Хиени во овча кожа

И кој и според кои правила дозволи кај нас да завладеат полуписмени хиени во овча кожа, милитанти камуфлирани во демократи, провинцијалци преоблечени во европејци, платеници за туѓи агенди…? Трамп? И ќе одговара ли некој, конечно, за сите оние спинови и божемни контраспинови, за лажните вести, „анализи“ и „толкувања“ чијашто основна цел беше/е не слобода на говорот, најмалку тоа, туку роварењето, сплеткарењето, непријателската пропаганда, отплаќањето „интелектуални“ долгови“…?

506

Знам дека поговорката гласи „волци во овча кожа“, но волкот е убаво, достоинствено животно, не можам денешниве хиени да ги поистоветувам со него. Иако се на изумирање. Не мислам на хиените или волците, туку на луѓено – поправо европолитичарине! – кои попримаат такви карактеристики. Особено во надворешната политика.

Или, поинаку кажано: (квази)либерализмот и неговиот побратим (квази)неолиберализмот, сосема заслужено, ги добиваат последните претсмртни удари – особено во Германија, се разбира, но и ширум Европа, па и САД – а ние, барем оние повозрасните, сведочиме на уште еден крај. Имавме крај на комунизмот, па крај на социјализмот, па крај на историјата и на „Студената војна“… И секој од овие општествени процеси остави трајни белези врз историјата на цивилизацијата, но и значајни луѓе на кои, барем на неколкумина, со почит (ќе) се сеќаваме: Маркс, Енгелс, Ленин, Ибарури, Либкнехт, Клара Цеткин, Жорес, Тито, Кастро, Че, Берлингуер, Вили Брант, Нени, Хавел… и многу, многу други.






Овие денешниве – гола вода, политикантски плевел, мафија во „Босс“ костуми…

Ако некому ова му прозвучи како комунистичко пледоаје, греши. Можам да набројам уште десетици социјалисти, па и либерали пред либералите, но сите, повторно, ќе имаат „комунистичка“ – или, попрецизно: хуманистичка! – предисторија. За жал или за среќа, се разбира. Поточно, навистина не говорам за некаква комунистичка пракса, туку за идејата преточена во разни политички/општествени форми. Тоа не го негираат ни најтврдокорните противници, барем оние со малку разум.

Такви луѓе денес нема. Во Европа, на пример, ги заменија некакви хистерични хиени преоблечени во овча кожа кои се одзиваа(т) на имињата либерали и неолиберали. Впрочем, погледнете им ја „тактиката“: силни се само кога се во глутница; гризат и бегаат; главна занимација им е нафрлањето врз помали и послаби противници; кај нив не фигурираат ниту основните животински „правила“ итн., итн. Лагата ја преточија во политика, политиката во лага.

Сега и ним им доаѓа крајот, а (квази)либерализмот и (квази)неолиберализмот пукаат по сите шевови. Деновиве сведочиме на самрак на континуитетот во којшто (ни) продаваа демагогија за демократија, ширеа реа на неморал, двојни стандарди, политикантство… Тој процес се прошири и на маргините, во Источна Европа односно Западен Балкан, кај нивните локални клиенти-препродавачи, како нашине самонаречени социјалдемократи и либерали, кои за грст сребреници од усаид и слични европски коруптивни фондови овде ширеа вампирски сценарија, застрашувачка иднина, фалш политики… филувани со врвен криминал и општа корупција.

И на сите, како во некој футуристички филм, им пресуди една тупаница викана Доналд Трамп. А овие, во првиот миг фатени во тесно, го нарекуваа секако. Го споредуваа со Мусолини и со Хитлер, го поистоветуваа со нивните автократско-злосторнички титули (Il Duce, der Fuhrer, The Donald) и поздрави (The Roman Salute, the Sieg Hel, the SMCA dance). А таквите компарации – како што вели Том Слејтер, уредник на „Spiked“ и редовен соработник на „Spectator“ и „Telegraph“ кој пишува за слободата на говорот, популизмот и културните војни – се толку апсурдни што практично самите се разголуваат. Тоталитарна контрола, месијанско диктаторство, култ на расна супериорност, парамилитантно уништување, Дарвинистички милитаризам… воспевање на војната и насилството, обид да се убијат сите европски Евреи… Ако тоа ви звучи како Америка во 2025, вели Спајк, тогаш ви сугерирам да си одите. Ама не е така, нели. И, вели тој, можете апсолутно да кажете дека Трамп е нелиберален, дека може многу да се налути заради зборови што го повредуваат или заради демократски гласови што не му се по волја. Но, тоа не го прави фашист. Да беше во Обединетото Кралство, ќе беше колумнист на „Гардијан“. Или можеби член на „Зелените“!

