ЕДНА ПРОВЕРКА И БЕЗ ПЕЧАТ ВО ПАСОШИТЕ Од следниот петок ќе се преполови чекањето на преминот Табановце-Прешево
Транспортерите, туристичките работници и граѓаните кои често патуваат за Србија велат дека ова е долгоочекуван потег кој ќе им го намали времето кое сега го поминуваат на границата за речиси половина.
На почетокот на летната туристичката сезона кога има и најголем број забелешки на застоите на граничните премини стартува реалната примена на системот „one stop shop“ со Србија. Системот прво ќе почне да се применува на граничниот премин Табановце – Прешево каде што има најголем проток на патници и возила.
Транспортерите, туристичките работници и граѓаните кои често патуваат за Србија велат дека ова е долгоочекуван потег кој ќе им го намали времето кое сега го поминуваат на границата за речиси половина.
Веќе следниот петок (4 јули) патниците ќе имаат можност да видат како ќе функционира новиот начин на проверка и колку време ќе им биде потребно да ја минат граничната контрола на овој премин.
– Системот „one stop shop“ подразбира спроведување на заедничка гранична контрола со едно застанување. Притоа еден полициски службеник врши проверка во име на двете држави. Со еднократно внесување на податоците, се врши автоматизирано проверување на податоците во дата базите на двете држави – велат од Министерството за внатрешни работи.
На овој граничен премин сега се применува системот „one stop shop“ но проверка на патниците иако се врши на едно место, за одење кон Србија на преминот Прешево и за враќање на преминот Табановце, таа се врши на две места од полициски екипи и цариници од двете земји. Патниците прво ги проверува граничната полиција на едната, а потоа и на другата земја.
– Новиот модел го поедноставува процесот и со едно скенирање на патниот документ се врши граничната проверка во двете национални бази, овозможувајќи побрза гранична контрола, а оттука и побрз проток на патници и возила – велат од МВР.
Ова многу ќе го олесни протокот на возила и патници, посебно во шпицот на летната сезона и викендите кога досега се регистрираа големи застои, велат туристичките работници.
– И сега не се чека многу на овој граничен премин освен во викендите кога српските туристи вообичаено патуваат низ земјава за Грција, но проверката само на едно место многу ќе го намали времето на чекање на Прешево кога се оди кон Србија и на Табановце кога се враќаме во Македонија. Значи и Западен Балкан може да заличи на Европа – вели Славица П. која често патува за Србија.
Според неа, многу поголемо олеснување за патниците ќе биде ако ваков систем се воведе и на премините со Грција, каде што посебно во летниот период и за викенди има голем метеж.
И од асоцијацијата на превозници „Макамтранс“ оценуваат дека новиот начин на проверка на патниците и возилата на овој граничен премин многу ќе го олесни протокот на возила, а со намалување и на процедурите поволностите се поголеми.
– Ова ние го баравме со години, но добро е што двете земји се договорија да воспостават една реална гранична контрола и тоа ќе почнат да го применуваат. Ова го намалува времето на чекање за речиси половина од тоа што го имаме сега, а ако се применува и договореното да не се става печат на пасошите, без притоа да бара патникот, времето на чекање ќе биде уште покусо. Така на превозниците кои патуваат низ Србија им се овозможува за покус период да ја завршат својата тура и да се вратат во Македонија – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.
Земјава веќе воведе реален „one stop shop“ систем на граничните премини со Косово, Долно Блаце и Јажинце, а во тек е и постапка за потпишување нов билатерален договор со Албанија кој ќе овозможи воведување на системот и на граничните премини со Албанија.