Индија-Пакистан: најопасен регионален конфликт на светот

Кашмир денеска е центарот на светот и ги тангира сите земји подеднакво, особено ако помислиме дека токму од тука се најголеми шансите да започне страотната „нуклеарна војна“.

120

Воениот судир помеѓу Индија и Пакистан околу Кашмир го разгорува можеби најопасниот регионален конфликт на светот, помеѓу две нуклеарни сили и заколнати непријатели уште од поделбата во 1947 година, по независноста од Британската Империја, пишува Ивор Мицковски за Дојче веле.

По украинскиот конфликт и војната во Газа, сега светот се соочува со трет регионален конфликт, што само ни го навестува или потврдува опасниот геополитички тренд од нови регионални судири помеѓу средни светски или регионални сили, додека во исто време се разгорува нов фронт на југот од Азија со импликации по глобалната безбедност и сигурност.






Рековме дека овој конфликт е можеби најопасниот на светот затоа што станува збор за две нуклеарни сили и затоа што непријателството спојува територијални претензии, атавистички ривалства, религиско нетрпение, тероризам, како и судир околу витални водни ресурси од страна на две влади кои се слични единствено по националистичката природа на своите лидери, популација, партии и погледи на светот.

Конфликтите меѓу Индија и Пакистан достигнаа нова опасна фаза откако индиската армија започна воена операција наречена „Операција Синдор“. Нападите се случија како одговор на масакрот во Пахалгам, дел од индискиот контролиран Кашмир, каде што терористите убија 26 туристи, претежно мажи, пред нивните семејства. Индија го обвини Пакистан за поддршка на терористичките групи одговорни за нападот, што Исламабад силно го негира и тврди дека и самиот е жртва на тероризам.

Надеж дека судирот нема да ескалира

Индија и Пакистан водеа неколку војни и престрелки откако добија независност од Велика Британија во 1947 година. Во 2019 година, двете земји беа на работ на војна. Во самоубиствен бомбашки напад врз воен конвој беа убиени најмалку 40 индиски војници. Индија го обвини Пакистан дека им нуди засолниште на исламистички терористи и спроведе ограничен воздушен напад на пакистанска територија. Војната Каргил од мај 1999 година доведе до она што често се опишува како нуклеарно жариште. Индија тврди дека обезбедила доволно докази за терористички групи кои дејствуваат од Пакистан и ја напаѓаат индиската држава и нејзиниот народ.

Надежта во овие моменти е дека судирот нема да ескалира во комплетна војна, затоа што зад репресалиите и бомбите се верува дека постои и една ладно искалкулирана идеја, еден циничен пристап дека на ниедна од страните не и одговара тотална конвенционална војна, уште помалку нуклеарна. Вистинската војна помеѓу овие два заколнати непријатели би уништила градови со мултимилионска популација, би ги срушила економиите и би ги збришала сите нивни постоечки амбиции. Индија бара да биде почитувана, да се почитуваат нејзините граници и нацијата. Пакистан се бори за својата чест и да потсети дека во Кашмир постои големо муслиманско малцинство потчинето од хинду национализмот, каде Индија од 2019-та го одзеде специјалниот статус на поранешното независно кнежество, со што Кашмирците се суштински обесправени. И двете земји сакаат да го избегнат амбисот, но, во оваа опасна шаховска игра, шансите од погрешна проценка се огромни и лесно можат да доведат до тотален судир.

Големата разлика од сите претходни судири е што „Операцијата Синдор“ означува една сериозна промена во индиската стратешка и воена доктрина. Преку умерен воен одговор на терористичките напади Индија сигнализира дека отсега таквите напади се изедначуваат со воен напад, на тој начин пренесувајќи ја одговорноста за ескалација директно врз Пакистан. Според оваа доктрина, доколку Пакистан сака да избегне конвенционална војна тогаш треба да го запре меѓуграничниот тероризам. За Индија, воениот одговор на нови терористички напади, се почесто ќе се претвора во правило, наместо во исклучок.

Колку светските велесили можат да влијаат за смирување на тензиите?

