ТЕЛОТО НА ПАПАТА ФРАНЦИСК Е ПРИВРЕМЕНО БАЛСАМИРАНО Ватикан се прилагодува на топлото време во Рим
Балсамирањето на телото на папата Франциск вклучува вбризгување презервативни течности низ циркулаторниот систем и естетска нега на лицето и на рацете, а целта е да се забави процесот на природно распаѓање.
Телото на папата Франциск пред неговото изложување во базиликата Свети Петар, каде што верниците ќе имаат можност да оддадат почит, привремено е балсамирано за да ги издржи топлите временски услови во Рим, изјавија експерти.
– Телото на Франциск беше подложено на процес на привремено балсамирање, познат како танатопраксија – рече основачот на италијанскиот Национален институт за танатопраксија (ИНИТ), Андреа Фантоци.
Тој појасни дека тоа вклучува вбризгување презервативни течности низ циркулаторниот систем и естетска нега на лицето и на рацете, додавајќи дека целта е да се забави процесот на природно распаѓање.
– Таквата процедура со хемиска течност мора да се изврши во рок од 36 часа по смртта. Нејзиното влијание на поприроден изглед на покојникот обично трае до 10 дена – рече Фантоци.
Ватикан во вторникот ги објави првите фотографии на папата во отворен ковчег, облечен во црвена наметка, со митра на главата и со бројаница во раката.
Телото на 88-годишниот поглавар на Католичката црква, кој почина на Велигден, ќе биде изложено 3 дена во базиликата, од среда до погребот во сабота.