„МЕ ПРАВЕА РЕТАРДИРАН, А ИСТРАГАТА ЈА ВОДЕА ВО ПОГРЕШНА НАСОКА“ Кешишев, Манев и Видевски со наведнати глави го слушаа сведочењето на таткото на Вања

Не ме држеше место, не можев да седам во место, морав нешто да правам. Наредното сценарио беше дека некои пијаници или зависници или дилери во Дебар Маало ја повлекле во кола и се упатиле по Партизанска. Едно од сценаријата кое ми се моташе низ главата е дека Вања е киднапирана и ме фати страв да не ја изнесат од државата – рече Александар по што решил да тргне кон граничниот премин Блаце.

3,970

Бранителот Владимир Туфегџиќ на денешното рочиште го испрашуваше клиентот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања и обвинет во случајот.

Ѓорчевски рече дека не знае колку е психички подготвен, но дека сака да даде исказ.






– На почетокот на судењето кажав дека ќе се ставам на располагање, од неколку главни причини, пред сѐ, поради Вања, поради тоа што во текот на истрагата и тука во судницата беа изнесени ноторни невистини во врска со неа, како и поради Миња, на која сакам да ѝ порачам дека тато е истиот човек што бил до викендот пред 4 декември и оттогаш наваму сум претставуван во екстремно спротивно светло од она што сум. Решив да ги потиснам емоциите за да можам да го дадам овој исказ, да соберам сила и храброст и поради сите оние кои ме познаваат и страдаат заедно со мене, и поради сите оние кои не ме познаваат. Да ја кажам мојата страна на вистината, мојата приказна, дека немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе, од чии искази во текот на постапката приметив дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание. Приметив дека демонстрираат гнев и разочарување од таканаречениот цар, одново и одново со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува, ја ставале во вреќи, психички измачена, под тортура, се обидувале да ги замачкаат доказите, како и за првото убиство на велешанецот Панче и да успеале во тоа господ знае уште колку киднапирања и убиства ќе сме имале – рече Александар со тежок и плачлив глас.

Тој смета дека дал голем придонес во истрагата преку контактите на Гоце Трајковски од полиција и од Сејф сити.

– Ако не беа фатени и сопрени… Не забележав дека кај нив чувство на вина и покајание и дека би престанале со дејствијата – рече Ѓорчевски.

Тој рече дека не ги познава Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски.

– Ниту ги познавам, ниту додека траат рочиштата можам да ги гледам. Претежно мижам и не можам ни тука да ги гледам. Очите ми се затворени. Во минатото, имам слушнато, се крена врева околу објектот „Тифани“ во чија непосредна близина живеам јас и тогаш за прв пат слушнав за Палевски, но не како Палевски, туку меѓу нас комшиите го нарекувавме Упа. Го немам видено ни на телевизија, ни запознаено. По коментарите со комшиите се говореше дека е голем бизнисмен и дека му го стопирале објектот поради тоа што булеварот Партизански одреди е блокиран со самиот објект. Така јас паметам. Тогаш дознав дека живее во голема куќа во околината на „Песталоци“, со голем двор, во луксуз и наводно имал куче. Само сум слушнал за него – рече Ѓорчевски.

Тој додека дека мајката на Вања, Зорица, во периодот кога почнале да се забавуваат, живеела со родителите во зграда позната како зградата на УПА, спроти фонтаната во Градскиот парк.

– Не знам во кое својство придонел за зградата, сите знаевме дека е изградена од комшијата Страшо, директор на Гранот или на Бетон, не се сеќавам. Дури и го имав помешано со комшија, со човек со понизок раст од него, за кој подоцна дознав дека е друга личност, Тоше, со фирма Линк – рече Ѓорчевски.

– Кога за прв пат дознавте за имињата на овие лица? – праша Туфегџиќ.

– За Палески слушнав вечерта кога ме задржаа во полициска станица, затоа што цело време ме прашуваа како сум комуницирал со него и што сум се договарал со него. А за останатите, имињата ми беа кажани, но и ден-денес ги мешам – рече Ѓорчевски.

– Дали сте биле наркозависник? – праша Туфегџиќ.

– Релативно краток временски период, во раните 90-ти, од 1993 до 1995 година мојата генерација ја зафати епидемија на наркозависности. Не се гордеам со тоа и јас потклекнав. Но, веднаш штом почувствував дека сум заробен од субстанцата побарав помош од семејството. Им се доверив иако тоа беше забележително, се гледаше. Не беше тајна и сите мои колеги тоа го приметуваа. Физички слабеев. Сам најдов клиника во Турција, каде што се детоксицирав, 10 дена траеше третманот и потоа следеше период на ресоцијализација, кој за мене помина многу кратко бидејќи имав поддршка од семејството, имав разбирање од работодавците кои ми дадоа неплатен одмор од 3 месеци. Имав девојка, со еден збор имав живот на којшто повторно му се вратив. Оттогаш до денес не сум имал контакт со никакви наркосупстанци. Ниту со луѓето со кои сум комуницирал додека траеше целиот тој период на зависност – рече Ѓорчевски.

