ФФМ ГИ КАЗНИ КОЖУФ И БАШКИМИ Поништен е натпреварот од 6 мај, истрагата продолжува

Случајот не е затворен и Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот, поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот, велат од Фудбалската федерација на Македонија.

182

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го поништи денеска натпреварот од 28 коло во Втората Македонска фудбалска лига меѓу Кожуф и Башкими од 6 мај.

Како што е соопштено, бодовите од натпреварот не се доделуваат на ниту една екипа, постигнатите голови не се евидентираат и не влегуваат во евиденција на дадени голови на фудбалерите.






„Комисијата, имајќи го предвид Правилникот за натпреварување, но и етичкиот аспект на случајот, со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето и зачувување на угледот на фудбалот како спорт, ја донесе оваа одлука со која се настојува да се избегне какво било легитимирање на неспортски и неетички дејствија, кои се спротивни на вредностите на ФФМ“, се наведува во соопштението.

Дополнително, Дисциплинската комисија на ФФМ поведе дисциплински постапки за недозволено влијание на исход и тек на натпревар против спортскиот директор и шефот на стручниот штаб на Кожуф, Пепи Ѓоргиев и Славчо Ѓеоргиевски, а поведена е дисциплинска постапка и за двата клубови.

„Случајот не е затворен и Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот, поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот“, наведе ФФМ.

Поврзани содржини