ЕВРОПА ЌЕ ОБУЧУВА 100.000 РУДАРИ И ИНЖЕНЕРИ Македонија има потенцијал што вреди суво злато ама 40 години не е отворен нов рудник

Унијата настојува до 2030 година самата да ги произведува 34-те минерали, како што се литиум и бакар, потребни за нејзината зелена транзиција. Предвидено е 10% од своите годишни потреби да се задоволат преку рударството и 25% од рециклирањето. За оваа намена, на брза лента, веќе се одобрени 47 рударски и преработувачки постројки во 13 земји од Унијата.

1,202

За да ги исполни зацртаните цели од Зелената агенда, Европската Унија забрзано работи за самостојно да ги осигура т.н. критични минерали и да биде независна од трети страни. Унијата настојува до 2030 година самата да ги произведува 34-те минерали, како што се литиум и бакар, потребни за нејзината зелена транзиција. Предвидено е 10% од своите годишни потреби да се задоволат преку рударството и 25% од рециклирањето. За оваа намена, на брза лента, веќе се одобрени 47 рударски и преработувачки постројки во 13 земји од Унијата.

– Нашиот суверенитет зависи од суровините што самите можеме да ги ископаме, преработиме и рециклираме, но зависи и од нашата сопствена стручност на тоа поле. Со Актот за критичните суровини, Европа повторно се поврзува со својата историја како научен, индустриски и еколошки пионер во рударството и преработката на материјалите – вели Стефан Сежорн, извршен потпретседател во Европската комисија, задолжен за внатрешниот пазар.






На минатонеделниот самит во Брисел, посветен на критичните минерали, челниците на европските агенции информираа дека покренуваат нова голема иницијатива за создавање квалификувана работна сила за европскиот сектор на суровини, со цел да се поддржи индустриската конкурентност на ЕУ и зелените и дигиталните транзиции. Обуката е предвидено да го покрива целиот синџир – од рударство и рециклирање до управувањето со материјалите и циркуларната економија.

– Комисијата во март веќе одобри 47 проекти, лоцирани во тринаесет земји – за зајакнување на домашните капацитети во ЕУ за материјали како што се литиум, кобалт и графит. Меѓутоа, за да го реализираме ова – ни требаат луѓе и работници со соодветни вештини. Европската Академија за суровини е одличен пример за тоа каква е Унијата на дело: ќе им помогне на најмалку 100.000 работници ширум Европа со вештините што им се потребни за да ги совладаат зелените и дигиталните транзиции – потенцира Роксана Минзату, која е потпретседател во Европската комисија за политики за вработување.

Покрај Унијата и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го забрза процесот на издавање дозволи за 10 нови рударски проекти низ САД, давајќи им таканаречен статус FAST-41, што овозможува побрзи и потранспарентни процедури за одобрување. Во нивното образложение се вели дека потегот е дел од поширока стратегија за зголемување на домашното производство на клучни суровини како што се литиум, бакар, антимон и ретки земни елементи, кои се клучни за националната безбедност, производството, чистата енергија и индустријата за батерии.

– Трката за 2030 година бара повеќе од амбиција – бара акција. Со создавањето на Европската академија за суровини, не само што ја подготвуваме Европа за иднината, туку и ја градиме. Од рударски инженери до стратези за циркуларност, оваа Академија ги обликува талентите што им се потребни на нашите индустрии за да обезбедат глобална конкурентност – нагласи Бернд Шафер, директор на Европскиот институт за критични суровини.

Во меѓувреме, кај нас уделот на рударството во индустриското производство е сѐ помал, а во последните 40 години воопшто не е отворен нов масивен рудник. Според последните податоци, индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во октомври 2024 година, во однос на октомври 2023 година, бележи опаѓање од 8,2%.

Од Министерството за енергетика неодамна информираа дека Македонија има рударски потенцијал што вреди суво злато и додаваат дека идниот развој мора да се заснова врз еколошки стандарди. Во оваа насока, веќе се подготвува нова Стратегија за рударство со фокус на зелените технологии, енергетска ефикасност и општествена одговорност. Освен Стратегијата, чиј носител е МАНУ, паралелно се подготува и нов Закон за рударство.

Поврзани содржини