ПОСТОЈАТ ЛИНИИ ШТО НЕМА ДА ГИ ПРЕМИНЕМЕ Македонскиот народ веќе ја плати цената на компромисите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија вели дека во обраќањето на конференција во Будимпешта истакнал дека „македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, и додадов дека постојат линии што нема да ги преминеме — затоа што тие нè прават тоа што сме. Ова не е став на инает, туку на самопочит“.

196

Нема преговори за идентитетот, јазикот и за културно-историскиот континуитет, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија од конференција во Будимпешта. Тимчо Муцунски порача дека постојат црвени линии кои Македонија нема да ги премине во преговорите со Бугарија и дека не се работи за инает, туку за самопочит.

„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не можат да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење“, соопшти Муцунски во објава на Фејсбук во врска со меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025 која утринава, 16 јуни, се одржува во главниот град на Унгарија.






Тој вели дека во обраќањето истакнал дека „македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, и додадов дека постојат линии што нема да ги преминеме — затоа што тие нè прават тоа што сме. Ова не е став на инает, туку на самопочит. Иднината во Европа мора да се гради врз заемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи“.

Фото: МНРнТ

Понатаму тој вели дека евроинтеграцијата на Западен Балкан е заедничка, клучна стратешка потреба за политиката на ЕУ да биде проактивна и сплотена.

„Пред присутните на конференцијата ја нагласив важноста од водење проактивна и кохезивна европска политика, особено во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Истакнав дека посилна и подобро координирана Европа, заедно со одржување на ефективна трансатлантска врска, се клучни предуслови за справување со надворешните предизвици и за зачувување на безбедноста и просперитетот на континентот.

Заклучив дека европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво низ призмата на (гео)политички избор, туку како заедничка стратешка потреба и заедничка одговорност“, се вели во објавата на министерот.

Меѓународната конференција што се одржува во Будимпешта е во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и на Фондацијата за следење на истражувањата.

Поврзани содржини