоци – туку од точни податоци, реална анализа и од вистинските потреби на населението. Систем што не се плаши од вистината, не се губи во бирократија и никогаш не го заборава човекот – како причина зашто постои самиот систем – заклучи тој.