ТЕШКО ЌЕ СЕ УКИНАТ ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ, А НЕ Е ЛЕСНО НИ ДА СЕ ОГРАНИЧАТ Ќе се префрлат ли пратениците од бензин на плин?
Пратениците во Собранието ќе расправаат за предлогот на Левица за ограничување на патните трошоци, иницијатива што доби поддршка од СДСМ, додека другите партии имаат поделени ставови. Левица предлага трошоците да се сведат на реални износи, според пазарната цена на горивата, додека дел од пратениците бараат дополнителни консултации пред да се донесе одлука.
Собранието наскоро ќе расправа за предлог-законот на Левица за ограничување на патните трошоци на пратениците.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во изминатиов период воопшто не се разговарало на оваа тема во партијата, но како што посочуваат, наскоро ќе биде разгледан предлогот на Левица и партијата ќе излезе со официјален став.
Треба да се направи анализа за тоа колкави се реалните трошоци коишто ги имаат пратениците, а подоцна и да се изнајде решение како тие трошоци ќе се покриваат
Иницијативата доби поддршка од опозицискиот СДСМ, од каде што велат дека е неопходно да се намалат трошоците не само за пратениците, туку и за другите избрани и именувани функционери, со цел поголема фискална одговорност и транспарентност.
– Треба да се намалат патните трошоци на пратениците, но и на други избрани и именувани функционери. Во 2018 година, кога СДСМ беше власт, на иницијатива на нашата пратеничка група беа поднесени и донесени законски измени за намалување на патните трошоци за најмалку една третина. Ќе го разгледаме поднесениот закон во македонското Собрание, па доколку нуди издржано системско решение за реално намалување на трошоците, тогаш подготвени сме да го поддржиме. Суштината на работата на секој пратеник е да им служи на граѓаните – велат за Плусинфо од СДСМ.
Од партијата ЗНАМ, која е дел од владината коалиција, велат дека за предлог-законот на Левица, ваков каков што е, нема да гласаат ни „за“ ни „против“.
Пратеникот Даниел Стојчевски од Куманово, кој е еден од оние пратеници кои користат патни трошоци, вели дека предлог-законот може да биде прифатлив за ЗНАМ само доколку претходно бидат извршени консултации помеѓу политичките партии и доколку се најде подобро решение од предложеното.
– Живеам во Куманово, па како пратеник на ЗНАМ сум единствениот од оваа пратеничка група кој добива пари за патни трошоци. Досега, во текот на 2024 година вкупно имам земено 34.000 денари врз основа на патни трошоци. Но, како пратеничка група нема да го поддржиме предлогот на Левица поради тоа што во собранискиот состав има луѓе кои живеат многу подалеку и кои имаат реални трошоци. Сепак, ние како пратеничка група би поддржале таков закон само во случај да седнеме со Левица и заеднички да изградиме решение како да се регулираат патните трошоци во иднина. Треба да се направи анализа за тоа колкави се реалните трошоци коишто ги имаат пратениците, а подоцна и да се најде решение како тие трошоци ќе се покриваат – ни изјави Стојчевски.
На прашањето дали тој лично би прифатил целосно да се откаже од патните трошоци, Стојчевски одговори дека за него тоа не претставува проблем, но како што рече, треба да се земе предвид фактот дека има пратеници кои живеат во подалечни градови.
– За мене лично не е проблем, но мора да имаме предвид дека во македонското Собрание има пратеници кои доаѓаат од Битола, Охрид, Ресен, Струмица… Тие на дневна основа трошат 2.000-3.000 денари само за патни трошоци. Практично, овие пратеници би останале без својата плата доколку сами си го плаќаат патот од дома до работа. Ние треба да разбереме дека сме луѓе и дека имаме семејства коишто живеат со нашите плати – изјави Стојчевски.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, вчера побара кратење на функционерските привилегии почнувајќи со ограничување на сумите за патни трошоци на пратениците.
– Ние не земаме ниту ќе земеме патни трошоци и сметаме дека е неопходно мнозинството да усвои рационален закон за нивно ограничување. Имено, познато е дека патните трошоци се злоупотребуваат од страна на функционерите и ова создава неверојатна фрустрација кај граѓаните. Нашиот предлог е патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 км – рече Мециновиќ.
Од Левица сметаат дека со овој предлог се нуди поприфатливо и пореално решение за патните трошоци, кое ќе биде прифатливо за целиот Парламент и ќе стави крај на астрономските суми кои пратениците ги земаат од државниот буџет.
– Според законската регулатива, всушност пратениците сега земаат пари за амортизации, за патарини, земаат пари практично како да возат на керозин, а не на бензин. Така што едноставно со интервенција во Законот за пратеници треба да се стимулира многу експлицитно само 6,5 литри на изминати 100 км, ниту амортизации ниту цифри кои пратениците би ги измислувале. Сметаме дека тоа е доволно, затоа што ние не земаме патни трошоци не затоа што сме будали, туку затоа што сметаме дека платите на функционерите се доволно големи за да ги покријат овие трошоци, а знаеме дека мнозинството нема да го прифати ако го предложиме во минатата форма како што беше во минатиот мандат каде всушност сакавме да го изедначиме со една автобуска карта. Значи тоа е модел кој што за нас е прифатлив, но затоа што мнозинствиото најверојатно не би го прифатило тој предлог, ние нудиме рационално и прифатливо решение за ова, затоа што фрустрацијата на граѓаните е јасна и мора веднаш да се реагира – рече Мециновиќ.
Од Левица посочуваат дека пратениците во 2024 година потрошиле околу 300.000 евра народни пари на патни трошоци, а околу 280.000 евра е потрошено за 2023 година.