ЕКСМИНИСТЕРКАТА БИСЕРА КОСТАДИНОВСКА ИЗГУБИ НА СУД ОД ЕКСДИРЕКТОРКАТА НА ФИЛХАРМОНИЈА Министерството за култура треба да донесе нов управен акт
Управниот суд на 22.01.2025 година ја уважи тужбата на Тина Иванова и го поништи Решението на Министерството за култура бр.44-8408/1 од 12.09.2023 година. Судот го задолжи Министерството во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да донесе нов управен акт.
Ексдиректорката на Македонската филхармонија, Тина Иванова, ја доби на суд ексминистерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Управниот суд на 22.01.2025 година ја уважи тужбата на Тина Иванова и го поништи Решението на Министерството за култура бр.44-8408/1 од 12.09.2023 година. Судот го задолжи Министерството во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да донесе нов управен акт.
Како што е наведено во Пресудата на Управниот суд што Иванова ја испрати до медиумите, Судот ја усвоил жалбата на Тина Иванова, поранешна директорка на Македонската филхармонија, која поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, како што пресудил судот, неправилно и неправедно ја разрешила, поради наводни неправилности во нејзината работа. Министерката Костадиновска Стојчевска ја клеветела Тина Иванова и јавно на прес-конференција, по што, Иванова од неа побарала јавно да ѝ се извини или ќе мора сатисфакцијата за навредите и клеветите да ги бара на суд, што Тина Иванова и го стори. Судот не се пронашол никакви неправилности во нејзиното работење на позицијата директор на Македонската филхармонија.
Пресудата на скопскиот Управен суд за Министерството за култура раководено од поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска е извршна и неотповиклива, oдносно, Министерството за култура и ексминистерката немаат право на жалба.
-Тогашната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, злоупотребувајќи ја позицијата и моќта, којашто, за жал, толку често во историјата ги завела и измамила луѓето, искривувајќи им ја сликата за реалноста, без никаква основа, повторувам, без ниту една основа и пронајдена недоследност или неправилност во работењето, нешто, коешто сега веќе и институционално се докажа, но, она што има поголема тежина за мене, е тоа што и без трошка емпатија и човечност, се обиде да го осквернави моето достоинството и да стави дамка на моето име и презиме и на целото мое семејство. Со тој потег, потпирајќи се на позицијата, таа го впери прстот на јавноста кон мене. Но, и покрај тоа, оние коишто ме познаваа, сите мои сакани, сите мои искрени пријатели, сите луѓе коишто веруваа во мене, знаеја и тогаш дека е во прашање една голема небулоза и тенденциозна манипулација. Денес стојам пред сите нив и чесно и гордо им соопштувам дека мојата чесност и достоинственост денес и официјално победија. Јавно им се заблагодарувам за укажаната доверба и поддршка. Оваа победа ви ја посветувам вам – изјави Иванова по добивањето на Пресудата.
Според неа, вистинската причина за нејзиното разрешување е што Иванова не застанала зад министерката и нејзината штетна одлука по Филхармонија, туку се солидаризирала со двомесечните протести на уметниците и на целиот колектив, односно ставила свој потпис на петицијата составена од колективот.