📷 БУРА ОД РЕАКЦИИ ВО АМЕРИКА ПОРАДИ ПОДАРОКОТ ОД КАТАР Демократите тврдат дека е поткуп, Трамп веќе одлучи да го прифати

Катарската влада соопшти дека сè уште не е донесена конечна одлука дека авионот вреден 400 милиони евра ќе му го подари на американскиот претседател.

395

Американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да прифати луксузен авион „Боинг 747-8“ како подарок од Катар за време на своето патување на Блискиот Исток оваа недела, а американски претставници тврдат дека авионот може да се преуреди како претседателски авион.

Катарската влада соопшти дека сè уште не е донесена конечна одлука. Сепак, Трамп ја брани идејата, иако тоа би значело прифаќање на скапоцен подарок од странска влада.






„Фактот дека Министерството за одбрана добива БЕСПЛАТЕН ПОДАРОК – авион 747, кој ќе го замени привремено 40-годишниот „Ер Форс 1“, во рамки на многу јавна и транспарентна зделка, ги вознемирува корумпираните демократи кои бараат да го платиме скапо“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Демократите и многу експерти велат дека е неетички и можеби неуставно да се прифати таков подарок.

– Не е само поткуп, туку е врвно странско влијание… – изјави лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.

Американскиот Устав забранува федералните функционери да примаат лични подароци од странски државници без согласност од Конгресот. Подароците со вредност над 480 долари се сметаат за сопственост на американскиот народ, а функционерите можат да ги задржат само ако ги откупат по пазарна цена, според податоците од Претседателската библиотека и музеј Роналд Реган.

Керолајн Ливит, портпаролка на Белата куќа, изјави дека секој подарок од странски влади секогаш се прифаќа во целосна согласност со сите важечки закони и дека администрацијата на Трамп е посветена на целосна транспарентност.

Според „Еј-Би-Си Њуз“, катарското кралско семејство планира да му подари на Трамп луксузен Боинг 747-8, познат како „летечкиот дворец“, кој би станал неговиот нов Air Force One. Се очекува авионите да бидат испорачани за време на претстојната посета на Трамп на Блискиот Исток.

Авионот се одликува со раскошна внатрешност, вклучувајќи златни ѕидови, позлатен мебел, спална соба, салони, конференциски простории, мермерни бањи и големо скалиште. Според извори на медиумот, Трамп го разгледал авионот во февруари на аеродромот во Вест Палм Бич и лично го одобрил. Пред крајот на неговиот мандат, наводно, авионот треба да биде предаден на фондацијата на претседателската библиотека на Трамп.

Трамп ќе престојува во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати од утре до четврток.

Моментално се користат два авиона „Ер Форс 1“, преуредени „Боинг 747-200В“, во служба од 90-тите години. Тие се специјално опремени за претседателските потреби и имаат современи комуникациски системи и противракетна заштита, со можност за полнење гориво во воздух.

Поврзани содржини