ЕДНА ВИДЕО МОНТАЖА ВРЕДИ 1.000 ИЗМИСЛЕНИ АРТЕФАКТИ Обвинетиот Вело Марковски поминал низ притворска голгота
Во правна реалност, каде што ситници од витрина се третираат како доказ за меѓународен криминал, дури и паричка од 3 евра може да биде показател за „злосторничко здружение“. Во својата одбрана, д-р Вело Марковски се осврна на обвинението дека учествувал во незаконско ископување од археолошки локалитети - обвинување кое, според него, било изградено не врз основа на факти, туку врз визуелни и медиумски манипулации.
Во судницата на Кривичниот суд во Скопје, во понеделникот, повторно се отворија вратите за едно долго судење – процесот за наводна трговија со културно наследство. Веќе 7 години, осуммина обвинети, меѓу кои и познатиот инфектолог и универзитетски професор д-р Вело Марковски, се обидуваат да докажат дека не станува збор за археолошки артефакти од историска вредност, туку за безвредни сувенири, купени на пазари, бувљаци и во антикварници.
На ова рочиште, фокусот беше ставен на одбраната на д-р Вело Марковски кој не само што ја оспори целата конструкција на обвинението, туку на почетокот ја претвори судницата во импровизирана минералошка изложба на фотографии и видеа од продавница во Скопје. Продавницата се вика „Фенг Шуи“, а Марковски приложи и фискални сметки и сметкопотврди, со цел да покаже дека кристалите и предметите, кои се дел од доказниот материјал, воопшто не се ни блиску до археолошко богатство, туку дека може легално да се купат за неколку стотини денари.
Во судницата беа прикажани видеа, што се достапни на официјалниот Инстаграм профил на продавницата, и 14 фотографии во боја, направени како фотоисечоци од видеата. Покрај фотографиите, беа приложени и фискални документи за купени предмети. Потоа тој извади два кристала – чаден кварц и амазонит – и му ги предаде на судот, притоа објаснувајќи ја нивната природа и вредност: едниот чини 1.000 денари, а другиот 400 денари.
„Како ли ќе објасни државата во Стразбур дека задржувала во притвор 80-годишни луѓе?“
Во делот на директното испрашување од својот адвокат, Љупчо Веселиновски, д-р Марковски рече дека не се чувствува виновен и дека не може да сфати зошто се нашол во овој процес. Тој алудираше дека можеби станува збор за политичка хајка од претходната власт, поврзана со неговата колумна која ја напишал во 2018 година и била упатена до тогашниот премиер на Грција, Алексис Ципрас. Марковски посочи на упорноста на инспекторите, на долготрајноста на процесот и дури ја спомна можноста предметот да заврши во Стразбур.
– Овој судски процес, верувам, ќе заврши пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што државата ќе мора да објасни како задржувала во притвор 80-годишни луѓе, додека бројни инспектори со невидена упорност се обидувале да конструираат кривични дела. Особено апсурдно е што, за предмети, чијашто вкупна вредност не надминува 6.000 евра според вештакот на обвинителството, се води процес што државата ја чини милиони евра – посочи Марковски.
Една видео монтажа вреди 1.000 фабрикувани факти
Во својата одбрана, д-р Вело Марковски се осврна на обвинението дека учествувал во незаконско ископување од археолошки локалитети – обвинување кое, според него, било изградено не врз основа на факти, туку врз визуелни и медиумски манипулации. Тој тврди дека на јавноста ѝ биле сервирани „монтирани вистини“, односно фото-комбинации од реномирани археолошки локалитети и од неговите камчиња, со цел да се создаде слика на сериозно кривично дело.
– Ако навистина сум се движел на археолошки локалитет, мобилните оператори преку базните станици лесно ќе го докажеле тоа. Наместо такви докази, на јавноста ѝ беа пласирани манипулативни фотографии – комбинации од познати локалитети како Стоби и фотографии од камења, пронајдени кај мене дома. На денот на моето приведување сите медиуми објавија ударни вести, а подоцна, на прес-конференција на тогашната владејачка партија, беа презентирани истите тие измешани фотографии – што предизвика медиумски линч. За жал, она што го бараше тогашниот владин портпарол на таа прес-конференција, подоцна се најде буквално преточено во обвинителниот акт. А јас ниту сум шетал по археолошки локалитети ниту сум копал– посочи тој.
