Јагленот нема да се отстранува од употреба како што беше предвидено

Да ја потсетам Владата дека итно треба да почне со изградба на хидроелектраната Чебрен (со најмалку 51% сопственост). Времето тече, Црна Река тече, а буџетот на Македонија се празни.

188

Пред неколку дена објавив напис со истиов наслов кој се однесуваше за употребата на јаглен во светот. Во денешниов напис е направен осврт на користењето на јагленот во Република Македонија (РМ), а тоа се врши главно во Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) Битола. Тој се состои од рудници на јаглен (лигнит) и термоелектрани (Блок 1, 2 и 3) во кои се произведува електрична енергија. Од вебсајтот на ЕСМ www.esm.com.mk/ може да се прочита дека „… утврдените резерви на јагленовите лежишта, како и техничките можности на енергетскиот систем се своевидна гаранција дека и во наредниот период ќе продолжи континуираното работење на термоелектраните. Од вкупно утврдените 664 милиони тони геолошки резерви на јаглен во РМ, се проценува дека 38% можат да се експлоатираат со површинско откопување, а остатокот со јамско-подземна технологија“. Можам да заклучам дека вебсајтот на ЕСМ е застарен и треба да се освежи. Меѓу другото, таму е наведено дека РЕК Битола овозможува повеќе од 72 отсто учество во вкупното производство на електрична енергија во домашниот електроенергетски систем што е многу застарен податок.

Рудници за јаглен се Суводол (веднаш до РЕК Битола) и Брод-Гнеотино кои се при крај кон целосно исцрпување. Потенцијални рудници за идно користење се наоѓаат во местата Живојно и Мариово, но тие би се експлоатирале со јамска технологија која досега не е користена во РМ.






Во последната стратегија за енергетски развој на РМ (2020-2040 година) има три сценарија. Во референтното сценарио термоелектраните на јаглен ќе работат и понатаму додека има јаглен во рудниците, а во другите две сценарија (умерено и зелено) РЕК Битола треба да престане да работи во 2025 година. Јавноста беше известена дека РМ ќе биде првата земја на Балканот (и пошироко) што ќе го исфрли јагленот од употреба. Но набргу од Владата изјавија дека рокот за затворање на РЕК Битола ќе биде до 2027 година, а по појавата на енергетската криза рокот беше продолжен до 2030 година. Но во септември 2024 година министерот за животна средина Изет Меџити изјави дека „Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година …“.

Поради неквалитетниот јаглен, зголемените земјени работи за откривање, увозот на јаглен, честите дефекти и прекини во работата (застареност на опремата), цената на произведената електрична енергија во РЕК Битола често пати е повисока од цената на берзите, па се поставува прашањето дали да се стават постројките во принудно мирување? На пример, по стапувањето на должност министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека производната цена во РЕК Битола е 133 евра/MWh што во тој момент беше повисока од берзанската цена.

Многу често се трошат големи суми на пари за увоз на електрична енергија, а цената на берзата е многу висока ако се купува моментално или само еден ден однапред. Но цената зависи и од состојбите во меѓународни рамки бидејќи повремено има и енергетски кризи во пошироки размери. Во текот на енергетската криза во 2022 година цената на електричната енергија достигна околу 500 евра/MWh, а во таа година РМ има увезено електрична енергија за околу 400 милиони евра. Тоа беше огромна непланирана сума.

Постои голема веројатност наскоро (за неколку години) да снема јаглен за ТЕЦ Битола. Ако до тогаш државата не изгради гасни когенеративни централи или поголема хидроелектрана (на пример Чебрен), тогаш ќе се зголеми потребата од увоз на електрична енергија што директно ќе влијае на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и веројатно и на БДП.

Во неколку претходни стратегии за енергетски развој на РМ (од 2010-2030 и од 2015-2035) е предвидена варијанта за изградба на нова термоелкетрана со моќност од 300 MW со користење јаглен од Живојно и од Мариово со јамска експлоатација. Во стратегијата за 2020-2040 година оваа варијанта не е наведена и претпоставувам дека нема да се разгледува понатаму од повеќе причини. Покрај ова, треба да се земе предвид воведувањето јаглероден данок во РМ во 2026 година. Тоа е обврска ветена во преговорите со ЕУ, а сигурно дополнително ќе ја оптоварува цената на електричната енергија произведена од јаглен.

Дополнителен проблем за работата на РЕК Битола е обврската за ставање филтри за одвојување на сулфур диоксид од димните гасови кој делува штетно на здравјето на луѓето. Овие денови во јавноста се појавија информации и слики со прашина од пепел со што се загадува поширокиот регион, дури до градот Битола. Се јавуваат дилеми околу изградбата (во тек) на цевководот за топла вода од РЕК до градот Битола за градска топлификација. Ако РЕК Битола е во неизвесност, тогаш и прашање е дали ќе се стави во употреба тој систем за топлификација? Можеби ако на сегашната локација на РЕК се изгради нова гасна когенеративна централа?

На РМ ѝ недостига базна електрична енергија потребна за периодите кога нема сонце, а има голема побарувачка. Бидејќи доцни изградбата на предвидените гасни когенеративни централи и хидроцентралите Чебрен и Галиште (не се ниту почнати), до нивното пуштање во работа треба да се зачуваат постојните термоелектрани во РЕК Битола и соодветните рудници на јаглен кои се пред исцрпување.

Да ја потсетам Владата дека итно треба да почне со изградба на хидроелектраната Чебрен (со најмалку 51% сопственост). Времето тече, Црна Река тече, а буџетот на Македонија се празни.

Во секој момент треба да биде објавена најновата стратегија за енергетски развој на РМ за следните дваесетина години. Да се надеваме дека развојот ќе биде добро испланиран, но најважно од сѐ ќе биде плановите навистина да се реализираат.

Поврзани содржини