Преглед на потрошувачката на енергија во светот

Растот на глобалната побарувачка за нафта значително забави во 2024 година. Уделот на нафтата во вкупната побарувачка за енергија паднал под 30% за прв пат досега, а пред 50 години бил 46%. Причина за тоа е најмногу зголемувањето на бројот на електрични возила, употреба на топлински пумпи за греење на просториите и др.

133

Употребата на енергија е присутна на секој чекор во нашиот живот почнувајќи од дома, на улица, на работа, во локалната заедница, во државата и во меѓународни рамки. Без енергија не може да се одвива животот во форма и содржина која се остварува денес. Затоа, при секоја енергетска криза настанува извесна несигурност во снабдувањето, цените, влијание на индустријата итн. Заради важноста на енергијата решив да напишам нешто што се случува на глобално ниво.

Кога се зборува за енергијата неизбежна е темата за климатските промени бидејќи емисиите на стакленички гасови (најмногу јаглерод-диоксид) се најголеми во енергетскиот сектор. Од таа причина од пред неколку децении покрената е иницијатива за зголемување на енергетската ефикасност со цел помалку трошење на енергија, односно помалку согорување на фосилни горива. Прочитав неколку извештаи на Меѓународната агенција за енергија (IEA) и подолу ќе ги изнесам показателите за тоа што се случува во енергетскиот сектор глобално и во разни региони, како и анализа на структурата на видовите на енергија.






На сликата подолу е прикажана глобалната потрошувачка на примарна енергија според изворот. Може да се види дека потрошувачката на енергија во светот постојано расте. Во односот на изворите на енергија, најголемо учество во потрошувачката имаат јагленот, нафтата и природниот гас, сите тие се фосилни горива.

Во 2024 година побарувачката за сите горива се зголемила глобално за 2,2% во однос на претходната година. Структурата на тоа зголемување според видот на гориво е следна: обновливите извори на енергија (ОИЕ) пораснале за 38%, природниот гас 28%, јагленот 15%, нафтата 11% и нуклеарната енергија 8%.

Најголемиот дел од растот на побарувачката на енергија во 2024 година припаѓа на земјите во развој и оние со забрзана економија. Во апсолутен износ најголем раст имало во Кина и Индија. Кај развиените земји растот на побарувачката на енергија е помал, но кај САД е најголем и во апсолутен износ е веднаш зад Кина и Индија.

Растот на глобалната побарувачка за нафта значително забави во 2024 година. Уделот на нафтата во вкупната побарувачка за енергија паднал под 30% за прв пат досега, а пред 50 години бил 46%. Причина за тоа е најмногу зголемувањето на бројот на електрични возила, употреба на топлински пумпи за греење на просториите и др.

Природниот гас забележа најсилен раст на побарувачката меѓу фосилните горива во однос на претходната година. Кина имала најголем годишен апсолутен раст на побарувачката на гас од над 7%, а растот бил голем и во другите земји во развој и оние со забрзана економија во Азија. Побарувачката за гас се зголемила за околу 2% во САД.

Иако јагленот е најштетно гориво за климатските промени предизвикувајќи и локалното загадување, неговата глобалната побарувачка во 2024 година се зголемила за 1%. Причина за тоа била големата потреба од електрична енергија заради ладење во текот на интензивните топлински бранови во Кина и Индија со вклучување на термоелектраните на јаглен. Кина остана најголем потрошувач на јаглен во светот, со рекордни 58% од глобалната употреба на јаглен.

Како заклучок ќе наведам дека глобалната потрошувачка на енергија постојано расте до денес, а структурата на растот во 2024 година е следна: ОИЕ 38%, јаглен+нафта+гас 54%, нуклеарна 8%. Со оглед на растот на потрошувачката на фосилните горива може да се каже дека емисиите на стакленички гасови постојано растат. Тоа е неповолно во однос на климатските промени, што значи целите на Парискиот договор тешко дека ќе се постигнат.

Заради енергетската транзиција, односно трендот на електрификација во светот, во 2024 година имало двојно поголемо зголемување на потрошувачката на електрична енергија во однос на претходните години. Посебен осврт на потрошувачката на електрична енергија во светот ќе направам во следниот напис што планирам да го подготвам за неколку дена.

Поврзани содржини