ПРЕМИЕРА НА „Д (КАКО ДЕЗДЕМОНА)“ НА РИСИМКИН Кореографката одбележува 45 години уметничко творење
Изведбата е во рамки на Деновите на македонските кореографи, кои се во организација на НОБ и со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Вечерва од 20 часот, на Малата сцена во НОБ ќе се одржи премиера на претставата „Д(како Дездемона)“ во кореографија на Рисима Рисимкин, која годинава одбележува 45 години уметничко творење.
Изведбата е во рамки на Деновите на македонските кореографи, кои се во организација на НОБ и со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Во претставата настапуваат првенците на Скопје танцовиот театар, Адријана Данчевска и Дејан Битровски, како и солистите Сара Димовска, Лука Ѓорѓиев, Давор Милев, Надја Луканова, Елена Терзиева и Ивона Маневска. Музиката е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, сценскиот дизјан на Матеа Мијановиќ, светло дизајнот на Милчо Александров.
Претставата е инспирирана од трагедијата на Вилијам Шекспир „Отело“. Рисима Рисимкин продолжува со истражувањето на творештвото на овој извонреден драмски автор, со посебен акцент на женските ликови во неговите дела. По „Лејди Магбет“, ова е втора претстава која е базирана на женски лик од делата на Шекспир, т.е. втор дел од трилогијата Жените во делата на Шекспир која оваа кореографка ја работи со современ танцов израз.
-Шекспир е мајстор на зборот, и јас сум голем почитувач на неговото творештво. Посебно ме инспирира можноста тоа мајсторство од збор да го пренесам преку движење на сцената и да допрам до публиката со една поинаква, современа естетика. Голема благодарност до генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски, уметничкиот раководител на Балетот, Марија Кичевска и менаџерот Кире Павлов за оваа иницијатива на првите Денови на македонски кореографи – вели Рисимкин.
„Д (како Дездемона)“ е во продукција на Скопје танцовиот театар.