Има ли ќар од членството во ЕУ?

Рекордно голем број ЕУ-граѓани, 74 проценти, гледаат придобивки и позитивни ефекти од членството во Унијата, покажува најновото испитување на Евробараометар од јануари-февруари 2025 година. Но разликите во ставовите кон членството значајно се разликуваат меѓу земјите членки.

1,207

Пред две децении, кога Бугарија се приклучуваше кон ЕУ, нејзиниот БДП по жител, според стандардот на куповна моќ, беше незначително поголем во однос на Македонија. Бугарија потоа бележи континуиран пораст и, според последните објавени податоци од Евростат, во периодот 2013-2023 година се искачи од 46 на 64 отсто од просекот на ЕУ.

Бугарија е и понатаму најсиромашна економија во ЕУ, но продолжува да се искачува кон европскиот просек. Македонија во истиот период речиси стагнира и достигна само маргинален пораст од 38 на 41 отсто од ЕУ-просекот.






Рекордно голем број ЕУ-граѓани, 74 проценти, гледаат придобивки и позитивни ефекти од членството во Унијата, покажува најновото испитување на Евробараометар од јануари-февруари 2025 година. Но разликите во ставовите кон членството значајно се разликуваат меѓу земјите членки.

Интересен податок е дека најмалку позитивни се Бугарите, 61 отсто, додека од другата страна на мерената скала на расположенијата, во Данска, Малта, Португалија, Ирска и Литванија, позитивно се изјасниле преку 90 проценти од граѓаните. Во секој случај, за разлика од 1990-тите години, кога е забележано најниско ниво на поддршка меѓу ЕУ-граѓаните од само 41 отсто, најновото испитување покажува дека во сите земји-членки моментно е регистрирано јасно мнозинство граѓани кои позитивно се изјаснуваат во однос на предностите кои произлегуваат од членството во ЕУ.

Пред падот на комунизмот Бугарија и Романија, во однос на Југославија, според сите меродавни показатели, се сметаа за позаостанати земји. Романската економија се искачуваше континуирано од 1995 година и од 31 достигна ниво од 78 отсто од ЕУ-просекот, повеќе од хрватската економија, која според последните показатели достигна 76 отсто.

Нема сомнение дека ЕУ им го отвори патот за забрзан развој на бившите тоталитарни режими, кои беа притиснати во сенката зад железната завеса во Европа. За Бугарија ЕУ функционираше како вистински лост, без оглед на фактот дека Бугарија на ранг-листата на Евростат и понатаму е рангирана на последното место во Унијата.

Општо земено, развојот во ЕУ во последните десетина години, откако беше примена последната ЕУ-членка, покажува интересни резултати. Хрватска стана членка во 2013 година, а во текот на изминатата деценија постигна скок од 62 на 76 отсто од европскиот просек, според истиот мерен механизам. Но, без оглед на напорите за изедначување на регионалниот развој, за разлика од високоразвиениот северозападна ЕУ, опашките на економското заостанување и понатаму се влечат на европскиот југ.

Тоа недвосмислено го потврдуваат и најновите статистички показатели. Само неколку проценти над Бугарија, како претпоследна на ранг-листата е Грција, која од 2013 година доживеа дури и значаен пад на куповната моќ по глава на жител – од 72 на 67 проценти во 2023 година. Гледано, пак, во подолг период, од 1995 година, кога Грција беше на ниво од 87 отсто од ЕУ-просекот, постепено потона за цели 10 проценти. Грција е полноправна членка во ЕУ повеќе од четири децении.

Земјата која остана со најниска куповна моќ според БДП по глава на жител, како што беше и пред десет години, е Бугарија. Тоа во секој случај не ги спречи Бугарите да го поткренат својот животен стандард и да станат побогати во однос на 2013 година. Но бидејќи едновремено другите земји станаа уште побогати, Бугарија останува на дното на листата на ЕУ-членките.

Еден од главните ефекти, гледано во подолг временски период од неколку децении, е тоа што БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскиот просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата. Тринаесет од 16-те најсиромашни членки на ЕУ и осум од 11-те најбогати земји денес се поблиску до просекот на ЕУ отколку пред десетина години. Словенија се искачи на 91 процент од ЕУ-просекот.

ЕУ е несомнено спас за сиромашните во Европа. На Бугарија ѝ беа потребни речиси две децении, колку што е полноправна ЕУ-членка, за да ја подобри својата релативна куповна моќ по глава на жител за околу 20 отсто. Својот „европски пат“, сметајќи ги претходните десетина години на пристапните преговори, пред да стане членка во 2007 година, Бугарија го почна на ниво од само 30 отсто од европскиот просек. Оттогаш, повеќе од двојно го зголеми својот БДП биланс по глава на жител – на 64 проценти.

Македонија, во лигата на сиромашниот Југ е на дното, подобро пласирана само од Босна и Албанија, и е уште далеку и од нивото од 50 отсто од европскиот просек, каде што моментно се наоѓаат Црна Гора и Србија. Колку години, или подобро речено, децении ќе ѝ бидат потребни на Македонија, која уште ги нема ни почнато пристапните преговори за членство, како и на Западен Балкан во целина, да се доближи до нивото на Бугарија во однос на ЕУ-просекот, е, најблаго речено, неблагодарно да се прогнозира.

Во меѓувреме Брисел продолжува да испраќа охрабрувачки сигнали дека вратата на ЕУ и понатаму е отворена, а што очигледно не престанува да функционира како привлечна мамка. Деновиве беше објавено дека дури и Ерменија посакува да го започне својот пат кон ЕУ, и се надева дека засега ќе биде прифатена барем како „потенцијална земја кандидат“.

Сепак, од ЕУ со право се очекува да покаже поголема решителност за да ги надмине повеќегодишните изневерени ветувања и да ја подотвори прегратката во чекалната пред Брисел, во која се помалку има илузии за добрите намери кои најпосле ќе го забрзаат проширувањето на европскиот клуб.

Во меѓувреме довербата во ЕУ меѓу македонските граѓани, најмногу поради нејасните ветувања и бројните изнудени отстапки кон соседите, од некогашните високи 80 падна на 56 отсто. Преговарачката рамка за пристапни преговори, како што се покажа, не е „наградата“ од Брисел која би можела да биде прифатена меѓу македонските граѓани со отворени симпатии и неподелена поддршка. И да биде лесно проголтана, без да застане како горчлива кнедла во грлото.

Но, во крајна линија, какви можности постојат за Македонија да побара поинакви и подобри развојни перспективи, доколку тоа не би било зачленување во ЕУ? Одговорот, се чини, и понатаму е најсигурно да се бара во позитивните ефекти и реалноста произлезена од европските интеграциски развојни искуства.

Поврзани содржини