Пакистан од своја страна и покрај заканите и репресалиите, во суштина не може да поднесе и да си дозволи еден продолжен конфликт. Земјата се наоѓа во критична политичка, економска и воена ситуација. На внатрешен план судирот можеби им помага на пакистанските власти да ги маскираат репресивните мерки, кршењето на човекови и политички права после апсењето и затворањето на поранешниот премиер Имран Кан, како и за време на судењето на неговите приврзаници, но розите воопшто не им цветаат на самите граници. На безбедносно поле границата со Авганистан е крајно нестабилна, со враќање на непријателствата како од страна на Талибанците, така и од страна на пакистанските Талибанци. Провинцијата Балокистан, богата со ресурси и мета на кинески инвестиции и апетити, е во полн воен бунт. Поместувањето на трупи кон индиската граница може само да ја влоши внатрешната нестабилност.

Ништо подобра не е ситуацијата ниту на воен или економски план. После продажбата на бројна муниција на Украина со цел да обезбеди ликвидност, Пакистан се соочува со испразнети магацини и сериозни логистички проблеми. Економската ситуација е катастрофална и воена ескалација може само да го одложи кревкото економско заздравување и да ги блокира фискалните реформи. Со надворешен долг од 131 милијарди долари и резерви на странска валута од само 10 милијарди, земјата е опасно изложена кон странство. Конфликт би можел да го загрози пакистанскиот излез на финансиските пазари, да ја ослабне довербата на инвеститорите и да ја прекине поддршката од ММФ. Со други зборови Пакистан се соочува со комплетна економска изолација.

Тоа што дополнително загрижува во овој конфликт е релативно слабата способност на САД, Русија и Кина да влијаат на смирување на тензиите, иако секоја со различен јазик и иницијативи повикаа на умереност. Веќе се насетуваат сигнали според кои Кина можеби го охрабрува Пакистан да ги засили тензиите, така надевајќи се дека ја втурне Индија во пролонгиран судир од низок интензитет, нешто што би му помогнало на Пекинг да го спречи економскиот подем на Индија, која се почесто станува атрактивна мануфактурна алтернатива на Кина, пред се поради новите царини на Трамп.

За Русија приближувањето на Индија кон Западот е стратешка закана. Некогаш во најголем дел зависна од Русија за своите воени потреби, Индија успеа таа зависност од 60% да на намали на само 35%, како последица на санкциите и алтернативите. Војна со Пакистан би можело да ја промени таквата тенденција и Индија повторно да се сврти кон Москва во потрага во наоружување, враќајќи се на историската зависност од Русија.

Пакистан и Индија сакаат да останат независни во носењето на своите одлуки

Па сепак, Индија и Пакистан како нуклеарни сили се чувствуваат доволно автономни од големите сили и не се грижат премногу за меѓународните односи. Нема сомнежи дека Исламабад својот нуклеарен арсенал го должи пред се на Кина, како што Њу Делхи се надева дека ќе го модернизира сопствениот благодарение на привилегираниот однос со Вашингтон, но ништо од тоа не го прави ниеден од ривалите премногу подложен на надворешни притисоци, било од Кина или од Америка.

Самото перманентно одржување на замрзнатиот, а сега загреан конфликт во Кашмир, без обиди за никакви компромиси или надворешни притисоци кажува до кој степен Пакистан и Индија сакаат да останат независни од сите и од се во носењето на своите одлуки.

Ова ни кажува и дека ако се наоѓаме во една глобална геополитичка ситуација каде ниедна од големите светски сили засебно или заедно, не можат да превенираат, спречат или надминат регионални конфликти помеѓу сили од среден и регионален калибар, тогаш допрва ќе се соочуваме со една сосема нова типологија на безбедносни ризици на светската сцена.

Проблемот е уште поголем што други регионални сили веќе јасно се определуваат и бираат страни во индиско-пакистанскиот конфликт. Анкара на Ердоган отворено застана на страната на Пакистан, дури и испраќајќи воен брод во водите на воениот сојузник, додека Израел го истакна правото на „самодобрана на Индија“ од „заканата на исламскиот тероризам“. Со тоа на југот од Азија, покрај Сирија, се додава уште едно парче од сложувалката во судирот помеѓу пан-исламската солидарност поддржана од Турција и израелската позиција која го опишува како џихадистички тероризам и глобална закана за светот.

Затоа Кашмир денеска е центарот на светот и ги тангира сите земји подеднакво, особено ако помислиме дека токму од тука се најголеми шасните да започне страотната „нуклеарна војна“.

Поврзани содржини