ПОВИК ЗА МИНИ МУРАЛИ И ГРАФИТИ ВО ЦЕНТАР Темата е поврзана со македонското писмо и јазик

Овој повик е дел од Програмата за култура за 2025 година и има за цел да го разубави визуелниот изглед на општината и да го потенцира културниот и јазичниот идентитет.

36

Општина Центар ги поканува сите креативци, уметници и културни здруженија од територија на Центар да учествуваат во новиот јавен повик за изработка на мини мурали и графити на јавни простори. Овој повик е дел од Програмата за култура за 2025 година и има за цел да го разубави визуелниот изглед на општината и да го потенцира културниот и јазичниот идентитет.

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека проектите на конкурсот треба да ја истакнат значајноста на македонското писмо и јазик или да бидат посветени на културните обележја и настани значајни на локално ниво.






– Преку проектот „Мини мурали и графити“ создаваме нови можности за локалните уметници и внесуваме боја и живот во урбаниот простор. Уметноста на јавните површини не само што го разубавува градот, туку носи и пораки кои ги сплотуваат граѓаните. Нашата цел е Центар да биде отворено платно за креативноста. Право на учество имаат поединци, регистрирани здруженија и правни субјекти со седиште во Општина Центар – вели Герасимовски.

Подносителите на пријава на јавниот повик може да предложат локација за изработка на муралот/графитот по сопствен избор. Доколку посочената локација претставува ѕид од фасада на станбена зграда, потребно е учесниците да приложат согласност од сопствениците на објектот.

Пријавата со комплетната документација треба да се достави во еден оригинален примерок, пополнета електронски, потпишана и заверена од одговорно лице на апликантот. Документацијата може да се поднесе по пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. Михаил Цоков бр.1, 1000 Скопје, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот, со назнака: „Јавен повик за цртање на мурали и графити на јавен простор на подрачјето на Општина Центар“.

Поднесувањето на пријавите е отворено пет дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар (www.centar.gov.mk). Финансиската поддршка ќе се додели согласно квалитетот, обемот и оригиналноста на предлог проектите, во вкупен износ од 295.000 денари.

 

Поврзани содржини