НА КОИ ФИРМИ ИМ СЕ ОДЗЕМААТ ЛИЦЕНЦИТЕ? Една третина од нив се неактивни или се со мали приходи

Само 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра.

1,403

Од 426-те фирми за одземање лиценци, само 49 имаат актуелен договор за јавна набавка, но само за 5% од фирмите – лиценцата што ќе им се одземе е релевантна за договорот за јавна набавка. Секоја трета (31 %) од фирмите има годишен приход помал од 15.000 евра.

Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое ги анализира фирмите коишто се најдоа на списокот што го објави Министерството за транспорт за одземање лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, по спроведените контроли по трагичниот настан во Кочани.






Според истражувањето, лиценците ќе им се одземат на 426 фирми, бидејќи од 479-те фирми на списокот има некои што се повторуваат, а други на коишто им се одземаат по неколку лиценци. На фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.

Поконкретно, по една лиценца ќе им се одземе на 92% од фирмите, односно на 390 фирми. По две лиценци ќе им се одземат на 6% од фирмите, односно на 28 фирми, а по три лиценци ќе им се одземат на 2% од фирмите, односно на 7 фирми. Само на една фирма ќе ѝ се одземат 4 лиценци.

За најголем дел од фирмите, лиценците што ќе им се одземат не се услов да работат и да добиваат државни тендери. Само 49 од фирмите што се на списокот имаат актуелни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра. 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра.

Според податоците од Централниот регистар, активни се 72% од фирмите чиишто лиценци ќе се одземат. Останатите 28% од фирмите се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни.85% од фирмите кои се на списокот или 363, во 2023 година оствариле приход кој изнесувал 128 милиони евра.

Тоа говори дека најголем дел од овие фирми остваруваат ниски годишни приходи. 31% од нив имаат годишен приход помал од 15.000 евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8%.

Во однос на вработените, во сите 426 фирми чии лиценци ќе бидат одземени работат 2.188 луѓе. 4% од овие фирми немаат вработен, а 3% имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3% од фирмите.

Поврзани содржини