ОБВИНЕТИОТ ВЕЛИБОР МАНЕВ ЌЕ ПРОЗБОРИ ВО СУДНИЦА Ќе ги открие ли мотивите и деталите од грозоморните убиства на Вања и на Панче?
Велешанецот Велибор Манев досега молчеше. На првото рочиште си го криеше лицето од снимателите и од фоторепортерите. Во целиот судски процес кажа еден единствен збор, „не“, на првото рочиште, кога изјави дека не се чувствува виновен по наводите во обвинението.
Велибор Манев, второобвинет за грабнувањата и за убиствата на 74-годиниот Панче Жежоски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје денеска ќе сведочи на суд.
Седум и пол месеци од почетокот на процесот во Кривичниот суд, јавноста конечно ќе има можност да чуе детаљи за двете грозоморни убиства од еден од обвинетите извршители.
Велешанецот Велибор Манев досега молчеше. На првото рочиште си го криеше лицето од снимателите и од фоторепортерите. Во целиот судски процес кажа еден единствен збор, „не“, на првото рочиште, кога изјави дека не се чувствува виновен по наводите во обвинението.
На товар на Манев и на Љупчо Палевски Палчо, Боре Видевски и Влатко Кешишев се две грабнувања и две убиства, а му се суди и на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Зошто ги убија Вања и Панче?
Ќе прозбори ли Манев денеска конечно во судницата и ќе ги потврди ли исказите што ги дал во истрагата?
Според сведочењето на полицискиот инспектор Дејан Димовски, Манев се онесвестил вечерта на 2 декември 2023 година кога дошле полицајците да го приведат за убиствата. По распитот во полициска станица во Скопје, признал сè и ги однел полицајците до местото каде што е закопано телото на Панче.
Од сите прашања на кои ќе одговори Манев, најочекуван е одговорот на прашањето зошто ги убија Панче и Вања. Според обвинението, мотивот е користољубие.
Во истрагата шефот на скопското Јавно обвинителство, Гаврил Бубевски рече дека во прашање бил долг, односно Жежовски му должел 500 евра на Манев, па затоа најверојатно е избран како жртва, за да му се земе возилото и да се изврши грабнувањето на Вања. И Вања е наводно грабната, со цел за неа да се бараат пари, но откуп никогаш не е побаран, а девојчето е убиено нецели 2 часа по грабнувањето. Некои медиуми пишуваа дека Манев во притворот во Шутка на истото прашање на наводно рекол дека дома им требале пари за свадба.
Зетот на Панче, Тодор Кирков, на судењето рече дека Панче неколку години наназад имал спор со Велибор.
– Се договориле Велибор да му го среди дворот за 1.600 евра. Панче му дал 1.100 евра и рекол дека ќе му доплати кога ќе се врати од Германија, ама не му доплатил оти не му се допаднало како е завршена работата. Велибор си ги извади бекатон плочките и настана спорот – сведочеше зетот на Жежовски.
Освен што досега не изусти многу зборови, Манев не понуди ниту докази во својата одбрана. Не предложи свои сведоци и не поставуваше прашања на другите сведоци.
Денеска распитот на Манев ќе го почне неговиот адвокат Горан Бошевски.
Граѓаните очекуваат да слушнат одговори и чија била идејата за грабнувањата, колку пари и од кого планирале да бараат за Вања, кој дал предлог да се убие токму Панче, како точно е вмешан таткото Александар, како се подготвувале за злосторствата. Имале ли план како да „ги покријат“ убистата, односно, дали го запалиле цитроенот и во него го оствиле мобилниот телефон на Вања за полицијата да мисли дека Панче ја грабнал Вања?
Против Манев Обвинителството има значајни докази. Освен фактот дека тој ги однел полицајците до телото на Панче, негоата ДНК е пронајдена на сивата лента со која е врзана устата на Вања, како и во возилото „рено кангу“. На снимките од видеонадзорот во неговиот двор во Велес се гледа како внесува и изнесува лопати во возилото „рено кангу“ и галони со некаква течност, најверојатно бензин. На една снимка се гледа како од возилото вади и дипли вреќа за спиење и ја враќа назад.
