НЕМА НОВИ РЕГИСТРИРАНИ СЛУЧАИ НА МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ Еве каде може да се јавите за информации
Второто лице со мајмунски сипаници во државава сѐ уште не се пријавило на преглед на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека епидемиолози исконтактирале со лицата кои биле во контакт со позитивните лица со Mpox и оти тие немаат никакви симптоми на заболување. Двете лица кај кои е констатиран вирусот, како што информира ИЈЗ, се во добра состојба.
Од Институтот соопштуваат дека нема нови сомнителни случаи кои што се испратени на тестирање.
„Во текот на вчерашниот ден беа објавени препораки на веб страната на ИЈЗ до граѓаните. Дополнително, ИЈЗ изработи краток водич за здравствени работници со препораки и со патеки на движење за сомнителните случаи и истиот беше доставен до Министерството за здравство кое што ги проследи до надлежните здравствени институции. Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство, заедно со останатите надлежни институции, се во постојана комуникација и координација и остануваат посветени во следење на актуелната состојба како и во справување со истата. Засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок“, се наведува со соопштението на ИЈЗ.
Отворени се 2 нови телефонски линии за информирање на граѓаните и на здравствените лица околу мајмунските сипаници. Граѓаните можат да добијат информирации на телефонскиот број 076-233-791, а здравствените работници на 076-233-792.
Второто лице со мајмунски сипаници сѐ уште не се пријавило на преглед
Второто лице со мајмунски сипаници во државава сѐ уште не се пријавило на преглед на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, потврди денеска за МИА, директорот Фадил Цана.
Тој рече дека нема регистрирано нов случај на мајмунски сипаници во државава.
Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, во врска со потврдените два случаја на мајмунски сипаници, на вчерашниот состанок донесе препорака за самоизолација и за здравствен надзор за двете заболени лица.
„Се следи состојбата на лицата кои биле во близок контакт со заболените и доколку пројават симптоми, истите ќе бидат тестирани за ова заболување во Институтот за јавно здравје. Комисијата апелира граѓаните да ги почитуваат хигиенските мерки за лична заштита од заразни заболувања, а во случај на евентуална појава на симптоми на ова заболување, да се јават кај својот матичен лекар. Воедно, до матичните лекари ќе се дистрибуира информација за разработената патека за преглед, тестирање и згрижување на евентуалните пациенти“, беше наведено во соопштението на Министерството за здравство.
Според епидемиологот Драган Даниловски, ова вирусно заболување не се пренесува лесно и мал е ризикот за епидемија.
„Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или на други делови од телото, има инкубациски период од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, кај деца и кај бремени жени, може да се развијат посериозни компликации“, пишува Даниловски на својот Фејсбук профил.
ШТО СЕ МАЈМУНСКИТЕ СИПАНИЦИ И КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ? Професор Даниловски даде неколку совети