Од операциона сала назад во ќелија
Д-р Вело Марковски детално ја опиша здравствената голгота низ која поминал додека се наоѓал во притвор. На 12 октомври имал закажано операција на жолчното ќесе – интервенција што вообичаено се смета за рутинска, но кај него била сложена поради долгогодишно воспаление.
Иако му било ветено дека ќе биде пуштен од притвор за да ја изврши операцијата, процесот се одолговлекол. На крај, едвај бил пронајден лекар кој прифатил да го оперира. По будењето од анестезија, го затекнале две дренажи во стомакот – нешто што, според него, не е вообичаено при лапароскопска интервенција. Требало да остане најмалку 10 дена на болничко лекување, но наместо тоа, уште наредниот ден бил вратен во затвор. Затворскиот чувар побарал да ја чуе дежурната сестра.
– Ако утре не го пуштат докторот, ќе му го пратам судијата таму – рекол затворскиот чувар, тврди Марковски.
Потоа следувале денови на преживување со 2 дренажи, на температури од -12 степени Целзиусови, со воспалени рани, без соодветна храна.
– Една недела јадев само варен компир. Не можев да ја поднесам затворската храна. Кога требаше да одам по нужда, ми носеа столица бидејќи имав рани и конци на стомакот – посочи професорот.
Но, додаде тој, уште поважно е што притворот требало да биде мерка за обезбедување присуство.
– Јас секоја недела ги молев да ме викнат, а цели 3 месеци обвинителот не ме повика ниеднаш – рече Марковски.
Професорот посочи дека во текот на тој период имал и вртоглавици, а двапати не бил однесен кај специјалист, иако имал сериозни симптоми.
– Во притвор нè чуваат за да не избегаме. Но еве, гледаме дека сите сме тука. Се покажа дека проценките на обвинителот се неточни – додаде тој.
Панов и неговото семејство едвај крпеле од ден за ден
Марковски се осврна и на Ристе Панов, кому му помогнал финансиски – носел млеко и пелени за неговите деца, а и му позајмил пари за да изгради купатило и да го поправи покривот на својата куќа.
– Го видов Ристе со двете негови деца – едното на две, а другото на шест години – во длабока сиромаштија. Еднаш, мислам дека беше јануари, сопругата на Панов ги капеше децата надвор. Го прашав зошто тоа го прават надвор, а тој ми одговори дека немаат купатило, ни пари. Се понудив да му помогнам и во неколку наврати му дадов пари, не одеднаш – вкупно околу 4.000 до 5.000 евра. Со тие пари го поправи покривот и направи купатило – посочи Марковски.
Односите меѓу двајцата почнале да се влошуваат во летото пред апсењата. Причината, според Марковски, била измамата околу минералот лорандит. Панов му ветил дека го поседува, знаејќи дека Марковски е колекционер, но подоцна се испоставило дека тоа било лага. По тој момент, нивната комуникација се свела на формални средби.
Марковски рече дека сиромаштијата на Панов и неговото семејство го потсетила на сопственото детство. Во такви околности – без работа и со две мали деца – Панов, според него, веројатно се обидувал да најде начин да преживее.
Инспекторите барале дијаманти, но нашле камчиња што вредат 100 евра по кило
Во сведочењето беше изнесено и дека средбите со наводни купувачи на камчиња биле инсценирани од инспектори. Панов го поврзал Марковски со неколку луѓе кои наводно сакале да купат минерали, според исказот на професорот. Следеле уште 2 средби во кафуле, блиску до продавницата на извесен Деко, кој имал експертиза за таквите минерали. Подоцна станало јасно дека тие луѓе биле инспектори – меѓу кои бил и Сеад Аметовиќ, познат како Мечка, како и неговата невенчана сопруга. Откако тие го прашале Марковски за цената, тој ги упатил кај Деко, кој им рекол дека такви камчиња купува по 100 до 200 евра за килограм. Разочарани, инспекторите си заминале.
Сеад Аметовиќ – Мечка, во една од средбите го довел професорот и го претставил пред својата невенчана сопруга, која наводно била вработена во Министерството за труд и социјална политика. Таа инсистирала да види дијаманти, на што Марковски ѝ одговорил дека во Македонија нема дијаманти и тука разговорот завршил.
