ХРВАТСКА БАРА 70.000 РАБОТНИЦИ Платите што се нудат одат и до 2.000 евра

Анкетата на Хрватската стопанска комора покажува дека речиси една третина од хрватските компании веќе вработуваат странски работници.

1,975

Хрватска оваа година се соочува со недостиг од околу 70.000 сезонски работници во секторите на туризмот, угостителството, градежништвото и трговијата. Но, работодавачите ќе најдат само мал дел на домашниот пазар на труд, остатокот планираат да го побараат во странство. За да обезбедат работници, нудат и плати до 2.000 евра.

Потпретседателот на Хрватската стопанска комора за трговија и интернационализација Игор Показ предвидува дека потребата од странска работна сила ќе продолжи да расте, особено во градежниот, туризмот и трговскиот сектор.






– Исклучително е важна соодветната законска рамка која ќе обезбеди достапност на работна сила со цел да се поддржи економскиот раст. Посебен фокус во наредниот период ќе биде на изработката на регулативи кои ќе ги регулираат условите за сместување на странските работници – рече Показ.

Големите хотелски компании со месеци го регрутираат потребниот персонал.

-Во моментов сме во процес на преговори со нововработените, контактираме со нашите постојани сезонски работници и практично очекуваме до мај да имаме горе-долу целосна слика за работната сила за оваа сезона – изјави Матеј Рукавина, директор на Одделот за човечки ресурси во хотелско одморалиште.

Работодавачите се обидуваат навреме да ја обезбедат потребната работна сила преку подобри услови за работа, пред се со зголемување на платите.

-Можам да кажам дека келнерите ќе заработуваат меѓу 1.400 и 1.600 евра нето во сезоната, специјалистите на позиции на готвачи меѓу 1.600 и 1.800, додека, на пример, позициите во домаќинството како собарки и чистачки ќе заработат приближно 1.300 до 1.400 евра нето во летната сезона- вели Рукавина.

Од агенциите за вработување велат дека постојано се отвораат огласи за вработување во кујните во кои се подготвува традиционална хрватска храна.

-Платите на таквите кадри се над 2.000 евра. Освен што треба да ги наградиме, мораме да имаме и многу квалитетен однос со нив и комуникација. Најголем проблем е што сезоната е четири или пет месеци – вели Стјепан Слишковиќ, претседател на Здружението на занаетчии од Макарската ривиера.

Анкетата на хрватската стопанска комора покажува дека речиси една третина од хрватските компании веќе вработуваат странски работници. Најголемиот број компании (83 отсто) истакнуваат дека најголемата предност при ангажирањето странски работници е полесното пополнување на испразнетите позиции, додека најголеми предизвици се дополнителните трошоци за нивно ангажирање и тешкотиите во нивната интеграција.

Компаниите посочуваат и дека досега административниот аспект на процесот на вработување на странци бил долг и сложен, па се надеваат дека со примената на новиот закон ќе се ослободат работодавачите и работниците од административните оптоварувања.

– Една од новите карактеристики на Законот е ограничувањето на бројот на странски работници во однос на домашните работници. За занимањата без недостиг, бројот на домашни работници мора да биде најмалку 16% странски, додека за занимања со недостиг, бројот на домашни работници мора да биде најмалку 8% -велат од Хрватската стопанска комора.

Поврзани содржини