37 ЧАСА НЕИЗВЕСНОСТ ВО СПЕЦИЈАЛНИ УСЛОВИ Како беше изведен американскиот напад врз Иран?
Во тесната кабина, американските пилоти ја извршиле една од најкомплексните мисии во поновата историја на воздухопловството, со минимални услови: склопливи лежалки за краток одмор, хемиски тоалет без преграда и амфетамински „go“ таблети за одржување будност. Пиејќи вода на секој час и со кеси за урина во скутот, успеале да ја довршат задачата, објави Си-Ен-Ен.
Американската воздушна мисија од саботата, насочена кон три ирански нуклеарни објекти, беше огромен воен потфат што бараше исклучителна издржливост од пилотите на „невидливите“ бомбардери Б-2, пренесе Си-Ен-Ен.
Во тесната кабина, екипажите имале на располагање склопливи лежалки за дремење, хемиски тоалет без преграда и „go“ пилули – амфетамини одобрени за да ги одржат будни. Со вода на час и кеси за урина во скутот, пилотите ја завршија една од најсложените операции во модерната историја на американското воздухопловство.
– Најимпресивното нешто за мене беше тоа што седум авиони изведоа седум различни летови во рок од половина час – рече Мелвин Г. Диејл, пензиониран полковник на американските воздухопловни сили.
Тој е еден од ретките кои знаат како е да се биде во пилотската кабина за време на таква мисија.
Диејл учествуваше во рекордна 44-часовна воздушна операција над Авганистан во 2001 година.
„Ако претседателот каже – летаме“
Во 2001 година, Мелвин Г. Диејл, тогашен потполковник, стана дел од оваа авионска одисеја. Тој и неговиот ко-пилот ги следеа инструкциите за офанзивата против Талибанците и Ал Каеда во рамки на операцијата „Enduring Freedom“.
– Сè што знаевме беше дека ако претседателот така каже, ќе летаме во различни ноќи – вели Диејл.
Дури и не знаеле кога точно ќе ги викнат. Пред летот, докторите им давале апчиња за спиење. Кога конечно дошло времето, се разбудил три-четири часа пред полетување, одржал брифинг, и заедно со другарот влегол во „Spirit of America“.
Лежалка зад пилотската столица и амфетамини во џеб
Во кабината на B-2, местото за одмор било скромно – склоплива лежалка, некогашна камперска. Додека еден бил зад контролите, другиот можел да дремне.
– Можеби денес изгледа подобро, но порано беше само модифицирана лежалка за кампување – се присетува Диејл.
Сонцето, кое го следеле летајќи на запад, им помагало да ја одржат будноста, но не било доволно. Тука влегувале „go пилулите“ – стимуланси од типот на амфетамин, одобрени од армиски доктори.
– Летот е долг, концентрацијата мора да остане висока – вели тој, но не знае дали и денес се користат.
Тоалет без врата, кеси како песок за мачки
Тоалетот во B-2 бил повеќе замислен како резерва за итни случаи, хемиски, без преграда.
– Приватноста значеше дека човекот само гледаше на другата страна – рече со иронија Диејл.
За да се избегне дехидратација, пиеле по едно шише вода на час. За мокрење користеле „piddle packs“ – кеси со материјал сличен на песок за мачки.
– Конечно сфативме колку тежиме со тие кеси – што друго можевме да правиме 44 часа? – додаде со насмевка.
Храната ја спакувале самите, а добивале и специјални оброци за лет. Не консумирале многу – во воздух, метаболизмот троши помалку.
Две мисии, едно слетување
Прелетале над Пацификот, јужна Индија, и свртеле кон север кон целите во Авганистан. По првиот напад, добиле наредба да се вратат и да извршат уште еден. Тогаш Диејл зел уште една доза амфетамин.
Мисијата завршила со слетување во американската база на островот Диего Гарсија. Таму, по дебрифингот со снимки од погодените цели, конечно вечерале, се опуштиле – и заспале.
„Најнадреалниот момент“: тишината пред летот
Пензионираниот генерал Стивен Башам, кој летал со B-2 над Србија во 1999, рекол:
– Летате на мисија за која никој не знае освен неколку луѓе.
За него, најсилниот момент бил самото полетување.
Тој додава дека бомбите што ги носеле – GBU-57 со 13.600 килограми – не влијаеле на стабилноста на авионот. Само B-2 може да ги носи. Мисијата од саботата била првпат тие да се користат во борбени услови.
Најризичен дел од целата акција била исцрпеноста при полнење гориво во воздух.
Но, охрабрувачкиот момент дошол кога пилотите повторно влегле во американскиот воздушен простор:
– Го слушнаа тоа познато „добредојде дома“ од американскиот контролор на летање – рече Башам.