ЛЕНЧЕ РИСТОСКА „ГО ДОБИ“ ОБВИНИТЕЛСКИОТ СОВЕТ ПРЕД УСТАВЕН Членовите си дале права што не им припаѓаат ни по Уставот, ни по законите
Советот на ЈО за себе востпоставил право, членовите обвинители додека работат во Советот да ги третираат како обвинители, а тие не се обвинители, а нивното работење во Советот да се третира како обвинителска дејност, што е апсурд. Ваквите одредби се во директна спротовност со Законот за јавното обвинителство и се разбира со самиот Устав, како највисок правен акт, вели уставниот судија Осман Кадриу.
Уставниот суд го укина член 4, став 7 од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители кои предвидуваа можност во унапредувањето на обвинителите да се цени и како позитивна обвинителска дејност работењето на членовите на Советот на јавни обвинители, изјави уставниот судија Осман Кадриу, на прес-конференција по седницата.
Уставниот суд одлучуваше по иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска во врска со тоа дали стажот на членовите на Советот на јавни обвинители влегува во т.н „позитивно оценет јавнообвинителски стаж“. Ристоска спори дека членовите на Советот на јавни обвинители со Деловникот утврдиле дека додека им трае мандатот во Советот тој им се смета исто како да ја вршат функцијата јавни обвинители, а за тоа нема законска основа.
Уставниот судија Кадиру, кој е судија известител по предметот, посочи дека во конкретниот случај сметал дека станува збор за појак интензитет на повреда на Уставот и на законот и предлагал поништувачка одлука, но со мнозинство гласови се донело одлука актот само да се укине, со дејство само за во иднина, без поништувачко дејство на досегашните одлуки.
– Во законот се подвлечени јасно кои услови треба да ги исполнуваат обвинителите кога бараат нивно унапредување. На тој начин и со тие одредби Советот на ЈО за себе востпоставил право, членовите обвинители додека работат во Советот да ги третираат како обвинители, а тие не се обвинители, а нивното работење во Советот да се третира како обвинителска дејност, што е апсурд. Ваквите одредби се во директна спротовност со Законот за јавното обвинителство и се разбира со самиот Устав, како највисок правен акт – изјави Кадриу.
Судот, посочи Кадриу, имал едногласно мислење дека со овој акт и со вградување на овие две одредби – работата на членовите на Советот на ЈО да биде ценета како обвинителска дејност, а нивниот статус членови на Советот како обвинители, станува збор за „груба повреда на Уставот и на законот“.
– Таквите услови да се вградат и да се предвидува и привилегија за членовите на Советот на ЈО претставува и дискриминација кон другите колеги обвинители, кои работат и се ценат нивните резултати и работење и претставува услов за нивно унапредување – истакна Кадриу.