МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ТЕЛ АВИВ СО АПЕЛ Нема летови за евакуација, Македонците добија упатство да се спасат со брод
Амбасадата информира дека нашите граѓани во Израел може да заминат со брод на 27 јуни.
Поради затворање на воздушниот простор и аеродромот во Израел, македонските државјани кои се наоѓаат таму засега не можат да бидат евакуирани преку Тел Авив, соопшти денеска македонската амбасада во Израел.
– Во моментов нема услови за авионска евакуација преку аеродромот во Тел Авив. Ги информираме граѓаните дека постои алтернативна морска рута од Ашдод до Лимасол (Кипар), преку компанијата „Mano Shipping“ – велат од Амбасадата.
Следната достапна можност за заминување од Израел е бродот „Crown Iris“, кој според планираното треба да отплови од Ашдод на 27 јуни (петок) во 12 часот, и има капацитет од 1.500 патници. Картите може да се купат директно преку веб-страницата на „Mano Shipping“.
– Ги повикуваме сите македонски државјани кои немаат валиден пасош да се јават во Амбасадата за издавање на патен лист – апелираат од дипломатската мисија во Тел Авив.