УЛТРАДЕСНИЧАРОТ СИМИОН УБЕДЛИВО ПОБЕДИ ВО ПРВИОТ КРУГ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО РОМАНИЈА Дали Украина е на раб да го изгуби најважниот источен сојузник?
Резултатот во првиот круг од претседателските избори во Романија буди загриженост во европските главни градови, како и во Вашингтон, Киев и Москва. Романија игра клучна улога како транзитен коридор за оружје и муниција кон Украина. Во неа се наоѓаат американскиот ракетен одбранбен систем во Девеселу и 3 стратешки воздухопловни бази од каде НАТО врши воздушни патролни мисии до украинската и молдавската граница, како и над Црното Море.
Кандидатот од крајната десница, националист и противник на воената поддршка за Украина, кој е скептичен кон Европската Унија, оствари убедлива победа во првиот круг од претседателските избори во Романија, објави Би-Би-Си.
Џорџе Симион освои 40,96% од гласовите и влегува во вториот круг, закажан за 18 мај, како јасен фаворит против либералниот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан.
Никушор Дан за малку го победи кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, со нешто помалку од 21% од гласовите.
Пред 6 месеци, претседателските избори во Романија завршија со скандал и конфузија. Победи радикален аутсајдер со мистични наклонетости, Калин Георгеску, но резултатот беше поништен поради обвинувања за изборна измама и руска вмешаност.
По затворањето на гласачките места во неделата, Симион им се заблагодари на гласачите.
„Тоа беше чин на храброст, доверба и солидарност. Овие избори не се за еден или друг кандидат, туку за секој Романец кој бил лажен, игнориран, понижен, а сепак има сила да верува и да ги брани нашите идентитет и права“, објави Симион на социјалната мрежа Икс во петокот.
Симион е обожавател на Трамп
Симион е обожавател на претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој за Би-Би-Си изјави дека верува во силно НАТО, и дека ќе го задржи американското воено присуство во Романија доколку стане претседател.
Многу од гласачите, кои минатата година го поддржаа Георгеску на поништениот избор, сега се смета дека преминаа на страната на Симион, а двајцата заедно гласаа во неделата.
Симион може да ги привлече и гласачите кои го поддржаа поранешниот премиер Виктор Понта, кој заврши четврти, и кој водеше кампања под мотото „Прво Романија“.
Во февруари, американскиот потпретседател Џ. Д. Венс остро ја критикуваше Романија за поништувањето на изборите, предизвикувајќи потреси во романската политичка елита, која се потпира на специјалните односи со САД. Георгеску, сепак, беше спречен да учествува на повторените избори.
Резултатот се следи со загриженост во европските престолнини, Вашингтон, Киев и во Москва. Романија е важна транзитна рута за оружје и муниција за Украина. Земјата има американски ракетен одбранбен систем во Девеселу и 3 главни воздухопловни бази од кои НАТО изведува мисии за воздушно патролирање до границите со Украина и Молдавија, како и над Црното Море.
Украина извезува 70% од своето жито по Црното Море, преку романските територијални води, кон Истанбул. Романската морнарица ги расчистува мините во тие води, а романското воздухопловство обучува украински пилоти за летање со Ф-16.
Администрацијата на Трамп ја преиспитува својата посветеност на Романија – визното олеснување беше ненадејно укинато непосредно пред изборите.
„Заборавете на помош за Украина ако Симион стане претседател“
–Заборавете на помош за Украина ако Симион стане претседател – изјави експертот за безбедност од Центарот за нова стратегија во Букурешт, Џорџе Скутару.
Како шеф на Советот за национална безбедност, претседателот има право на вето и има големо влијание врз безбедносната политика. Но, Скутару изрази „претпазлив оптимизам“ дека еден од центристите ќе победи во вториот круг.
Во интервју за Би-Би-Си, Симион беше јасен.
– Русија е најголемата закана за Романија, Полска и за балтичките држави. Проблемот е што оваа војна не оди никаде – посочи тој.
Симион изрази надеж дека мировните разговори, што ги организира администрацијата на Трамп, ќе доведат до примирје и мировни преговори.
Јавното незадоволство од финансиската помош на Романија за украинските бегалци беше централна тема во кампањата на Симион, иако тој негира дека е проруски ориентиран.