Што направил Манев?
Според обвинението, секој од обвинетите имал своја улога во двете грабнувања и убиства, со детално однапред планирани дејства.
Четворицата обвинети вечерта пред убиството на фризерот Панче Жежовски се собрале дома кај Манев. На 22 ноември 2023 година во 9 часот наутро отишле на соседната улица Милан Војницајлија, со намера да го грабнат Жежовски и да го присилат да им го даде неговиот „цитроен“. Дошле со „рено кангу“, а Кешишев имал задача да чека во колата на паркингот покрај железничка пруга. Боре Видевски заѕвонил на вратата, па кога домаќинот отворил, тој го турнал на земја и му ја фатил устата за да не вика. Велибор Манев му ги врзал рацете со јаже и додека лежел на грб, двајцата го ставиле во церада од возило, која била близу до вратата. Го однеле во неговиот „цитроен“ и го ставиле во гепекот.
Со двете возила отишле до местото Рудник близу Велес. Додека Кешишев чувал стража, останатите го извршиле грозоморниот чин.
Според она што им го кажал Манев на полициските инспектори во истрагата, во Панче пукал Љупчо Палевски. Телото на убиениот го турнале во дупката која ја затвориле и ја покриле со гранки.
И малолетната Вања е убиена со истиот пиштол, 5 дена подоцна, во околината на Скопје. Девојчето е грабнато во нејзиниот влез во зграда на улицата Наум Наумовски Борче, во Дебар Маало. Убијците дошле со „цитроенот“ на Панче, а возел Манев.
„Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27 ноември Вања ќе оди сама на првиот час, што било исклучок. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот, застанале кај сутеренот кој води кон подрумите, па кога Вања излегла од лифтот, Видевски ја фатил за половината и за устата, а Манев ја држел за нозете. Ја однеле до сутеренот каде Велибор ѝ ставил селотејп лента на устата. Видевски ѝ се заканил да не вика инаку ќе пукаат, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент, ја свртиле на стомак и додека Видевски ѝ ги држел рацете, Манев ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете. Откако ја затвориле вреќата, Велибор Манев ѝ ги врзал нозете со селотејп преку вреќата“, се вели во обвинението.
Откако ѝ се закниле по втор пат, Видевски со помош на Манев ја ставил преку рамо и ја однеле во „цитроенот“ во гепекот. Велибор возел, Влатко бил совозач, а Боре седел на задното седиште. Според обвинението, Велибор претходно го зел телефонот „ајфон 8“ на Вања, а Боре, додека се возеле, со чеканче го скршил за да нема сигнал. Според инструкциите на Палевски, тргнале кон Качанички пат, каде тој ги чекал со „рено кангу“ и двете возила се упатиле кон селото Бразда, кај местото Дупки.
„Откако застанале таму Палчо, Велибор, Боре и Влатко околу 9.30 часот со умисла го лишиле од живот малолетното девојче. Изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет, во врзана состојба и онеспособена за отпор ѝ било предочено дека ќе биде убиена. По налог на Палевски, Маневски го извадил оштетеното дете од гепекот, по што обвинетите ја доближиле и ја ставиле во претходно ископана дупка од нивна страна со димензии од околу 180 сантиметри должина, 85 сантиметри ширина и 60 сантиметри длабочина. Обвинетиот Палевски со огнено оружје испукал еден куршум во главата на детето, по што настапила смрт. Откако обвинетиот Палевски ја извадил вреќата за спиење, обвинетите го закопале телото во дупка“, се вели во обвинението.
Потоа го запалиле „цитроенот“ и си заминале во партијата Десна, со надеж дека никогаш нема да се открие што направиле.
Панче Жежовски беше грабнат и убиен на 22 ноември 2023 година, а Вања Ѓорчевска на 27 ноември. Телата на двете жртви беа пронајдени рано наутро на 3 декември, по што јавноста ја дозна ужасната судбина на дотогаш исчезнатите лица, од која се потресе целиот Балкан.