Ѓорчевски рече дека работел од свои 18 години, преку студентски задруги, во туристичка агенција, во фришоп, штедилница. Прво вработување на неопределено работно време му било во АД Фершпед, каде работел од 1993 до 2002, потоа преминал во Кометал, во сектор за инженеринг.

Со сопругата Зорица решиле тој да остане дома и да ги чувам децата. Тоа траело до 2017 или 2018 година, кога се вратил во Фершпед.

Александар рече дека немал никакви долгови, а и да имал веднаш ги враќал. Бил скромен и не бил трошаџија.

За децата рече дека тоа било љубов на прв поглед, особено со Вања.

– Ги чував, се грижев за нивната исхрана, ги анимирав, бевме среќно семејство. Постојано знаев каде се, бев загрижен родител. Кога потпораснаа, со Зорица ги имавме достапни на апликација на Гугл, во секое време знаевме каде се движат. Беа добро воспитани, ангели, кукли. И кога ќе останеа сами после училиште, се јавуваа или кај мене или кај Зорица да им правиме друштво по патот до дома – рече Ѓорчевски низ плач.

Тој објасни дека во периодот пред убиството, бил невработен, дека дал отказ во Фершпед на 1 март 2023 година. Така, ги презел најголемиот дел од обврските за децата. Рече дека не се сеќава што правеле цела недела, но дека во саботата биле кај него на ручек и дека тој ги развезувал за да се сретнат со свите друштва.

Додека сведочеше Александар, второобвинетиот Велибор Манев седеше со покриено лице, а Боре Видевски и Влатко Кешишев седеа со наведната глава.

– Што се случи на 27.11.2023 утрото? – праша Туфегџиќ.

– Се случи лудило. Добив повик од Зорица со растревожен глас „Сашко, Вања ја нема, ја нема Вања“. Се сретнавме пред мојата зграда. Ја отворив апликацијата преку која ги следиме децата и приметив дека Гугл последно ја евидентирал Вања кај Хаус гарден, тоа е на Партизанска, пред раскрсницата со Рузвелтова. Веднаш знаев дека нешто не е во ред, бидејќи беше офлајн. Тоа значи дека или го исклучила телефонот или е онеспособен. Зорица ме праша дали да пријавуваме во полиција, јас ѝ реков апсолутно. Зорица разговараше со колешка која ѝ рече да најде слика од Вања и веднаш да објави на социјалните мрежи – рече Александар.

Со Зорица се упатил кон Хаус гарден, кадешто последен пат телефонот на Вања емитувал сигнал. Таму забележале напуштена куќа, без прозорци и Александар влегол внатре да ја пребара.

По некое време биле контактирани од полицијата за да дадат изјави.

Зорица решила да оди кај Миња и да ѝ соопшти дека ја нема Вања, а тој се вратил на местото повторно да пребара. Таму веќе имало полицајци во цивил, заедно барале по соседните подземни гаражи и влезови. Таму веќе бил пристигнат и чичко ѝ на Зорица со точак, со насолзени очи.

– Ме праша „Саше што е работата?“ Му кажав Вања ја нема, ако не ја најдеме и мене ќе ме нема – рече Александар, кој додаде дека помислил дека можеби некој возач ја удрил Вања со кола и ја однел во болница.

Но, Вања ја немало во ниедна болница.

– Не ме држеше место, не можев да седам во место, морав нешто да правам. Наредното сценарио беше дека некои пијаници или зависници или дилери во Дебар Маало ја повлекле во кола и се упатиле по Партизанска. Едно од сценаријата кое ми се моташе низ главата е дека Вања е киднапирана и ме фати страв да не ја изнесат од државата – рече Александар и потоа решил да тргне кон граничниот премин Блаце.

Тргнал кон Блаце, но било голема сообраќајна гужва и свртел полукружно назад. Се движел по Партизанска кон Ѓорче, Сарај, Кондово…

Во вибер групата со родители некој предложил да се прегледаат камери на патот кон училиштето. Тоа му се видело многу пологично од бесцелното возење и тргнал кон Центар.

Ѓорчевски сведочеше дека полицијата го гледала со сомнеж.

– Тапкаа во место од почетокот. Ми покажуваа слики од девојчиња, да потврдиме дали е тоа Вања. Нѐ убедуваа дека не си го познаваме детето, дека Вања избегала со некој дечко кон Тетово, дека решила да отиде во Шведска кај другарче од платформата Дискорт. Полицајците ме убедуваа дека Вања се регрутирала во ИСИС и заминала во Шведска. Ме прашуваа колку станови имаме, на чие име се водат, колку возила поседуваме. Еден од инспекторите ми се пушти дека само јас сум викал дека Вања е киднапирана. Во тој момент ја достигнав точката на топење и можеби го навредив. Со повисок тон му се обратив „Киднапирана е Кире, киднапирана е“. Ме правеа ретардиран во целата ситуација, а цело време ја водеа истрагата во погрешна насока – сведочеше Ѓорчевски.

 

Поврзани содржини