Израел сака да го собори режимот во Иран

Ако ова е почетокот на тотална војна помеѓу Израел и Иран, Америка не може да остане настрана. Еврејската држава останува единствената нација на светот за која САД се подготвени да војуваат. Ако се повлечат од овој конфликт, тогаш ќе отидат против својот идентитет и природа, и ќе го загубат секој преостанат атом на меѓународен кредибилитет. На радоста на Кина, Русија и многу други.

312

Многумина аналитичари се прашуваат зошто Израел се одлучи на речиси тотална војна, после 20 години (а можеби и од Јом Кипур во 1973-та) одржување на воена доктрина за воздржани или органичени судири со своите непријатели?

Одговорот мислам дека е доста едноставен, Израел овој пат одлучи да го собори режимот на ајатоласите во Иран. Само на тој начин, Израел би можел да прогласи и победа во војната  која од 7 октомври ја води против арапските партнери на Иран, пред сѐ Хезболах и Хамас. Во најлудите соништа на Нетанјаху, Иран и тоа што останува од милениумската персиска империја треба да се сведе на еден нов „периферен сојузник“, каков што некогаш и беше Иран за време на Студената војна, кога постоеше подземен договор со Шахот и турските војници против панарабиските Египет и Сирија, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.






Затоа, можеби не утре, можеби ни задутре, но падот на режимот во Иран, од кој ајатоласите се најмоќната компонента, станува мошне конкретна можност. Од друга страна пак, не е ни дека Ерусалим има премногу други алтернативи. Победата на Израел би можела да биде ремек-дело, но останува како нужен потег направен од очај, во време кога земјата се наоѓа на работ од амбисот.  Ништо друго освен војна и победа над Иран, не може да ѝ даде смисла, особено стратешка и воена, на актуелната автодеструктивна кампања на седум фронта која ја води Израел, откако масакрот од 7 октомври самата го претвори во егзистенцијална борба за постоењето на еврејската држава.

Нападот врз Иран – победа на Нетанјаху

20 месеци масакри и убиства на недолжно население, заедно и со заслужните терористи, не произведоа и не можат да произведат никакво трајно решение за безбедноста на Израел. Напротив, ги рушат демократските основи на еврејската држава, создаваат огромна поделеност и поларизација во политиката, војската и општеството, и сериозно ја загрозуваат еврејската дијаспора насекаде низ светот, која веќе сите ја идентификуваат со ционизмот или милитантниот јудаизам. Со масакрот врз недолжното население во Газа и со колонијализмот на Западниот Брег, Израел ризикува да се претвори во тоа против што цел свој живот се бори: во држава парија – држава одметник.

Оттука, нападот врз Иран е голема победа за Бенјамин Нетанјаху, не затоа што руши некаква си нуклеарна програма во зародиш или ги обезглавува воените структури на иранскиот режим, туку затоа што дефинитивно го еродираше кредибилитетот на Исламската Република. Иран се докажа дека е слаб, на милост и немилост на својот најдобар непријател, неспособен за реакција, оставен да биде докусурен можеби и од Америка.

И токму околу однесувањето на Америка лежи можеби најголемата победа на Нетанјаху, нешто што не беше воопшто едноставно. Во последните два месеци Нетанјаху доби повеќе ниски удари од Доналд Трамп. Прво Трамп ја легитимираше Турција како регионален хегемон, подарувајќи му ја на Ердоган позицијата на вице-владетел со Сирија, потоа преговараше директно со Иран, па ја суспендираше војната против Хутите додека овие го бомбардираа Тел Авив, за конечно да ги замрзне преговорите за нормализација на односите помеѓу Израел и Саудијска Арабија. Над сѐ, експлицитно му забрани и го блокираше претходниот обид на Нетанјаху да го нападне Иран.

Трамп имаше свои две цели за остварување: Првата, да ги принуди регионалните сили, вклучувајќи го и Израел, самите да се држат под контрола меѓусебно, со минимална потрошувачка на ресурси за Америка и без нејзино директно вмешување во блискоистичните конфликти. Второ, да оствари бомбастичен успех во надворешната политика кој би послужил за домашна употреба. Соочен со неверојатната комплицираност на војната, односно мирот во Украина, Трамп сфати дека евентуалниот нуклеарен договор со слабиот и ранлив Иран, би значел речиси неповторлива шанса за личен успех.

За Нетанјаху е важна перманентна војна

Но, токму на тоа поле Нетанјаху ја украде топката, ги смени правилата на игра и им покажа две клучни работи на Американците и на Трамп.

