📽 „АПОКАЛИПСА“ НА МОРМОНСКИ СКАКУЛЦИ ВО ЈУТА Инсектите годинава подранија поради високите температури
Според професорот Марк Нелсон од Универзитетот во Јута, причината за раната појава е поврзана со повисоките температури и климатските промени.
Милиони мормонски скакулци ја нападнаа американската држава Јута. Жителите велат дека наездата е „апокалиптична“. Инсектите покриваат улици, фасади и ѕидови. Најпогодени се местата Филмор и Туеле, кај Солт Лејк Сити.
Скакулците, познати по канибализам, стигнаа порано од вообичаено. Доколку не се движат, ризикуваат да бидат изедени од ројот. По улиците се движат во бранови. Ако некој биде прегазен, останатите го јадат.
Овие инвазии се случуваат во циклуси. Скакулците наеднаш покриваат цели подрачја и уништуваат вегетација. Земјоделците губат храна за добитокот.
– Тие се едноставно одвратни и не сакам моите клиенти да си имаат работа со нив – рече Џед Кристенсен, жител на Јута, кој ангажирал фирма за да се справи со скакулците.
Жителка на Холден вели дека „тие се едноставно одвратни. Многу се гласни“.
Марк Нелсон, професор од Универзитетот во Јута вели дека се надева дека пестицидите и мамките ќе помогнат да се контролира назедата на инсектите чија рана појава според него ќе значи и поголема штета.
Според професорот, причината за раната појава е поврзана со повисоките температури и климатските промени. Потоплото време довело до побрзо развивање на јајцата и активирање на инсектите порано во сезоната.
Наездите на овие скакулци уште одамна се познати во Јута. Тие се наречени „мормонски“ поради доселениците во градот кои припаѓале на Мормонската црква основана во 1830 година која денес брои 17 милиони членови ширум светот и е основана токму во Солт Лејк Сити.
Пролетта 1848 година, доселениците во Солт Лејк Сити се соочиле со масовна наезда на овие инсекти кои ги уништувале нивните посеви. Според традиционалните извештаи, по молитви за спас, големи јата галеби пристигнале и почнале да ги јадат штурците, спасувајќи го вториот род на доселениците.
Овој настан е познат како „чудото на галебите“ и се смета за божествена интервенција. Во чест на галебите, подигнат е споменик во Солт Лејк Сити, а калифорнискиот галеб е прогласен за државна птица на Јута.
И покрај името „мормонски скакулци“, овие инсекти не се ниту вистински скакулци, ниту штурци, туку припаѓаат на семејството на катидиди (лат. Tettigoniidae), кое е поблиску до штурците по изглед, но не и по однесување.