РАКОМЕТАРИТЕ ОДАТ ВО КАРАНТИН ПРЕД РЕВАНШОТ Лазаров побара да не се создава еуфорија и притисок
Натпреварот Алкалоид - АЕК ќе се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот. Од Алкалоид апелираат на фер и спортско навивање во текот на целиот натпревар.
Ракометарите на Алкалоид се подготвуваат за реваншот со АЕК в недела во финалето на ЕХФ Европскиот куп.
Македонскиот претставник од Атина донесе четири голови предност.
Тренерот Кирил Лазаров побара да не се создава еуфорија и неговите избраници без притисок да влезат на средбата.
– Стигнавме до финале важно за Алкалоид и за македонскиот ракомет. Имаме одлична предност од 4 голови. Сепак, секогаш сум претпазлив, треба порелаксирано да го дочекаме натпреварот. Не сакам моите играчи да бидат под притисок. Утре одиме во карантин и верувам дека подготвени ќе го дочекаме реваншот – изјави Лазаров пред дуелот.
На денешната прес-конференција своите очекувања ги кажа и голманот Иван Галевски кој во Грција одбрани пет пенали од шесте досудени за АЕК.
– АЕК е искусна и силна екипа. Нема да ни биде воопшто лесно. Но ние ќе ја имаме поддршката од нашиот осми играч – публиката. Верувам дека на крајот ќе го кренеме пехарот – изјави Галевски.
Натпреварот Алкалоид – АЕК ќе се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот. Од Алкалоид апелираат на фер и спортско навивање во текот на целиот натпревар.