Сите лаги за рудниците (1)
Злоупотребата со ширење паника ја практикуваат екологисти вметнати во повеќе центри на одлучување и манипулирање, а пред сѐ поддржани од одредени центри на финансиска моќ кои сакаат да ги добијат рудните богатства на Македонија и во исто време со тактика на долгорочно исцрпување да бараме спас од нив и да нѐ остават на најдолната скала на сиромаштијата.
Со огромно жалење за играчите во делот на рударството (бакар, злато, сребро) кои одработуваат за Русија им соопштувам дека евроатлантските пријатели, пред сѐ, Комонвелтот (Обединетото Кралство, Канада и Австралија) ја ставија Македонија на светската карта на синџирот на бакарот имајќи предвид дека земјава има едно од најголемите наоѓалишта на бакар на Балканот, потенцијалниот рудник „Иловица –Штука“.
Злоупотребата на чувствата на граѓаните за еден од клучните проблеми на нивно животно општење е лажното и лошо информирање за проблемот со загадувањето, посебно за неговите причинители, е присутно како и самиот проблем. Ова го констатирал Ханс У. Тамемаги, геофизичар, еден од најголемите експерти за менаџирање со отпад на сите нивоа.
Оваа констатација посебно во делот на рударската индустрија најмногу сакаат да ја изманипулираат сите оние кои од само свои лукративно-економски, а не државнички причини ја мамат јавноста со дезинформации и ширење паника и така создаваат свои истомисленици кои немаат доволно информации за проблематиката.
За жал, оваа злоупотреба со ширење паника ја практикуваат екологисти вметнати во повеќе центри на одлучување и манипулирање, а пред сѐ поддржани од одредени центри на финансиска моќ кои сакаат да ги добијат рудните богатства на Македонија и во исто време со тактика на долгорочно исцрпување да бараме спас од нив и да нѐ остават на најдолната скала на сиромаштијата.
Овие центри на моќ кои доаѓаат исклучиво од истокот (Русија) ја потценија нашата eвроатлантска определеност, но пред сѐ и нашата научно-образовна спремност во следниве дисциплини: геологија, рударство, металургија, екологија и медиуми.
Нашиот почитуван професор по екстрактивна металургија од Мурдох Универзитетот, Западна Австралија, Австралија г-динот Александар Николоски, инаку син на професор по физичка хемија за металурзи при Технолошко-металуршки факултет Скопје, ми одговори на следниов начин: Сите рудни ресурси, секаде во светот, треба да се бараат, произведуваат и користат секогаш кога има соодветна технологија за тоа, и од тоа државата и индустријата да имаат корист за да се создадат подобри услови за живот на населението. „Руда под земја е како човек под земја“. Ако случајно нема соодветна технологија тогаш треба вработените на факултетите и научните институти да се фокусираат на нејзино развивање.
Мајката природа како што на Дебар му дала гипс со највисок квалитет, така на Источна Македонија ѝ дала бакар, злато, сребо, олово, цинк итн. Накратко, богатство во огромни размери кое може и треба да се искористи за доброто на сегашните, но и на идните генерации.
Но, за жал, ако на времето се учеше за рудници, минерали, рударски градови и нивната специфична и важна улога во државата, сега рударството се оцрнува и се прикажува како злостор. Зошто? Затоа што одредени личности сакаат да бидат дел од грабежот на сиромашниот народ и да го убедуваат дека ќе сме биле рударска колонија на НАТО„злосторниците“ и дека сега мора да сме екологисти со една девиза: Вие народе правете ние што ќе ви кажеме и не раскажувајте што ние правиме за сопствените банкарски сметки.
Како се одработува за Русија? На следниов начин. При менување на уставното име на Македонија политичката партија од редот на „зелените“, ќе го уцени тогашниот премиер со нивните два гласа дека ќе ги добие само доколку се случи измена во соодветниот Закон за минерални суровини. Ние гласаме за влез во НАТО, ама рудниците за бакар ќе бидат на Русите. Измената е следна:
Член 36
Концесија за експлоатација на минерални суровини
(5) Концесија за експлоатација на минерални суровини не може да се додели за постапки со лужење или флотација на металични минерални суровини со цијаниди или со сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Исклучок се концесиите за експлоатација на металични минерални суровини на веќе постојните рудници.
Оваа измена НЕ важи за рудникот Бучим каде сопственици се Руси. Иако компанијата тврди дека немаат ништо со Русија, рускиот амбасадор ги вбројуваше во стратешки инвестиции на Москва во Македонија. И замислете веднаш после оваа измена во Законот за минерални суровини рудникот Бучим дава предлог до Иловица-Штука да ги купи затоа што законот ним им дозволува да прават што сакаат.
Ама не е така. И во оваа класична измама учествуваат повеќемина.
Повеќе во следната колумна.