„СКОПСКО ЛЕТО“ ЗАПОЧНУВА ОВОЈ ВИКЕНД СО „ЗОНА ФОБИЈА“ Скопјани ќе уживаат во концерт на Филхармонија и во „Вечер на шлагери“
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија" рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Потоа, 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија - Скопје". В недела ќе се одржи „Вечер на шлагери“.
Со изложбата „Зона фобија“ на реномираниот уметник Томе Аџиевски ќе биде отворено годинешното 46. издание на фестивалот „“Скопско лето“. Фестивалот започнува во сабота, 21 јуни, воедно и прв ден на летото и Светски ден на музиката.
Овогодинешната програма на „Скопско лето 2025“ е распоредена во 40 фестивалски денови, а публиката ќе има можност да види повеќе од 35 културни настани – концерти, театарски претстави, изложби, книжевни вечери и танцови перформанси на различни културни сцени низ Скопје.
„Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во ‘забранетата зона’ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона” денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес“, велат од организацијата на фестивалот.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија” рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери.

„Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет“, се вели во соопштението.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Anima Mundi”.
Потоа, во 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје”. На сцената ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија.

Диригенти: Ана Спасовска и Николаи Хилендаров
Солисти: Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Санја Јович Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова – Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано.
На концертот ќе бидат изведени дела од А. Вивалди, В.А. Моцарт, Ф. Лист и од П.И. Чајковски.
„Една сцена. два града, еден заеднички јазик – музиката. Концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници!“, велат од „Скопско лето“.
Влезот е слободен.
Следниот ден, 22 јуни, недела, фестивалот продолжува со концерт на „Вечер на шлагери” – 20 години СПОНА, со почеток во 20:30 часот на Платото пред Македонскиот народен театар.
Диригент: Иван Еминовиќ
Водител: Вера Јанковиќ


На сцената ќе настапат Оркестарот на „Полифонија”, а изведувачи се Денис Димоски, Оливер Њего, Васко Здравков, Андријана Јаневска, Вера Јанковиќ, Теа Пејиќ, Ана Петановска, Маја Г. Панчева и Александар Тарабунов.
„Една ноќ. Една сцена. Вечер што се памети“, порачуваат организаторите на фестивалот.