Прво, Израел е способен да го нападне Иран без американската воена и логистичка поддршка. И тоа на страшно ефикасен начин. Второ, му возврати на Трамп за сите ниски удари, со уште понизок, покажувајќи му дека нема никаква смисла да се преговара со ајатоласите и да им се придава моќ која ја немаат, кога можат да се треснат од земја и принудат на питачки стап. Толку беше силен шокот за Трамп, што не само што ги купи наративот и реториката на Нетанјаху, туку придодаде дека знаел за нападите и си го присвои успехот на израелската авијација и војска. Трамп отиде дотаму што сега се заканува дека во секој момент би можел да влезе во отворена војна со Иран, нешто што за Израел би значело и стратешка победа. Нетанјаху така би го добил само тоа што го сака, а тоа не се преговори со Иран, туку една перманентна војна, која би го оддалечила притисокот од неговите судски проблематики, од крвопролевањето и заглавеноста во Газа, и конечно, од секоја сила која се спротивставува на израелската империјална доктрина за ширење од „реката до морето“. За Биби, не е битен Иран, како што не е ни битна нивната непостоечка нуклеарка, за него е единствено важна постојаната војна. Иран за Израел не е кредибилен непријател, не е дури ни непријател, затоа што Израел нема потреба повеќе од непријатели. Иран за Израел е само воена зона и тоа една од многуте.

Дека Нетанјаху е намерачен да го собори режимот се потврдува и од неговото обраќање до младите Иранци, кои ги покани да го соборат режимот и да очекуваат израелска поддршка. Но, ваквиот бакнеж на смртта нормално носи и една малициозна последица. Ако пред овие напади постоеше некаква шанса некогаш во Иран да се врати прогресивна или прозападна влада, денес шансите за тоа се речиси никакви. Никогаш Иранците нема да го прифатат понижувањето на нивната тримиленумска империја и сега кога шансите за пад на режимот се најголеми, тоа што евентуално би дошло после ајатоласите, сигурно нема да бидат некои добри и надежни дечки. Напротив, Израел сака во Иран да дојде на власт некоја воена или олигархиска хунта која ќе се заколне на вечна борба против Евреите, на војна која би била перманентна – војна каква што токму Нетанјаху посакува.

Различни визии

Блискиот Исток каков што го замислува Нетанјаху е дијаметрално различен од каков го замислуваат Америка и Трамп. Но, на нивна штета, делува дека идејата на Нетанјаху победува, а можеби и веќе има победено.

Затоа што Нетанјаху, како и Ердоган, ја има научено најважната лекција за помалите регионални сили или некогашни империи: Хегемонот, ерго Америка, мора да се искористи, ако не сакаш да бидеш искористен. И Нетанјаху во овие моменти за коса го влече Трамп во војна против Иран. Историјата е преполна со вакви случаи, каде помалиот сојузник го мести и искористува поголемиот, додека империјата мисли дека може да ги користи своите клиенти, за на крај да испадне изманипулирана. Америка денес е искористена, не затоа што има заборавено како да ги користи другите, туку затоа што сѐ почесто заборава како да се употреби самата себеси. Така, само ќе ја забрза потрагата кај досегашните вазали да си најдат нова сила која ќе ги присвои. Трамп од Нетанјаху и Зеленски научи уште една лекција: Оној што крвави на крајот превладува над оној што само го подава оружјето.

Оттука и крајниот заклучок. Ако ова е почетокот на тотална војна помеѓу Израел и Иран, Америка не може да остане настрана. Еврејската држава останува единствената нација на светот за која САД се подготвени да војуваат. Ако се повлечат од овој конфликт, тогаш ќе отидат против својот идентитет и природа, и ќе го загубат секој преостанат атом на меѓународен кредибилитет. На радоста на Кина, Русија и многу други.

Израел други опции не ни има. Малиот секогаш се бори за егзистенција, големите сили го немаат тој императив. Конечно, за Израел важи старото правило дека е „Вилата во Џунглата“, пред сѐ демографски, како шака Евреи во море од исламски Арапи. Израелската држава е чудо на геополитиката за кое нема баш рационално објаснување, нејзиното постоење е провизорно, и тоа Израел прв го знае, така што за нив, самото постоење е победа над природата на нештата.

Со Нетанјаху таа природа се изопачи, како и сите претходни досега логики на постоење на еврејската држава. Наместо ситни војни и желба за преживување, сега целта стана постојани војни и желба за уништување на сѐ што е закана, мислејќи пред сѐ на Арапите, кои треба да бидат исфрлени од Големиот Израел на утрешнината. Останува како опција уништувањето на Персија и потоа враќање на кампањите на одржување на Палестинците и Арапите. Сѐ друго за логиките на Израел не би било пораз, туку почетокот на крајот.

Поврзани содржини