Но, факт е дека по само два месеци „Трампизам“ светот изгледа различно, превртен наглава, дека, како што вели македонската претседателка во Баку, „(…) имаме сѐ повеќе прашања, а сѐ помалку одговори… Мултилатерализмот отстапува пред мултиполаризацијата… Обединетите нации се маргинализирани… Консензусот по Втората светска војна се доведува во прашање… Како да живееме на почетокот на една нова ера во која се поткопува меѓународниот систем втемелен на правила“!

Да, но кој „консензус“ и кои „правила“? И чии? И кој се придржувал до нив, кој ги почитувал? Ние не бевме свикнале на почитување на такви правила, особено оние неморалните, некултурните, нецивилизациските… што тие ни ги наметнаа. По нивен диктат кај нас три децении доминира еден наратив, недозволиво undisputable, пропагиран од инсталирани „месијански“ трговци преоблечени во социјалдемократи и либерали ала Глигоров и Андов и нивни подопашни приколки, провокатори и квази-интелигенција. Ги устоличија дури и во уставотворци и државници, чиишто глупости денес, но и претходно, ни се кршат од глава!

Од друга страна, во светот на големите секогаш се кршеле правилата. Тоа е впрочем еден од принципите на прогресот! Меѓу другото, тие „правила“ ги прекрши и Тито и НОВ за да се создаде нова држава според други правила! Кои новите социјалдемократи и либерали во оваа провинција ги збришаа за лична корист. Тоа што новата заменик-претседателка на преостанатата секта сега пелтечи дека „Европа и европскиот континент е граден на основите на просветителството. ЕУ е градена на темелите и на борбата на антифашизмот, ЕУ е темелена и градена на принципите на демократијата, на човековите права, на слободите, на различност…“ денес се бајки за мали деца. Во таа еу (малите букви се…), па и во Европа, не остана ништо од тие принципи и ние сме (сѐ уште) живи сведоци на тоа.

И во целиот овој галиматијас од хаотични звуци кај нас и во еу не е проблемот што тие тоа не го разбираат, туку што – не сакаат да го разберат. Затоа и спинуваат дека, божем, не може премиер на улица, ама може премиер – од улица!? Затоа и оној португалски псеудосоцијалист заборава дека во еден случај – нашиот – еу се повикува на консензус во одлучувањето, но во случајот на Унгарија важи „принципот“ дека „27 се сепак повеќе од 1“! И дека фамозниот Коридор 8 е важен додека тоа го сака еу односно додека тоа прашање е инструмент на присила, а потоа може и да не биде баш така важен.

Или, кога го слушате оној јастреб без крилја Руте како деновиве преде како кастриран мачор дека „Пристапувањето на Украина во НАТО повеќе не е на дневен ред“, нели ви се нештата појасни? Мораа ли баш толку луѓе да загинат во Украина заради една идиотска идеја и грст крвожедни политиканти, моравме ли и ние – како што и понатаму некои смешен ликови го веат тоа знаме – да бидеме едно со таа и таква Украина? Зелена на Зеленски, крвава на еу лидерите?

Или, ако сакате, кој, и кога, во онаа еу, ама и кај „нашиве“ слепи самопрогласени државотворни социјалдемократи и либерали, воопшто го спомнал антифашизмот во изминативе години на општа кражба низ промајата викана Македонија? И што тие воопшто направија за антифашистичката идеја за којашто, барем кај нас, загинаа толку луѓе? Договорот за добрососедство со фашистичкиот окупатор, со бришењето на слободарските текстови на спомениците од НОВ? И како воопшто токму Украина стана симбол на некаква борба – сериозно не знам каква, но сигурно не антифашистичка! – којашто ја замени нашата, изворна, историска, демократска… проевропска?

И кој и според кои правила дозволи кај нас да завладеат полуписмени хиени во овча кожа, милитанти камуфлирани во демократи, провинцијалци преоблечени во европејци, платеници за туѓи агенди…? Трамп? И ќе одговара ли некој, конечно, за сите оние спинови и божемни контраспинови, за лажните вести, „анализи“ и „толкувања“ чијашто основна цел беше/е не слобода на говорот, најмалку тоа, туку роварењето, сплеткарењето, непријателската пропаганда, отплаќањето „интелектуални“ долгови“…?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини