ЈСП САКА ДА УКИНЕ 92 ДНЕВНИ ЛИНИИ Граѓаните на Скопје може да останат без автобуси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ
Советникот Стојановски истакна дека предлогот за кратење на автобуските линии е алармантен и несоодветен за потребите на граѓаните.
На денешната седница на Советот на Град Скопје, советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, се спротивстави на предлог-одлуката за изменување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје. Тој нагласи дека оваа одлука нема да се поддржи бидејќи ќе ги доведе граѓаните во уште поголеми проблеми со автобуските линии и редуцираниот возен ред.
– Како претседател на Комисијата за урбанизам и сообраќај, претходно одржавме комисија со секторот за сообраќај на Град Скопје и претставниците од ЈСП. Морам да ви кажам дека на Комисија, оваа точка за измена на линискиот превоз не помина. Како советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, нема да поддржиме кратење на линиите и намалување на автобусите кои соработуваат во текот на денот – истакна Стојановски.
Според него, предлогот за кратење на автобуските линии е алармантен и несоодветен за потребите на граѓаните. Стојановски објасни дека ЈСП Скопје предлага да се намалат вкупно 92 автобуски линии во текот на еден ден.
– Ова е огромна бројка, и сметам дека ваквата одлука е нечовечки однос кон граѓаните – нагласи Стојановски.
Тој додаде дека разбирливо е постоењето недостиг на автобуси, но се прашува дали ЈСП навистина ги исполни ветувањата за поправка на 30 автобуси, што требаше да биде завршено пред Новата година. Според него, решавањето на овој проблем со кратењето на линиите е крајно погрешно, бидејќи ќе ги отежни условите за патување за скопјаните.
– Граѓаните веќе чекаат долго време за автобуси, а со кратењето на линиите ќе создадеме уште поголеми редови и хаос. Немаме потреба од намалување на автобуси, туку од подобрување на сообраќајниот систем, што не може да се постигне со намалување на бројот на автобусите – истакна Стојановски.
Тој апелираше до сите советници да не го поддржат овој предлог бидејќи, како што тврди, се работи за намалување на трошоците на ЈСП, а не за вистински решенија за подобрување на сообраќајниот систем во градот.
– Ова не е вистинскиот начин да се реши проблемот со јавниот превоз. Наместо да се намалуваат автобусите, треба да се инвестира во подобрување на инфраструктурата и купување на нови возила. Јас и мојата советничка група ќе продолжиме да се бориме за подобри услови за граѓаните на Скопје – заклучи Стојановски.