ВРЕДИ СТАНУВА ПАРТИЈА СО 23 ПРЕТСТАВНИЦИ И СТАТУТ Касами го објави планот за претседател и регистрација

Лидерот на Движењето Беса нагласи дека коалицијата добила 107.000 гласови на последните избори и дека тие гласови се темелот на легитимитетот за учество во идната влада. Притоа, упати и критика до ДУИ.

1,196

Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами од Тетово, денеска изјави дека коалицијата Вреди е во финална фаза на формализирање како нова политичка партија, а веќе оваа недела ќе бидат именувани 23 претставници кои ќе го сочинуваат заедничкото претседателство.

– Треба да имаме еден заеднички орган кој ќе одлучува понатаму, статутарна комисија која ќе ги определи сите прашања – како се избира претседателот, органот на раководење со партијата, кои ќе бидат тие, механизми за контрола и за балансирање – затоа што се работи за повеќе субјекти кои треба во еден природен процес да станат еден субјект – истакна Касами.






Како што појасни, првата и најважна одлука веќе е донесена – да се формира заедничко претседателство, кое ќе го одреди патот кон идното целосно спојување.

– По закон, целиот процес треба да заврши со заеднички конгрес и формална одлука за запишување во Централниот регистар – додаде тој, по општински настан одржан на плоштадот во Тетово.

Касами нагласи дека коалицијата добила 107.000 гласови на последните избори и дека тие гласови се темелот на легитимитетот за учество во идната влада. Притоа, упати и критика до ДУИ.

– Ние како коалиција добивме 107.000 гласови, од една коалиција која се сочинуваше од албански политички партии. Знаеме дека другите коалиции беа мултиетнички и во овој дел, особено коалицијата на ДУИ не може да се повикува на застапување на правата на Албанците во државата. Цениме дека ги добивме тие 107.000 гласови за да ги претставиме Албанците и другите граѓани во оваа влада. Било кој да се отцепи од оваа коалиција, ја нема поддршката на овие 107.000 гласови. Затоа цениме дека овие 107.000 гласови се нашиот легитимитет да ги претставиме тие гласови во Владата – истакна Касами.

Поврзани содржини