ВТОРИОТ СЛУЧАЈ СО МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ НЕ СЕ ЈАВИЛ НА ИНФЕКТИВНА Хоспитализираниот имал промени на кожата во гениталната зона

Пациентот што е примен на Инфективна клиника негира дека имал било кој од клиничките симптоми, освен тоа што има некои промени на кожата, конкретно во гениталната регија, кои биле мотив да се јави кај дерматовенеролог во обид да се отстранат со некаков дерматолошки третман.

1,974

Директорот на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Фадил Цана, денеска информира дека синоќешниот пациент примен на нивната клиника со потврден позитивен резултат на мајмунски сипаници е во добра општа здравствена сосотоја и му се прават дополнителни иследувања.

– Синоќа некаде пред полноќ се јавил пациент со резултат од Институтот за јавно здравје за потврден случај со присуство на мајмунски сипаници. Пациентот е прегледан и во тој момент немал никаква клиничка слика што би упатила на таква болест, но бидејќи имаме потврден лабораториски случај по напатствијата и протоколите, тој треба да е под опсервација. Пациентот прифати да биде хоспитализиран и е во добра општа здравствена состојба. Дури и не праша зошто е задржан, но поради тоа што треба да биде опсервиран и да биде под наше набљудување и да се направат дополнителни иследувања, пациентот прифати да биде кај нас. Пред малку јас го посетив пациентот и тој е во одлична здравствена состојба. Има лезиите во одредена регија на телото од кои е земен примерок и со лабораториско испитување потврдено е присуство на мајмунски сипаници – рече тој.






Цана потенцира дека иако имале информација од ИЈЗ дека кај двајца пациенти е потврдено присуство на мајмунски сипаници, вториот пациент сѐ уште не се јавил на Инфективната клиника за преглед и хоспитализација.

Цана нагласи дека потврдениот резултат на пациентот со мајмунски сипаници не коинцидира со неговата клиничка слика. Пациентот негирал дека има епидемиолошка анкета, дека имал некаков контакт со заболен со мајмунски сипаници.

– Пациентот негира дека имал било кој од клиничките симптоми, освен тоа што има некои промени на кожата, конкретно во гениталната регија, кои биле мотив да се јави кај дерматовенеролог во обид да се отстранат со некаков дерматолошки третман. Потоа бил земен примерок и бил упатен во Институтот за јавно здравеј каде што е добиен потврден резултат на двајца пациенти. Едниот сам се појавил на Клиниката и по разговор и преглед од дежурниот инфектолог, пациентот е хоспитализиран и е под опсервација – рече директорот на Инфективна.

Цана вели дека за оваа болест нема специфични лекови никаде во светот. Има одредени вирусни лекови кои им се даваат на пациентите со тешки облици на мајмунски сипаници.

– Специфична терапија за оваа болест нема ниту кај нас, ниту некаде во светот. Било кој ќе го каже спротивното, само може да нагаѓа. Гугл докторот или било што ќе прочитате на интернет, не држи. Клинички треба да се лекува пациентот. Има некои вирусни лекови кои се даваат кај тешки облици на мајмунски сипаници, односно кај пациенти кои се имуно компромитирани. Во конкретниот случај зборуваме за пациент кој е имуно компетентен и има потврдена лабораториска дијагноза врз основа на промените на кожата кои се само во одредена регија на телото – изјави директорот на Инфективната клиника.

Поврзани содржини