ЌЕ ГИ РАЗБИЕ ЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ТЕОРИИТЕ НА ПАЛЧО ДЕКА Е НАМЕСТЕН? Продолжува судењето за убиствата на Вања и на Панче
Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска имаат можност со нивните прашања да ги разбијат сите теории на заговор што Палевски ги сервираше пред Судот – од тоа дека го наместила бившата власт на чело со СДСМ затоа што го фатил Оливер Спасовски во перење пари, до тоа дека убиствата ги извршиле некои сè уште непознати лица, а злосторствата се искористени против партијата Десна.
По две долги рочишта на кои Љупчо Палевски Палчо на прашања на бранителот Јовица Страшевски нашироко објаснуваше дека тој не е убиецот на Вања Ѓорчевска (14) и на Панче Жежовски (74), денеска првообвинетиот ќе биде испрашан од застапничките на Обвинителството. Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска имаат можност со нивните прашања да ги разбијат сите теории на заговор што Палевски ги сервираше пред Судот – од тоа дека го наместила бившата власт на чело со СДСМ затоа што го фатил Оливер Спасовски во перење пари, до тоа дека убиствата ги извршиле некои сè уште непознати лица, а злосторствата се искористени против партијата Десна.
Останува да се види колку обвинителките ќе бидат успешни во тоа, со оглед дека Палевски жестоко се обидува да ги оспори вербалните и материјалните докази што беа изведени против него.
За двете свирепи убиства извршени во ноември 2023 година им се суди и на Велибор Манев, Боре Видевски и на Влатко Кешишев, а на Александар Ѓорчевски му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Какви прашања ќе добие Палчо?
Јавноста денеска очекува сериозен дуел во судницата помеѓу обвинителките и првообвинетиот. Палевски на рочиштата доаѓа добро подготвен, со детално исчитани стотици страници од списите на предметот и со внимателно запишани поенти за празнините што ги открил. Самиот кажува дека времето во притворот го поминува во детална анализа на сите докази и во секоја прилика потенцира дека против него немаат ништо.
Но, и обвинителките се подготвени и досега презентираа докази против него. Трпеливо молчеа на навредите од Палевски, внимателно ги слушаа неговите излагања и ретко реагираа пред Судот. Сега, кога дојде нивниот ред за прашања се очекува да му ги размонтираат тврдењата – дека не е убиец, дека не бегал после убиствата, туку одел на лекување, дека доказите против него се монтирани. На напаѓачките прашања од обвинителките се оекува и Палевски да одговара со напаѓачки одговори.
Сепак, никој не очекува дека Палчо, колку и да биде притиснат од прашањата, ќе ги признае делата што му се ставаат на товар.
Нема докази за фалсификувани докази
Палевски Рече дека не го познавал Панче Жежовски и никогаш не го видел во животот и дека не знаел дека детето Вања Ѓорчевска воопшто постои.
Од првото рочиште Палевски тврди дека Обвинителството и полицијата ги фалсификувале доказите против него, но тоа не може да го докаже. Мотивот на власта против него, како што тврди, е да биде морално ликвидиран и да го снема од политичката сцена.
Најмногу е насочен кон тоа да ги оспори видеоснимките од пред куќата на Велибор Манев во Велес, направени ноќта пред киднапирањето и убиството на Жежовски и во деновите потоа. Снимките му се проблем, затоа што на нив јасно се гледа неговиот лик, заедно со ликовите на останатите тројца обвинети. За разлика од нив, на снимките од „Сејф сити“ на МВР, во возилата „цитроен“ и „рено кангу“ со кои се извршени злосторствата, се гледаат само силуети и не се гледа јасно ликот на Палчо. За велешките снимки тврди дека се монтирани и дека не го прикажуваат точното време и датуми кога се снимени. Тврди дека полицијата и обвинителството ги сечеле и лепеле. Вели дека се направени во мај 2023 година, кога сите четворица од кај Манев среде ноќ отишле кон Демир Капија да бараат злато.
Во своите искази Палевски се обидува вината за злосторствата да ја префрли на двајцата обвинети, Манев и Кешишев или на непознати лица, а од обвинувањата го иззема Видевски. Манев и Кешишев пред судот потврдија дека Палчо пукал во девојчето Вања, а Видевски негираше дека учествувал во убиствата.
Палевски го бранеше и таткото на Вања во својот исказ, на што Александар Ѓорчевски реагираше дека не му дозволува тој да го брани и да му го злоупребува името.