Колку струја троши светот во моментов?

Според глобалната проценка на трендовите во енергетскиот сектор во 2024 година направена од Меѓународната агенција за енергија (IEA), потрошувачката на електрична енергија се зголемила невообичаено брзо минатата година. Тоа зголемување било 1.100 TWh (терават-часови), или 4,3% што е двојно повеќе од годишниот просек во изминатата деценија

95

Електричната енергија е темел на современите општества и економии, таа ги напојува основните услуги како што се осветлувањето (дома и јавно), сите домашни електрични апарати (ги има многу), комуникациските системи, опрема во индустриските објекти, во поново време за електрични возила итн.

Многу корисни би биле информациите за тоа колку електрична енергија моментално користи светот? Од каде доаѓа (од кои извори се произведува), дали структурата на изворите се менува? Каква е состојбата во развиените земји и оние во равој и забрзана економија?






Според глобалната проценка на трендовите во енергетскиот сектор во 2024 година направена од Меѓународната агенција за енергија (IEA), потрошувачката на електрична енергија се зголемила невообичаено брзо минатата година.

Тоа зголемување било 1.100 TWh (терават-часови), или 4,3% што е двојно повеќе од годишниот просек во изминатата деценија.

Причина за тоа се рекордно високите температури кои ја зголемија побарувачката за ладење во многу земји, зголемената потрошувачка на енергија од индустријата, електрификацијата на транспортот (ел. возила), растот кај центрите за податоци (data centers) и вештачката интелигенција. Најголемиот пораст на потрошувачката на електрична енергија се случила во земјите во развој и оние со забрзана економија (Кина, Индија, Југоисточна Азија, …).

По неколку години стагнација или пад кај развиените земји, во 2024 година се појави извесно зголемување на потрошувачката на ел. енергија и кај нив, но многу помалку во споредба со земјите со забрзана економија.

На сликата подолу е прикажана структурата на производството на електрична енергија за цел свет во однос на изворите од 2019 до 2024 година, а од 2025 до 2027 е прогноза.

Може да се заклучи дека вредностите се скоро константни (имаат многу благ пораст) во однос на изворите на енергија како што се јагленот, природниот гас и нуклеарното гориво, но порастот на производството од обновливи извори на енергија (ОИЕ) е многу интензивен.

Меѓутоа, карактерот на структурата на изворите се менува соодветно во зависност од развиеноста на земјите (ова не се гледа на сликата).

Глобално производство на електрична енергија според изворот

 

Во 2024 година речиси 60% од електричната енергија била произведена од групата на фосилни извори. Јагленот остана најголемиот извор во светот, позиција што ја држеше повеќе од 50 години. Во 2024 година тој учествувал со 35% во вкупното производство, првенствено поради неговата истакната улога во напојувањето на неколку големи земји во развој и земји со забрзана економија. Природниот гас бил втор најголем извор на електрична енергија во последните две децении во кои обезбедил над 20% од глобалното производство на електрична енергија.

За истакнување е дека над 80% од растот на производството на електрична енергија минатата година дојде од ОИЕ и нуклеарната енергија. Заедно, овие извори со ниски емисии придонеле со 40% од вкупното производство за прв пат, од кои ОИЕ (фотоволтаични, ветерни и хидроенергетски) снабдувале 32%, а 8% биле од нуклеарен извор.

Со оглед на рекордните инвестиции во обновливите извори и силниот меѓународен интерес за проширување на нуклеарната енергија, производството на електрична енергија од овие извори ќе продолжи да расте во наредните години. Според прогнозите на IEA за следните неколку години во извештајот за електрична енергија од 2025 година, производството од обновливите извори ќе го надмине производството на ел. енергија од јаглен во оваа година, со што уделот на јаглен во енергетскиот микс ќе се намали под 33% за прв пат во изминатиот век.

Сегашните трендови исто така укажуваат дека се очекува изворите со ниски емисии на стакленички гасови да се прошират доволно брзо за да го задоволат целиот раст на глобалната побарувачка за електрична енергија до 2027 година, а тоа би било значајна пресвртница. И покрај тоа, емисиите на стакленички гасови, особено јаглерод-диоксид, ќе растат и следните неколку години бидејќи учеството на фосилните горива е сѐ уште големо.

Поврзани содржини