МЕРКИТЕ ДАВААТ РЕЗУЛТАТ Цените на храната се стабилизираат, инфлацијата се намалува
Министерот за економија Бесар Дурмиши најави ригорозни казни за трговците кои ќе ги зголемат цените драстично.
Благодарение на мерките преземени од почетокот на годината – вклучувајќи го ограничувањето на маржите на прехранбени и хигиенски производи – денес имаме конкретни резултати. Цените на храната се речиси непроменети – само 0,3% годишен раст, и намалување од 1,3% споредено со крајот на 2024 година, а инфлацијата за месец април е практично нула. Во споредба со април минатата година, инфлацијата изнесува 2,6%, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши денешната прес-конференција.
Дурмиши оцени дека економијата е постабилна, а граѓаните не се соочуваат со неподносливи поскапувања.
-Но, тука нема да застанеме. Во соработка со Државниот пазарен инспекторат, секојдневно ја следиме динамиката на цените. Досега нема значително зголемување по завршувањето на мерката. Но, доколку некој се обиде да ја злоупотреби ситуацијата – ќе реагираме веднаш – рече тој.
Дурмиши најави дека на располагање за реакција има неколку мерки.
-Можеме да ја прошириме листата на производи со ограничени цени, да воведеме маржи за сите производи или да ги зголемиме постојните ограничувања – рече Дурмиши.