– Реков дека нема дијаманти во Македонија, ама доколку сакаат амазонит, дека тоа го има. Претпоставував дека знаат дека за ископување амазонит е потребна концесија и сѐ останато. Сепак, тој амазонит да се третира тука како некоја реткост… а го има во изобилие… Најголемиот број точки во обвинението се лаги – посочи Марковски.
Агентите провокатори ги злоупотребиле своите овластувања?
Во својот исказ, д-р Вело Марковски ја посочи апсурдноста на обвинението – наместо да се тврди дека постои група што краде или бара злато, обвинителството тврди дека постои „злосторничка група за уништување предмети од национално значење“. Тој истакна дека токму инспекторите, а не обвинетите, ги користеле термините како „артефакти“, „големиот мајстор“ и „ложи“, дека тие се обиделе вештачки да конструираат настани и структури што не постоеле, само за да создадат слика на организирано криминално здружение.
Тој обвини дека агентите провокатори не само што известувале, туку и иницирале криминал. Еден инспектор наводно го убедувал Босилјанов да направи криминално дело. Имало разговори во кои инспектор велел „Ќе се јави главниот“, како и ред други примери, посочи Марковски.
– Главен? Главен инспектор? Главен на мафија? Не знам на што се мисли – додаде Марковски, со доза на сарказам.
Тој посочи дека е симптоматично тоа што некои од тие настани не се презентирани на судењето, како и одредени разговори кои ги имале инспекторите, на пример, Мечка разговарал по телефон со „шефицата“, а тоа не било презентирано на судскиот процес.
Сувенири во витрина и парички од татка си
Доколку читателите замислат сцена на професор со витрина во која има сувенири од Египет, Турција и од бувљакот кај Зелен пазар, кои им ги покажува на своите гости, не би си претставиле слика за извесен злосторник. Сепак, разликата е евидентна. Дали станува збор за артефакти? Не, туку станува збор за подароци и за ситници кои секој ги има дома… освен ако, се разбира, читателите не се сред обвинение за меѓународна трговија со културно наследство. Во тој случај, и мијачка носија може да стане фреска од византиска базилика, а паричка вредна 3 евра – доказ за злосторничко здружение.
Во продолжение на својата одбрана, д-р Вело Марковски беше прашан од својот адвокат дали некогаш разменувал информации со останатите обвинети за трговија со археолошки добра. Тој одговори дека првпат ги запознал сите обвинети на денот на приведувањето. За наводите дека предметите биле криени во неговиот дом и на т.н. „безбедни локации“, Марковски рече дека никогаш не слушнал за такви локации и дека сите предмети ги чувал на видливо место – во витрина во неговата соба. Дел од сувенирите биле набавени од пазари, некои од Турција, Египет и од бувљак, а некои ги добил од Ристе Панов.
– Кај мене доаѓаат многу гости, имам слави… Ако мислев дека нешто вреди, сигурно немаше да го чувам така достапно, во витрина што не е заклучена – рече тој.
Следеше сведочење и за мијачки носии, украсени со стари парички, документиран пример за тоа како фолклорни елементи можат да изгледаат како „артефакти“ ако човек се труди доволно да ги види непроценливите државни богатства во секој предмет од народната традиција.
Марковски даде свое појаснување за сребрените парички што му биле одземени при претресот. Објасни дека тие биле подарок од неговиот татко уште во 2012 година. Станувало збор за евтини примероци, вредни 3 до 4 евра по паричка, со вкупна вредност од околу 200 до 300 евра. Откако ги сликал, сфатил дека немаат некаква значајна вредност, па се консултирал со пријател од музеј кој му потврдил дека тие типови парички се вообичаени и не се предмет на интерес од страна на нумизматичарите. Дополнително, му било кажано дека Народната банка не откупува такви примероци, а советот што го добил од човек што работел на Бит пазар бил дури да ги фрли – само за да не си направи непотребни проблеми.
– Татко ми беше мајстор за носии, дали селаните му ги дале паричките бидејќи не ги ставале на носии… не знам. Но, ќе видите дека тие парички се сликани кај мене во 2016 година, а камчињата во 2010-2014 година. Нема зошто да ги прикривам како што се вели во обвинението, тие се мои и на моето семејство – посочи тој.
Подоцна, кога неговиот син се вселил на местото каде што живеел таткото на Марковски, дел од мебелот бил пренесен во домот на синот – без да се провери што имало внатре. Паричките биле пронајдени токму таму, при полицискиот претрес.
