Принцип на празна глава

Кога и оној Љубчо и Заев станаа премиери, а Пендаровски дури и претседател на држава, значи дека кај нас секој може да биде сѐ, а државата/системот е лабораторија во којашто се миксаат секакви „супстанци“ за, најчесто, празни глави.

736

Извинете, но аман веќе од доктори во политиката. Не знам што е нивниот проблем – не наоѓаат сатисфакција во професијата, здодевно им е, мислат дека подобро ја разбираат политиката од другите…? Па зошто тогаш учеле за лекари, ги терал некој насила? Или „професијата“ политичар им се гледа попрофитабилна? Ама ни за тоа не ги бива, никако. Тие како политичари не умееја соодветно да го средат ни својот ресор како министри за здравство, не пак сега ќе креираат глобални и локални политики. Ги имавме и на градоначалнички позиции, пратеници и советници…, сега двајца дури ни се и претседатели на партии. Во соседството (Србија) еден ендокринолог се амбицирал дури и премиер да биде – ќе го регулира нормалното одвивање на физиолошките процеси кај Србите. Господ да чува и да брани!

Но, очигледно, професијата лекар кај нас уште ужива респект кај народот, па партиите ги туркаат во првите борбени редови мислејќи дека некаков бенефит сепак ќе имаат. Ама видете ја ситуацијата во оној соцреалистички куќен совет што глуми партија. Катастрофа! Не е ништо подобро ниту кај актуелниот министер за здравство кој во слободно време глуми и воен стратег и дрвен адвокат на Косово, но не знае дека на Онкологија повторно нема лекови, уште не го прочитал извештајот за смртта на еден пациент на Кардиологија и слични будалаштини. Еден друг лекар нѐ „теши“ дека бројката на жртви од пожарот во Кочани можела да биде многу поголема доколку настраданите не беа испратени на лекување во странство каде што постои професионално знаење за третман на изгореници, но не кажува зошто ние немаме такви професионалци? Бидејќи сите сакаат да бидат политичари? И зошто воопшто луѓево вака се резилат?






Со децении ниту еден не кажа два збора за состојбите во здравството и неопходните реформи што ќе го кренат од клиничката смрт. Само пелтечат за работи што тотално не ги разбираат, особено кога станува збор за еу (малите букви се…), меѓународната политика и др. Пустиот Таравари запаметил од основно училиште дека Балканот е буре барут и сега само чека кога ќе експлодира!

Впрочем, и за жал, сѐ што допреа – упропастија, сѐ што кажуваа(т) мириса на неукост, неспособност, патетичен национализам, афераштво… Спуштајќи нѐ на нивното приземно рамниште нѐ убедуваа дека сме неспособни самите да се справиме со криминалот и корупцијата и да стасаме до правна држава, нѐ заплашуваа со трета светска војна и измислуваа(т) нови химни и грбови, очекуваат дури и целата држава да им ја среди онаа еу (малите букви се…) зашто тие не умеат самите ни во уво да си брцнат итн.!

Не велам дека немаат конкуренција во другите професии. Кога и оној Љубчо и Заев станаа премиери, а Пендаровски дури и претседател на држава, значи дека кај нас секој може да биде сѐ, а државата/системот е лабораторија во којашто се миксаат секакви „супстанци“ за, најчесто, празни глави. Па потоа (им) ги полнат со партиските глупости. И не мислам дека лекарите во политиката се најголемото зло, не. Неодамна, на пример, еден друг тип на „стручњак“ прогласи дека плурализмот, иако најмодерен политички систем на државно уредување, кај нас покажува негативни резултати, заклучувајќи дека „демократијата не е вистинско решение за секое општество“ (sic!). Но, за ова општество нема решение штом ни онолку лекари не можат да го оправат. Зошто? Затоа што прво мораат да се оправат себеси!

Меѓутоа, држави од профилот на Македонија, во вакви клучни мигови каквишто имавме последниве десетина-петнаесет години, не може, не смее да си дозволи да експериментира со секакви умислени политикантски глави чиишто штети потоа стануваат непоправливи. Впрочем, од сето она што го „измиксаа“ докторот кој глумеше министер за надворешни работи и пазарџијана, уште ни свири во ушите. Сѐ уште во јавноста одзвонуваат оние епохални измислици на дотичниот дека „Не можеме, тврдам не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани“ (Османи), но и на неговиот колега по струка дека „вистинскиот напредок, вистинскиот прогрес, вистинските резултати, тоа што граѓаните сакаат да го видат, се темелат на зајакнување на правосудството, подигнување на стандардот, а со тоа и со сериозна борба со корупцијата во нашата земја, зајакнување на сегменти, како социјалата, образованието и здравството, впрочем тоа се барањата на граѓаните. А тоа може да се направи само исклучиво преку процесот на евроинтеграција“ (Филипче).

Се разбира, неспособниот секогаш бара спас од другиот, но тој тип на политикантско-дефетистички говор едновремено е и континуирано подмукло подметнување дека ние самите не сме способни за ништо, дека сите резултати во државата зависат од евроинтегративниот процес и нашето напредување во таа насока. Што пак, од своја страна, влече други аналогии и ја држи „жива“ тезата за уште едно предавство – она со Бугарите во Уставот! И за нив воопшто никаква улога не играат оние понижувачки гласови што на дневна основа доаѓаат од зад источната граница, а деновиве преповторувани по којзна кој пат со книгата на оној Димитров за македонскиот идентитет како дело на Белград и Москва или со последните изјави на бугарскиот министер за надворешни работи дека „Бугарија има многу јасно структурирана позиција по прашањето за проширувањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан“, а во таа насока и дека е особено важно да се знае дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов!

Што така подготвено и онака баш словенечки зајадливо ни го повторува и „госпожа“ УДБА – пардон, „мадам“ Кос – од срцето на еу!

А нашава празноглава медицинско-политикантска фела упорно поддржуваше и поддржува такви сценарија! Но, можеби двајцана гастро-невро играорци имаат некаков нов „џокер“ во постигнувањето на „историска, социјална и политичка катарза“ како што посакува фамозниот б`лгарски ангел (малите букви се соодветни на неговиот научен морал!) и постигнување на долгоочекуваното „помирување“? Само не сакаат да ни ја кажат?

Но, што е уште понеразбирливо, како што б`лгарските „политики“ на Османи поминуваа, еднакво  мазно поминуваат во јавноста и овие смешни „светогледи“ на Филипче, небаре говорат за променливово време во април или за прогнозите за мај. Таквите континуирани и погубни за јавниот морал „политички“ изјави на двајцава со коишто сите сме прогласени за абдали, шутраци, неспособни неранимајковци зависни од европската „братска“ помош дури и елементарно да си ја организираме државата и да ја спасиме од такви празноглавци, не наидуваат на контра одговор. И не е важно што таквите ликови пелтечат за нешта што не ги разбираат, што нивните изјави се тотално неуки, антиисториски, антидемократски, неморални и политички навредливи, битно е што тоа не е спорно ни за нивните „партии“, уште помалку за медиумите, фактчекерите, вистиномерите… и целото тоа шуплоглаво братство.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини