КОНЗЕРВАТОРСКИОТ ЦЕНТАР БАРА ДА СЕ УРНЕ СТАКЛЕНАТА ПОРТА НА БИТ-ПАЗАР Тоа е дивоградба и не е урбана опрема, велат стручњаците

Од изгледот, конструкцијата, употребените материјали и начинот на изведба, јасно е дека Поврзувачката порта меѓу Бит-пазар и Старата чаршија не може да биде урбана опрема, велат од Конзерваторскиот центар Скопје.

385

Поврзувачката порта од челик и стакло меѓу Бит-пазар и Старата чаршија е дивоградба и треба да се урне бидејќи се наоѓа во зона со прв степен од заштита, велат од Конзерваторскиот центар Скопје.

Стручен тим од Конзерваторскиот центар извршил увид на локацијата и констатирал дека станува збор за бесправна градба, која никако не може да биде легализирана и за која треба да се преземат сите законски мерки за итно отстранување и кривично санкционирање на одговорните лица за бесправно градење.






Според Геодетскиот елаборат, поголемиот дел од градбата во должина од околу 9,50 (9,15) метри се наоѓа во границите на Споменичката целина – Стара скопска чаршија, а помалиот дел од градбата во должина од околу 6,90 (5,90) метри се наоѓа во границите на Контактната зона „Дуќанџик“.

„За делот кој се наоѓа во границите на Споменичката целина – Стара скопска чаршија се применува режим на заштита од прв степен, кој подразбира забрана за поставување градби на јавни простори и за нарушување на чаршискиот амбиент и интегритетот на заштитената целина. Важечкиот Детален урбанистички план (ДУП) Стара чаршија, Општина Центар, Скопје, донесен во 1999 година со Одлука на Советот на Општина Центар (бр. 07-600 од 29.09.1999 година), не предвидува никаква градба на предметната локација. За делот кој се наоѓа во границите на Контактната зона Дуќанџик се применува режим на заштита од трет степен, кој исто така подразбира забрана за поставување градби на јавни простори и за нарушување на интегритетот на заштитената целина. Според важечкиот ДУП Мавровка, Општина Чаир, Скопје, донесен во 2006 година со Одлука на Советот на Општина Чаир (бр.07-938/4 од 23.08.2006 год.), предметната локација е дел од јавна површина – сквер и не се предвидени никакви градби“, се наведува во извештајот на Конзерватроскиот центар Скопје.

Оттаму нагласуваат дека не станува збор за настрешница поставена како урбана опрема.

„Во урбаната опрема, според Законот за градење, генерално спаѓаат и настрешници кои се поставуваат на јавна површина. За да имаат статус на урбана опрема, треба да исполнат одредени услови определени со Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје. Според Одлуката, настрешница е монтажно-демонтажна направа за заштита од сонце и атмосферски влијанија, со два или повеќе носачи и подвижен покрив од меки материјали (гумирано платно и слично) која е слободностоечка и не смее да биде прицврстена на јавната површина. Од изгледот, конструкцијата, употребените материјали и начинот на изведба, јасно е дека Поврзувачката порта меѓу Бит-пазар и Старата чаршија не може да биде урбана опрема“, додаваат од Конзерваторски центар Скопје.

 

📷 ОД БИТ ПАЗАР КОН СТАРА ЧАРШИЈА НИЗ СТАКЛЕНА ПОРТА Градоначалникот на Чаир се пофали со новиот конструкциски објект

Поврзани содржини