Марковски додаде и дека обвинението вели оти Панов ги криел паричките кај него дома, нешто што според него нема логика.
– Вештакот потврди дека Ристе не знаел за тие предмети. Како тогаш би можел да ги крие кај мене? – праша Марковски.
Тој посочи и дека постои случај во кој лице било санкционирано само прекршочно на аеродром за слични парички, додека, пак, против Марковски се води кривична постапка за ист тип предмети.
Телепортирање на две места и мистериозниот Евреин
Марковски се осврна и на дел од обвинението во кое се тврди дека со Ристе Панов, со метален детектор, пронашле предмет закопан на длабочина од 1,5 метар – нешто што, според него, е физички невозможно.
Тој објасни дека ниту е археолог ниту поседува опрема или знаење за да врши ископувања. Дополнително, иронично забележа дека било невозможно да се ископа наводната „дупка“ од 1 метар и пол за само 1 и пол час, особено ако теренот бил каменит.
– Металните детектори откриваат предмети на длабочина до 30-40 сантиметри. Во обвинението се тврди дека предметот е пронајден на 1 метар и пол под каменита површина, и тоа за 1 час и пол. Па уште сме отишле и на друг локалитет и таму сме пронашле 600 грама скапоцени камења. Тоа е сценарио за филм со Супермен – посочи Марковски со доза на иронија.
Се спомна и мистериозниот Евреин.
– Околу Еврениот што дошол… ниту дошол Евреин ниту купил камче од мене. Се спомнуваат суми од 2.000 евра за такво камче… а видовме дека за 1.000 денари се продаваат кристали со сличен изглед и квалитет – рече Марковски.
Уште поапсурдно, според него, било тоа што во обвинението стои дека на ист ден кога наводно копал во Македонија, воедно се наоѓал и во Грција.
– Се прашувам дали тој обвинителен акт го пишувал еден човек. Сме правеле лом во локалитети на одреден датум, а во исто време стои дека обвинителот знаел дека одам за Грција. Ако се слушале такви разговори, зошто не ми беше направен претрес на граница? – праша професорот.
Што е со фамозните мистични кругови?
Марковски коментираше и една од точките во обвинението која, според него, е особено нелогична и во која се споменуваат мистичните кругови, нацртани на теренот како наводни „знаци за богатство“.
Тој објасни дека локацијата на која биле забележани круговите е дел од природна конфигурација по која и претходно минувале, без да има какви било обележја. Според него, круговите се појавиле подоцна и биле нацртани со масло – а тоа што уште повеќе го зачудило е фактот што останале видливи цело лето без да се исушат или да се разлеат.
– Ми беше чудно и интересно, па одев да ги гледам. Сакав да им го одредам составот со специјални инструменти – изјави Марковски.
Тој додаде дека со Ристе Панов ги коментирале круговите и дека на снимките дури се забележува како тие двајца се исплашиле, откако круговите се појавиле на само десетина метри од нив.
– Кој ги нацртал, дали некој сакал да нè плаши… не знам – рече тој.
Во „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, Марковски ја изнесе и својата одбрана за наводните „златни“ ланчиња, како и за фантастичниот титанит од 500 грама.
Ристе Панов му подарил ланче за кој обвинителството тврди дека е златно и ископано од гроб.
– А ланчето е од медицински челик. Со крст. Кој воопшто би закопал ланче со мотив на Исус во гроб? И зошто некој би ми подарил ланче од 300 грама злато? – праша тој.
Осврнувајќи се на обвинувањата дека нудел титанит од 500 грама, Марковски посочи дека тоа е апсурд бидејќи во природата не постојат примероци од 500 грама – најголемите се од 2-3 грама.
Правдата е слепа пред фактите?
Според кафкијанската логика на овој судски процес, земјоделец не може да продава сувенири, а колекционерите – за секој случај – треба да се регистрираат како колекционери, иако никој не знае каде. Во продолжение следи едно скапоцено парче судски драмски текст. Обвинителката Маја Коневска му поставуваше прашања на Марковски.
– Спомнавте дека од Ристе сте купиле сувенири? – праша обвинителката.
– Да – одговори Марковски.
– Се занимавал со земјоделие?
– Да.
– Како може да купувате сувенири од човек што се занимава со земјоделие?
– Во Македонија никој не работи само една работа.
– Рековте дека ќе направите добар пазар со шаховските фигури.
