ПРЕД СЛЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ЌЕ ИМАМЕ НОВ ЗАКОН ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА? Можноста за отповик на градоначалник е приоритет
Се очекува адаптацијата на Предлог измените на Законот за локална самоуправа да заврши до крајот на март а потоа да почнат консултации со сите парламентарни политички партии и да се отвори дискусија за новото законско решение.
Во Штип денеска се одржа вториот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа. Настанот е дел од серијата активности насочени кон активно вклучување на локалната самоуправа, експертите и граѓанскиот сектор во процесот на подобрување на законската рамка, со што се обезбедува поголема транспарентност и инклузивност.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека законската рамка, стара повеќе од 20 години, бара модернизација и усогласување со актуелните потреби на граѓаните и можностите на општините.
– Нашата мисија е јасна – подобрување на услугите што ги испорачуваат општините за поквалитетно секојдневие на граѓаните. Верувам дека денешната размена на идеи, иницијативи и коментари ќе помогне во усовршувањето на реформите што ги подготвуваме. Сите овие напори имаат за цел ефикасна и отчетна локална власт, а најголемата придобивка ќе ја почувствуваат токму граѓаните – изјави Перински.
Тој наведе три главни постулати во измените.
– Првиот е референдумска можност за отповик на градоначалник, којшто несовесно постапува или оној којшто не ја извршува својата функција. Втората е да се воведе и во законот да се препознае комуналниот редар. Затоа што навистина имаме можеби мал број да се превенираат и тие девијантни појави, коишто ги имаме од граѓаните и третиот главен постулат којшто се однесува во насока на измените на Законот за локална самоуправа е поголема вклученост на граѓанскиот сектор, бидејќи на тој начин сметаме дека локалните самоуправи можат да носат поиздржани и поквалитетни решенија за граѓаните – рече Перински.
Се очекува адаптацијата на Предлог измените на Законот за локална самоуправа да заврши до крајот на март а потоа да почнат консултации со сите парламентарни политички партии и да се отвори дискусија за новото законско решение. Очекувањата се дека од следните локални избори изменетиот Закон за локална самоуправа ќе биде применлив.
Министерот посочи дека предложените измени ќе донесат подобрување на транспарентноста, отчетноста, и учеството на граѓаните, воведување на комунални редарски служби, како и поттик за развој на помалку развиените подрачја.
Проф. д-р Гордан Георгиев, кој е дел од експертската група, истакна дека промените се насочени кон три клучни области.
– Првиот аспект се однесува на зацврстување на односот на општината и граѓаните кон јавното добро и хигиената. Вториот фокус е отчетноста на градоначалниците кон граѓаните, со можност за воведување механизам за отповикување како демократска контрола. Третиот аспект има за цел да ги отвори општините за поголемо вклучување на граѓаните во нивното работење – изјави Георгиев, кој го оцени процесот како конструктивен и со широка партиципација.
Домаќинот на настанот, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, ја поздрави иницијативата за отворање на Законот и накратко истакна дека тоа е чекор во вистинска насока за доброто на граѓаните.
Консултативната средба беше организирана од Министерството за локална самоуправа, со поддршка од проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Владата на Швајцарија и од Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и имплементиран од УНДП.