Македонија сепак не е тажна приказна
Дали „тажната приказна“ се плаши да не се претвори во „отворена приказна“ на новата власт којашто полека но сигурно ги открива злосторите на еу-фаворитите, дали некој овде, но и во Брисел се обидува да спасува задник, па и глава? Зашто, како што тргнале нештата, особено после Кочани, но и претходно, ќе има повеќе „тажни приказни“ но Македонија нема да биде една од нив. Тие тажни приказни полека но сигурно се вообличуваат, добиваат лик и име и презиме.
Кога некој како онаа лицемерна Марта Кос, која „сосема случајно“ се нашла на списоците на соработници на УДБА, ви вели дека вашата земја е „тажна приказна“, треба сериозно да се замислите. Но не заради тоа што, можеби, таа невоспитана констатација содржи некаква вистина, туку заради тоа од каде и од кого доаѓа таа „вистина“. А таа „вистина“ е злонамерна и тенденциозна, недобронамерна и подметнувачка, а доаѓа од устата на проминентните еу политиканти кои прават сѐ Македонија да ја претворат во – тажна приказна.
А впрочем, токму некултурни ликови како Марта „УДБА“ Кос, кои дури кратко живееле и во една друга, некогаш заедничка држава, знаат дека тогаш Македонија не била таква приказна. Ама не се прашува ли – зошто? И како почна да заличува на „тажна приказна“ од мигот кога некој ѝ ја подметна идејата за еу (малите букви се…)?!
Но, во секој случај, ако во оваа современа фарса има некаква тага, тогаш тоа е тажниот профил на ликови како Марта Кос – еу провинцијалци кои мислат дека станале неолиберална господа!
Или, ако сакате, Македонија, како и секоја друга држава во ваква и вака „моделирана“ транзиција, има елементи на тажна приказна, но и тие елементи, или голем дел од нив, за жал, повторно доаѓаат од истиот извор – онаа и онаква еу и оние и онакви полуписмени политиканти како Мартас Кос и компанија. Зашто предиспозициите Македонија да стане таква приказна дојдоа директно од Брисел, уште во онаа 1992 година. И таа страна на „тажната приказна“ почна да се развива преку „спорот за името“, па „идентитетскиот спор“, па “Бугарите во Устав“…, па поразот на нивните фаворити – оние кои баш тажната приказна викана Шолц онака срдечно ни ги препорачуваше пред ланските избори – и сѐ до денешните случувања кај нас, повторно (ин)директно диригирани преку нивната овдешна „петта колона“.
Зашто, како што и сите еу диктати за и околу Македонија низ минативе години ја усложнуваа нејзината „приказна“, ја правеа државата тотално зависна од налудничавите идеи на случајни луѓе од Брисел и Скопје до степен на чиста патологија и „народ со посебни потреби“, така и случувањата од минатиот јуни до денес се резултат на непомирливоста на криминално-коруптивната „прогресивна“ коалиција со губењето на власта. И оттаму секојдневното барање некакви и нечии оставки, интерпелации, сега и барање предвремени парламентарни избори, па дегутантното користење на еден трагичен настан за политички цели и евтини поени итн. А всушност, токму еу последниве години – поточно од 2014 година и „Кримската криза“ – многумина ја дијагностицираат со „autistic disorder“! Или, тоа ќе рече дека цела деценија таа и таква еу командува со брод што тоне, никако неуспевајќи да го финализира смислениот „интегративен проект“ којшто де факто тоа никогаш и не беше. Таа никогаш и не сакала да биде заедница на рамноправни демократски држави туку збирштина од квазинеолиберални глави кои ќе командуваат со народи и држави, по секоја цена.
И затоа сега е полесно Македонија да „ја крстат“ во тажна приказна наместо во еу членка, бидејќи не сака да се вклопи во нивните „игри без граници“ со народи и држави и не дозволува некој да се поигрува со нејзиниот идентитет, јазик, култура… А тоа се случува денес во Македонија, можеби сѐ уште срамежливо и со доза на културно односно добро воспитување, а впрочем и со огромна поддршка од македонските граѓани. Доаѓањето на една нова власт којашто, очигледно е, не е баш така подготвена само да слуша туку сака и да размислува со своја глава, не одговара на денешниот профил на еу политикантите. Но со тоа тие, особено „госпожа УДБА“ и „тетка“ Урсула, ќе мора да се соочат, кога-тогаш. Како што ќе се соочат и со многу други нешта, како што и ние ќе мора да се соочиме – и се соочуваме – со евентуалните последици од таквите одлуки. Но тие се единствени можни, наспроти заговорите на криминално-коруптивната коалиција за рушење на власта после нецела година.
И дали во таа грмушка се крие зајакот? Дали „тажната приказна“ се плаши да не се претвори во „отворена приказна“ на новата власт којашто полека но сигурно ги открива злосторите на еу-фаворитите, дали некој овде, но и во Брисел се обидува да спасува задник, па и глава? Зашто, како што тргнале нештата, особено после Кочани, но и претходно, ќе има повеќе „тажни приказни“ но Македонија нема да биде една од нив. Тие тажни приказни полека но сигурно се вообличуваат, добиваат лик и име и презиме. Некои, се разбира, ќе добиваат и судска разрешница. И оттаму ли и оваа нервоза со „тажната приказна“? Зашто ако нештата во Македонија со новата власт не продолжат по започнатиот пат, тогаш Марта Кос ќе ликува и со право ќе нѐ нарекува и нас – тажна приказна.
А впрочем, гледаат ли оние во еу, вклучувајќи ги и оваа Кос и онаа Урсула, како пред Собранието беа пречекани нивните фаворити од родителите на загинатите деца? И ги слушаат ли налудничавите конструкции на еден бивш министер од криминалната коалиција, недолично удостоен со внимание на една национална телевизија? На таа ли „тажна приказна“ мисли Кос и со нив ли ќе прави – „среќна приказна“?!
Но, повторно, речиси и не е воопшто важно што мислат Марта Кос или Урсула фон дер Лајен, државите имаат обврски само и единствено пред своите граѓани. И пред историјата, се разбира. Ако Македонија тука потклекне – а беше на тој пат! – тогаш нештата (ќе) стануваат сериозно тажни. Зашто одлуките, како впрочем и животите, одекнуваат во вечноста. И во историјата, секако. Ако некому е сеедно како таа „вечност“, историјата и нивните семејства ќе ги паметат…
П.С.
Не ја знам агендата на Кос но искрено се надевам дека таа нема стапне во Македонија. Зашто би било грдо, многу грдо. Но еднакво грдо, и крајно дволично како и сите нејзини „изјави“ и „политики“ на еу е и посетата на Белград и средбите со политичкиот врв на државата. Оној ист против којшто протестираат српските студенти веќе пет-шест месеци, а чии протести наводно еу ги поддржува. Но тоа е таа простотија, тој дволичен еу провинцијализам со којшто некои луѓе како Марта Кос дури и се гордеат!
Извор: Теодосиевски уметност