– Ако шаховските фигури се од кристал, тоа е добар пазар.
– Дали тоа значи дека Ристе има дозвола да продава вакви сувенири?
– Не знам.
Откако испадна дека во Македонија не може да се купат нешта од луѓе кои званично не се во соодветната професија за продажба на тие нешта, испрашувањето продолжи во насока на регистрацијата на колекционерите.
– Рековте дека сте колекционер на минерали? – праша обвинителката.
– Да – одговори Марковски.
– Веројатно некаде сте регистриран како колекционер?
– Не сум регистриран никаде.
Испрашувањето продолжи со мистичните кругови.
– Сте виделе кругови на земја, па сте отишле да ги видите со обвинетиот. Како ги проверивте? Со метал детектор? – праша обвинителката.
– Тоа се гледа со око – одговори Марковски.
– Ја знаете добро функцијата на метал детекторот?
– Не.
Обвинителката Коневска го праша Марковски како знаел дека станува збор за инспектори, на што тој одговори дека неговиот адвокат му објаснил дека лицата, наведени само со телефонски броеви, без име и презиме, се всушност агенти со судска дозвола да учествуваат во истрагата. Во продолжение, Коневска повторно се фокусираше на тоа како Марковски да зборува за одредени теми што не се дел од неговата официјална академска експертиза, во процес кој оддаваше впечаток дека човек не може да се стекне со знаење надвор од својата професија.
– Рековте дека тие предмети не биле артефакти. Дали сте археолог? – праша обвинителката.
– Не – одговори Марковски.
– Рековте дека езерото на кое сте биле не е археолошки локалитет. Како знаете ако не сте археолог?
– Археолошките локалитети во Македонија – на пример, Скупи, Стоби и Хераклеја – ги знае секој интелектуалец, па така ги знам и јас. Таму видов дека нема ограда, табла, предиспитувања, можеби грешам, но претпоставив дека нема локалитет.
– Велите дека во Чашка нема полускапоцени камења. Тоа ви е познато како факт. Како?
– Неколку години се занимавав со минерали, имам труд во научно списание, сум имал интерес, сум читал книги, пишува кој минерал каде се наоѓа. Тена Шијакова, единствен професор минералог во Македонија, таа ги третира тие минерали, сум ја читал нејзината книга.
Потоа се разврза и муабет за тоа дали продавачите на саемите за кристали имаат дозволи.
– Сте наишле на полни сали со минерали, што се нудат на продажба, кога сте отишле на саем. Сте отишле легитимно. Така? – праша Коневска.
– Да. Нормално – одговори Марковски.
– Дали луѓето таму легитимно ги продаваат тие кристали?
– Како да кажам, на признаен светски саем што се одржува секоја година, да прашувам на штандови дали имаат дозвола за продавање?
– А вие имавте ли дозвола за ископување? – следуваше трик прашање од страна на обвинителката.
– Кога сум ископувал? Не сум ископувал, не сум истражувал – одговори Марковски.
Обвинителката заврши со нејзините „незгодни“ прашања, а Марковски ѝ се заблагодари.
– Фала на обвинителот што ме праша дали сум археолог, не сум, па не сфаќам зошто се тврди дека сум вршел археолошки ископувања – посочи професорот Марковски.
Правдата има заврзани очи, но не смее да има заврзани раце
Каков ќе биде крајот на овој правен Гордиев јазол?
На рочиштето во понеделникот имаше сѐ освен докази за археолошки артефакти. Имаше кристали од „Фенг Шуи“; сведочење за инспектори што глумат трговци со дијаманти; прашања од типот „дали земјоделец може да продава сувенири“; секако и гафот со „регистрацијата на колекционери“; како и кристали што чинат колку чаша точено пиво.
Освен ако во судницата, на следното рочиште, ненадејно не влезе некој лик, можеби мистериозниот Евреин, кој ќе извади артефакти со отисоци од Марковски и од целата „банда“ препродавачи – што едвај се движат – останува мистерија како ќе се оправда државното трошење милиони евра.
Останува само разврската што надежно можеби ќе покаже дека и во Македонија правдата знае да се насмее… макар и со стегната вилица, но и со меч в рака, освен вага. Инаку, една од запленетите римски парички ќе треба да ѝ се стави во уста на Јустиција кога ќе ја пратиме со чамецот на оној свет.