МАКЕДОНИЈА ДОБИВА НОВИ МОЖНОСТИ ЗА ИНВЕСТИЦИИ Муцунски во дипломатска офанзива во Германија
Од македонска страна, биле презентирани поволностите за странски инвеститори и подготвеноста на Владата да обезбеди стабилна и предвидлива деловна клима.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, престојува во дводневна работна посета на германската покраина Северна Рајна – Вестфалија, каде оствари повеќе важни средби со покраински претставници и бизнис-секторот.
Муцунски се сретна со министерот за европски, меѓународни прашања и медиуми на покраината, Натанаел Лимински, како и со државниот секретар Марк Шпајх. Разговорите, како што информираат од Министерството, биле фокусирани на унапредување на билатералната соработка, со акцент на политичката и економската поддршка, како и на европската перспектива на Македонија.
– Северна Рајна – Вестфалија е исклучително доверлив партнер на нашата држава – и политички, и економски. Изразувам благодарност за континуираната поддршка и личниот ангажман на министерот Лимински во развојот на нашето партнерство – изјави Муцунски по средбата.
Тој нагласи дека покраината е седиште на многу водечки германски компании, но и дом на бројна македонска дијаспора, што претставува дополнителен мост за јакнење на врските меѓу двете страни.
Во рамки на посетата, министерот се сретна и со директорот на Агенцијата за трговија и инвестиции на покраината, Феликс Нојгарт. Разговорите се воделе околу можностите за нови германски инвестиции во Македонија, особено во секторите на енергетиката, туризмот, технологијата и дигитализацијата.
Од македонска страна, биле презентирани поволностите за странски инвеститори и подготвеноста на Владата да обезбеди стабилна и предвидлива деловна клима.
– Се согласивме дека постои реален потенцијал за продлабочување на економската соработка, а оваа посета претставува конкретен чекор во таа насока – соопшти Муцунски.
Во рамки на дводневниот престој, министерот вчера ја посети и македонската заедница во градот Солинген, каде имаше средба со активните претставници на дијаспората.