РАБОТНИЦИТЕ БАРААТ ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ, НО МОЛЧАТ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА НИВНИТЕ ВЕШТИНИ Самитот на Македонија2025 отвори болни прашања за економските реформи
Можеме да го постигнеме посакуваниот економски раст и развој на целото општество, доколку ја употребиме технологијата и ги ставиме во функција огромниот број домашни таленти кои сега работат за потребите на други конкурентни економии и го поддржуваат нивниот развој, рече Васко Кроневски, член на бордот директори на Македонија2025.
Стратегии за забрзан економски раст преку болни реформи, значењето на дигиталните политики и иновациите за економија подготвена за иднината, улогата на глобалните економски партнерства, како и иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, се дел од темите на првиот ден од 14-тото издание на Самитот на Македонија2025.
Самитот беше официјално отворен со поздравни обраќања на претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и главната извршна директорка проф. Никица Мојсоска Блажевски. Тие ја истакнаа долгогодишната визија и мисија на организацијата за градење посилна нација преку економски раст, нулта толеранција за корупцијата, ефикасна јавна администрација, вложувања во образованието, иновации и ангажирање на дијаспората.
– Има прогрес во Македонија, но другите земји растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – истакна Мојсоска Блажески.
На првиот ден од Самитот учествуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој во разговорот со директорката Мојсоска Блажевски се осврна на досегашните предизвици и резултатите што ги постигна неговата влада. Во фокусот на разговорот беа реформите кои треба да обезбедат подинамичен економски раст на земјата, како и соработката меѓу владата и приватниот сектор.
Самитот продолжи со панел дискусија насловена „Полнолетство – Македонија2025: Каде сме и каде одиме“, модерирана од членот на Одборот на директори, Боријан Борозанов, на која учествуваа основачите на Македонија2025, Мајк Зафировски и Џон Битов, како и членот на Одборот на директори, Живко Мукаетов. Во рамки на дискусијата тие се осврнаа на првичните мотиви за основањето Македонија 2025 и досегашните достигнувања на организацијата, за стратешките приоритети за забрзан развој на земјата, како што се борбата против корупцијата, постигнување на економски раст од над 5% годишно и дигитализација, а ја нагласија и улогата на приватниот сектор и лидерството во трансформација на државата и нивната визија за развојот на земјата до 2030 година.
– Македонија мора да ги трансформира јавните услуги, да вложува во технолошките таленти, но и да ги подготви компаниите за современиот дигитален екосистем преку дигитална трансформација и примена на вештачката интелигенција. Како да се постигне ова ќе биде едно од клучните прашања на кои ќе се обидеме да дадеме одговор токму на Самит – изјави Кати Ицева, член на Одборот на директори на Македонија 2025.
За значењето на дигиталната трансформација на земјата и напорите на Македонија 2025 во оваа област зборуваше и Васко Кроневски, член на бордот на директори, кој напомена:
– Технологијата станува стратешки ресурс за развојот и ние така мора да го гледаме. Можеме да го постигнеме посакуваниот економски раст и развој на целото општество, доколку ја употребиме технологијата и ги ставиме во функција огромниот број домашни таленти кои сега работат за потребите на други конкурентни економии и го поддржуваат нивниот развој.
Годинешниот Самит на Македонија 2025 е најголем досега и обединува над 700 учесници, вклучувајќи домашни и меѓународни лидери, претприемачи, креатори на политики, меѓународни експерти и претставници на академската заедница и на граѓанскиот сектор.
Првиот ден од Самитот се одвива во атмосфера на амбициозни разговори за реформи, отчетност и конкурентност – втемелени во заедничките вредности и јасната визија за економската иднина на Македонија. Самитот продолжува и утре со дискусии околу значењето на образованието за развојот на државата, за потребата од редефинирање на стратегиите за привлекување странски инвестиции, за улогата на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз трансформацијата на традиционалните индустрии, а ќе стане збор и за улогата на дијаспората во поттикнување на економскиот раст и развој на земјата.