НОВ МЕТОД ЗА ОТКРИВАЊЕ ХИВ ВИРУС ВО КЛЕТКИТЕ Пробивот може да биде клучен за изнаоѓање лек
Дел од експертите, како проф. Томаш Ханке од Оксфорд, предупредуваат дека идејата да се откријат сите скриени клетки е „само сон“. Но, други, како д-р Џонатан Стој од Институтот Крик, го поздравуваат напредокот како „голем чекор“ во насока на универзална терапија со mRNA.
Австралиски научници развија нов метод за „разоткривање“ на ХИВ скриен во белите крвни клетки, што може да биде клучен чекор кон конечно лекување на вирусот, пишува „Гардијан“.
Вирусот станува видлив
Тимот од Институтот „Питер Доерти“ во Мелбурн успеа да вметне mRNA во т.н. резервоар-клетки на ХИВ, кои досега беа недостапни за терапијата. Со ова вирусот станува „видлив“ и потенцијално ранлив за имунолошкиот систем и идни третмани.
Клетките добиваат сигнал да го откријат вирусот
Истражувањето се базира на mRNA-технологија, позната од ковид-вакцините. Користени се специјално формулирани липидни наночестички (LNP X), кои првпат беа прифатени од клетките што го кријат ХИВ. Кога mRNA влегува внатре, клетките добиваат сигнал да го откријат вирусот.
Д-р Паула Севал, коавтор на студијата, изјави дека првите резултати биле толку добри што изгледале нереално.
– Претходно, овие клетки едноставно не ги примаа честичките. Овој нов дизајн може да отвори пат кон целосен лек.
Уште не се тестирани животни и луѓе
Околу 40 милиони луѓе во светот живеат со ХИВ. Според УНАИДС, во 2023 година, секоја минута умирало по едно лице од последици од вирусот.
Истражувањето е сè уште во рана фаза, лабораториско, врз донирани клетки. Пред клиничка примена ќе бидат потребни тестови врз животни, потоа безбедносни и ефикасносни испитувања кај луѓе.
Голем чекор, но лекот за ХИВ е само сон?
Дел од експертите, како проф. Томаш Ханке од Оксфорд, предупредуваат дека идејата да се откријат сите скриени клетки е „само сон“. Но, други, како д-р Џонатан Стој од Институтот Крик, го поздравуваат напредокот како „голем чекор“ во насока на универзална терапија со mRNA.
Истражувачите веруваат дека технологијата може да се примени и кај други болести, вклучително и рак.