ШТО РЕКОА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ПО СОСТАНОКОТ? Украина не смее да биде заобиколена, САД да гарантираат траен мир

Не смее да има поделба за прашањата за безбедност и одговорност меѓу Европа и САД, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц кој мораше порано да замине од состанокот. Британскиот премиер сака американски гаранции за траен мир во Украина. Повеќето лидери се согласија дека Украина мора да биде вклучена во преговорите за крај на конфликтот.

1,917

Вонредниот состанок на европските лидери во Париз заврши, а некои од лидерите ги кажаа своите пораки. Повеќето од лидерите се согласија дека Украина не смее да биде изоставена од мировните преговори и дека е потребно трајно решение за мир со гаранции од САД дека Русија нема повеќе да нападне.

Британскиот премиер Кир Стармер инсистираше дека гаранциите за Украина мора да вклучуваат резервно „стоп“ копче од САД за идни руски напади. Тој вели дека клучното прашање е „да се одржи принципот на мир преку сила“ со „да се осигура дека Украина е во најсилната можна позиција“, јави Би-Би-Си.






Стармер следната недела ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за да ги „продлабочи специјалните односи“ меѓу Обединетото Кралство и САД.

Германскиот канцелар Олаф Шолц замина прв од состанокот бидејќи мора да присуствува на телевизиска дебата во Берлин. Шолц апелираше да не се подели единството меѓу Европа и САД во преговорите, коментирајќи ги напорите на САД ја заобиколат ЕУ.

– Не смее да има поделба за прашањата за безбедност и одговорност меѓу Европа и САД – рече Шолц.

Тој вели дека „го поздравуваме што има разговори за мировен договор, но за нас е јасно дека тоа не може да биде диктат“ за Украина.

Првата жена на ЕУ, Урсула Фон Дер Лајен на социјалната мрежа Икс објави дека „денеска во Париз уште еднаш повторивме дека Украина заслужува мир преку сила“, велејќи дека Европа треба да троши повеќе во одбраната.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека средбата не сменила ништо во ставовите на Варшава. Тој повтори дека Полска може да помогне во логистиката и пошироката хуманитарна поддршка за Украина.

– Ако е можно да се понудат безбедносни гаранции преку присуство, со САД, со НАТО, тогаш Полска ќе биде активна на различни начини, но јас не предвидувам испраќање полски војници во Украина.

Туск, исто така, повторува дека секој мир во Украина треба да биде праведен и траен, а Украина мора да биде вклучена во какви било мировни преговори.

Данскaта премиерка Мете Фредериксен по самитот исто така доби прашања за изгледите за распоредување дански трупи во Украина. Таа не го исклучува тоа веднаш, но рече дека има „многу, многу работи“ што треба прво да се разјаснат, вклучително и каква било потенцијална улога на САД.

– Наместо тоа, фокусот треба да биде на зајакнување на позицијата на Украина пред разговорите – вели таа.

Фредериксен рече дека Русија ѝ се заканува на цела Европа и предупреди дека не е доволен прекин на огнот што нема да биде траен и кој „едноставно ќе и даде време на Русија да се прегрупира и да ја нападне Украина или друга европска земја“.

Во меѓувреме генералниот секретар на НАТО Марк Руте објави дека во Брисел разговарал со американскиот специјален претставник за Украина и Русија, Кит Келог, за прашањето за траен мир во Украина.

Пред состанокот во Париз, Германија, Велика Британија и Шведска изразија можност за испраќање на свои трупи во Украина. Некои од земјите сметаат дека е прерано да се зборува за мировни мисии и испраќање војска додека се во тек мировните преговори.

Поврзани содржини